МИА Општински пул
- 23 септември 2025
23 септември 2025
Кочани - На прес конференција во ОУ „Никола Карев“ од Кочани денеска беше промовиран проектот „Преку спорт до инклузивно и квалитетно образование“, чија вредност изнесува 15 илјади евра, обезбедени од Бугарската амбасада. Проектот се имплементира преку Македонско – бугарската стопанска комора, а носител е кочанското основно училиште „Нокола Карев“.
Проектот ќе се реализира во наредните седум месеци и со него ќе бидат опфатени и ученци од училишта надвор од Општина Кочани.
Основна цел е обезбедување инклузивно и квалитетно спортско образование и збогатување на училишната спортска опрема во „Никола Карев“, соопшти на прес конференцијата, Ирена Мирчовска, координатор на проектот.
- Целна група ќе бидат ученици од прво до деветто одделение во основните училишта во Кочани и регионот. Во проектните активности акцент ќе им се даде на децата со попреченост, како и на девојчињата во контекст на промовирање на еднаквите можности и пристап до било кој спорт. Во дел од активностите, освен учениците, ќе бидат вклучени и нивните родители, со цел да се покажат вистинските вредност на образованието и врската помеѓу децата и нивните родители, нагласи Мирчовска.
Проектот „Преку спорт до инклузивно и квалитетно образование“ првично требаше да започне со реализација на 1 март годинава, но трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ од разбирливи причини ги одложи сите предвидени активности.
Куманово - Прифатени се седум кандидатури за градоначалник во Куманово, а една е отфрлена, наведуваат од Државната изборна комисија. За советот, прифатени се 14 листи, две независни, останатите на партии и коалиции.
Според податоците на ДИК, потврдена листата на ЛЕВИЦА и кандидатот Мирослав Петковиќ, на Движење ЗНАМ-За наша Македонија-Максим Димитриевски, „Искуство за успех“ Коалицијата на ЛДП, Виолета Арсовска, на Национална алијанса за интеграција предводена од ДУИ со кандидатот, Селвер Ајдини, листата на коалицијата предводена од СДСМ со кандидатот, Мартин Костовски, на Коалицијата Влен – Арбен Етеми, отфрлена е листата на група избирачи и кандидатот Нинослав Јакимовски и прифатена е листата на група избирачи на Горан Стојковски-Диро.
434 кандидати има за местото за 31 советник во Куманово, наведуваат од ДИК, има вкупно 14 листи. Прифатени се листите на група избирачи со носителот, Месут Бајрами, Левица-Виторио Зафировски, Движење ЗНАМ За наша Македонија со носителката Ивана Ѓорѓиевска, група избирачи Иван Петковски, Коалиција „За зелена иднина“ со носителот, Сретен Стојковски. Потврдена е и лисата на Македонска Ера Трета/ Македонски Независни Листи-Суверенисти со носителот, Марјан Пешевски, на МААК, Аца Јаневски, на „Искуство за успех“ со Тома Глигоријевски, НАИ со Блејрим Исени, на СДСМ со Томица Илиќ, „За Твоја Македонија“ предводна од ВМРО ДПМНЕ со носителот, Владимир Михајловски, ДПСМ со носителот, Иван Стоиљковиќ, Коалиција ВЛЕН со носителот Скендер Османи, „Единствена Македонија“ со Сунчица Павлова.
Струмица - Полицијата ќе поднесе кривични пријави против двајца струмичани - едниот возел укараден мотор, другиот на велосипед „превезувал“ железна биста, соопштија денеска од СВР Струмица.
Имено, според соопштението, вчера во 08:15 часот во Валандово, полициски службеници го уапасиле А.Х.(31) од Струмица. Тој бил запрен додека управувал мотор „томос“ без регистарски ознаки, кој претходно бил пријавен за одземен од подрачје на ОВР Неготино. Од А.Х. бил одземен мопедот и за настанот бил запознаен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија.
Вчера во 18:45 часот, исто така во Валандово, полицајците го уапсиле Ј.В.(41) од Струмица. Тој бил затекнат како на велосипед превезува железна биста. Велосипедот и бистата биле одземени од Ј.В. За настанот бил запознаен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија, по чии насоки се преземаат понатамошни мерки за целосно расчистување.
И против двете лица по документирање на случаите полицијата ќе поднесе соодветни кривични пријави.
Струмица - Во струмичко нема дожд од почетокот на август и сушниот период скоро до минимум ги испразни хидроакумулациите. Во најголемата акумулација-Турија, засега има собрано околу 11,5 милиони кубни метри вода од вкупно 50 милиони, а минимумот е 10 милионин кубни метри.
Како што информираа за МИА од АД „Водостопанство на Македонија“-Подружница “Струмичко Поле“ Струмица, количините од оваа акумулација засега се доволни еднаш неделно да се наводнуваат површините и општините Струмица и Василево да имаат доволно вода за пиење.
-Се надеваме дека по толкав супшен период и нашиот регион ќе биде зафатен од врнежите кои се најавуваат на крајот од оваа недела. Доколку продолжи сушниот период, тогаш ќе се доведеме во ситуација максимално анагажирано да управуваме со количините води кои ќе се акумулираат во акумулациите, изјави Костадин Стојанов, раководител на Подружницата „Струмичко поле“ при АД „Водостопанство на Македонија“.
Според него, во втората по големина акумулација, Водоча, се измерени 8 милиони кубни метри вода од вкупно 27.
Инаку, од акумулацијата „Турија“ градот Струмица и повеќе населени места трошат меѓу 5 и 6 милиони кубни метри вода за пиење годишно.
Куманово - Националната установа Музеј Куманово подготви богата програма во рамки на „Европски денови на културно наследство“, информираа денеска од установата.
- „Европски денови на културно наследство“, почнуваат денеска, а завршуваат на 29 септември годинава. Програмата е разновидна, наменета за сите возрасти. Темата на годинашното одбележување е „Архитектонско наследство: Прозорец кон минатото – врата кон иднината“. Едукативни работилници, филмови, изложби се предвидени во рамки на програмата, отворени сме за сите заинтересирани и ја повикуваме публиката да ги проследи, изјави директорката на установата, Марија Живачки.
Денеска се одржа едукативната тура „Чекори и приказни“, при што учениците се запознаа со приказните за најпознатите градби од Куманово забележани во колективната меморија на кумановци.
- Шетајќи низ старите градски маала почнувајќи од најстарата Варош маала со посета на џамијата како најстар сочуван објект од културно значење, преку Занаетчискиот дом до тумбата, Старата црква и хотел Солун … се надеваме дека успеавме барем за кратко да ве вратиме во минатото, потсетувајќи ве дека старите градби не се обични камени ѕидови туку сведоци за нашиот идентитет, велат стручните соработници од музејот.
Дебар - Полициски тим од дебарското одделение за внатрешни работи синоќа интервенирал по повик на белгиски државјани - планинари, за помош и загрозена безбедност.
Во Одделението за внатрешни работи во Дебар повикот бил примен синоќа во 19:13 часот од страна на белгиски државјани кои планинареле во планински појас над Дебар, а потоа биле нападнати од кучиња.
-Констатирано е дека тие се наоѓаат во близина на селото Новак, општина Центар Жупа, по што полициски тим со теренско возило веднаш се упатил кон селото, каде заедно со ловочуварот од селото Новак ги пронашле тројцата планинари. Станува збор за белгиските државјани Л.М.(42), М.Л.К.(62) и Ј.Ј.(41), кои бие безбедно пренесени до нивното моторно возило, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи- Охрид.
Според него, тие појасниле дека откако поставиле камп шатор биле нападнати од овчарски кучиња, а бегајќи се качиле на столб за мобилна телефонија.
Лицата биле во добра здравствена состојба, без повреди.
Штип – Народниот Театар Штип (НТШ) ќе настапи на престижниот Меѓународен театарски фестивал „Отело“ во Гостивар, вечерва во 20:00 часот, со претставата „Пијани - литургија zero“ од Иван Вирипаев, во режија на Дејан Пројковски, информираат во писменото соопштението од Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип.
Посочуваат дека ова гостување претставува значаен момент за штипскиот Театар, бидејќи фестивалот „Отело“ е едно од најважните културни случувања во регионот кое овозможува размена на уметнички искуства и приближување на современиот театар до нова публика.
-Претставата „Пијани - литургија zero“ со својот уникатен стил и актерска игра на ансамблот на Театар Штип ја освојува публиката со искреност, духовитост и длабока порака. Настапот во Гостивар е уште едно признание за континуираната работа на нашиот ансамбл и потврда за уметничкиот квалитет кој го негува Театар Штип ,се вели во соопштението од НТШ.
Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во тековната работа на детската градинка „Гоце Делчев“, каде во моментов се одвиваат градежни активности за изградба на нова централна кујна, а набавени се и четири прочистувачи за воздух сместени во заедничките простории, како и реквизити наменети за подобрување на моторниот развој кај децата.
-Проектот за изградба на нова современа кујна, со површина од 150 м², претставува значаен чекор кон подобрување на грижата за децата во општината. Новата кујна ќе биде усогласена со највисоките хигиенски и технички стандарди и ќе има капацитет за подготовка на повеќе од 600 оброци дневно. Освен за потребите на градинката, оброци ќе се доставуваат и до основните училишта во општината каде има продолжен дневен престој, соопштуват од Општина Илинден.
Паралелно, со оваа инвестиција, општината отвора и нов простор за згрижување деца, така што старата кујна ќе се пренамени во две нови занимални, со што капацитетот на градинката ќе се зголеми за уште 50 дечиња, и градинката ќе може да згрижи вкупно 650 деца.