• среда, 15 јануари 2025
МИА Општински пул

12 август 2024 

Неготино - Со подготовка чај на енергија од сонце беше одбележан Меѓународниот ден на младите во Неготино. Настанот беше во организација на регионалната еколошка организација „Ековита“, членка на Национален младински совет на Македонија, во соработка со Градската библиотека „Страшо Пинџур“, а во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на младите, од страна на УНДП.

- Темата на денешниот настан е обновливи извори на енергија и младите. На младите им говориме за значењето на искористувањето на обновливите извори на енергија, како сончевите зраци и значењето на тоа, да се избегнуваат загадувачки извори на енергија. За таа цел, денеска практично им покажавме како се приготвува чај на енергија од сонцето. Со години наназад со разни подготовки на нашите соларни печки, со огледала што привлекуваат сончеви зраци, практично презентираме кои се позитивните придобивки од сончевата енергија, појасни за МИА Кристина Тодорова, долгогодишен активист во „Ековита“, дипломиран земјоделски инженер. 

Во текот на денешниот настан, што се одржува во амфитеатарот во паркот кај Спомен-костурницата,  присутните млади имаат можност да се запознаат и со соларен панел за полнење на мобилни телефони

Охрид  – Клубот на млади на Општинската организација на Црвениот крст од Охрид по повод Меѓународниот ден на младите под мотото „Од млади за млади“ денеска организира Отворен ден на Градскиот плоштад „Св.Климент Охридски“.

На настанот предвиден да почне од 19 часот младите волонтери на Црвен крст - Охрид ќе презентираат бројни активности во рамки на здравствено-превентивната дејност, првата помош, спасувањето на вода и планина, а најавена е и забава.

Посетителите, особено младите, ќе имаат можност, во зависност од своите желби и афинитети, да пополнат пристапници и се приклучат во најголемото хуманитарно семејство во светот за со своето делување да придонесат во намалување на ранливоста на населението.

Крива Паланка - Со изложба на приказни од градскиот живот и традицијата на Крива Паланка и видео спот посветен на младите, како завршни активности од проектите „Не кулирај - Волонтирај и креирај!“ и „Едукативно – креативен колаж за подобро ментално здраве“, што ги реализираше РЦС „Спектар“, во Градскиот музеј Крива Паланка беа промовирани двата проекти.

На јавниот настан „Да го осветлиме минатото во име на иднината“ беше поставена изложба на 20 печатени приказни за личности, настани, знаменитости, обичаи и случки, кои се резултат на истражувањата на младите волонтери за културното наследство, обичаите и традицијата во Кривопаланечко. Заедно со документи, фотографии и зачувани предмети, настанот предизвика интерес кај присутните и отвори дискусија за потребата да се истражи и запише кривопаланечката историја и култура.

Овој проект РЦС „Спектар“ го реализираше во партнерство со Градскиот музеј, а формираната волонтерска група со веќе стекнато искуство останува вреден чинител кој и понатаму ќе дава придонес за локалната заедница.

РЦС „Спектар“ го промовираше и видео спотот „Замисли си“, како финален продукт од проектот „Едукативно-креативен колаж за подобро ментално здравје“, реализиран во партнерство со ООУ „Илинден“ од Крива Паланка. Станува збор за авторска песна на учениците од ова училиште, создадена под менторство на експерти за арт терапија. 

Куманово - Кумановските пожарникари вечра извадиле човек кој паднал во бунар, во кумановската населба Карпош, информираа денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово како и од Територијалната противпожарна единица Куманово.

- Добивме повик од 112 дека човекот пропаднал во длабок бунар од околу 15 метри. Се упативме и со помош на јажиња, појаси, успешно го извлековме човекот и го предадовме на екипа на Итна помош Куманово за натамошно лекување, изјави Сашо Илиевски, командир на смена кој заедно со уште двајца колеги учествувале во интервенцијата

Интервенцијата завршила во 13:50 часот и како што е наведено во дневниот билтен на РЦУК, човекот е во добра здравствена состојба.

Во текот на вчерашниот ден, кумановските пожарникари интервенирале шест пати на опожарена сува трева и вегетација во липковските села Матејче и Отља, во кумановските Речица, Табановце, на „Никуљски пат“ и во село Никуљане.

Пожарникарите од Старо Нагоричане пак гаселе пожар во Челопек на запалено стрниште, сува трева, грмушки и гранки на површина од околу три декари. 

Неготино - Неготинец бил лишен од слобода по пријава од сопругата дека физички ја нападнал, информираа денеска од СВР Велес. 

- Синоќа во 18.30 часот, полициски службеници од Полициската станица Неготино го лишиле од слобода неготинецот Б.М.(59), затоа што во семејната куќа физички ја нападнал неговата 58–годишна сопруга. За настанот е известен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Кавадарци, а лицето е задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, соопштија од СВР Велес. 

Оттаму информираа дека вчера во 14.30 часот во Полициската станица Кавадарци, 35-годишник од овој град пријавил дека завчера околу 23.00 часот на градскиот плоштад во Кавадарци, неговата 14–годишна ќерка се качила во патничко возило „фолксваген голф“, во кое биле неколку лица, за да ја превезат до домот, но лицето кое го управувало возилото не запрело пред домот, туку продолжило со движење.

- Вчера малолетничката била пронајдена и била вратена во домот. За настанот бил известен Центарот за социјални работи и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од СВР Велес.

Скопје - За една недела на територија на општина Центар казнети се 103 возачи кои непрописно ги паркирале своите возила и со тоа го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Како што информираат ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар, од 5 август до 11 август годинава со помош на специјалните возила „пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 103 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

- ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар, се вели во соопштението.

Остани поврзан