• недела, 21 јули 2024
МИА Општински пул

 7 декември 2023 

Охрид – Охрид и оваа година со низа манифестации, свечености и настани го одбележува патрониот празник на градот – Денот на Свети Климент Охридски.

Чествувањата започнаа пред два дена со промоција на книгата „Oхрид и охридско 1918-1929“ од проф. Михаил Патчев, за синоќа во Општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ да биде поставена ученичка изложба, а беа доделени и наградите на најдобрите литературни и ликовни творби. Учениците од Општинското музичко училиште „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето одржаа свечен концерт, а во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше одржана и свечената приредба на основното училиште „Св. Климент Охридски“.

Прославувањето на патрониот празник продолжуваат и денеска, со отворањето на изложбата на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“, во коорганизација на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија. Од 19 часот во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде отворена традиционалната изложба на Фото клубот „Охрид“, по повод Јубилејот 25 години од формирањето. Од 19:30 часот во големата сала на центарот ќе се одржи централниот настан по повод патрониот празник - Свечената академија на која ќе бидат врачени и највисоките општински награди и признанија.

За утре агендата предвидува поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во 11 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на светителот во ООУ „Свети Климент Охридски“, а напладне ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад.

Програмата предвидува и врачување награди на најдобрите поетски творби на конкурсот по повод Патронот на Охрид. Годинешните презнувања ќе бидат заокружени со проекција на филмот „Охрид, Охрид убав мил“ на охридскиот режисер Илија Пиперскоски во големата сала на Општина Охрид со почеток во 19 часот. 

Делчево - Изградба на старечки дом е избран за прв приоритет на завршната форумска сесија од Буџетскиот форум во Делчево. На третата форумска сесија која се одржа вчера, активно учествуваа претставници од месните и урбаните заедници, од граѓанскиот сектор и институции. Како што информираше Тони Стоименовски од Општина Делчево согласно со гласањето според изработената предлог-листа на приоритети од претходните две сесии, избрани се вкупно 51 приоритетен проект и 18 препораки.

-Според освоените бодови, се селектираше и листа од 10 приоритетни проекти меѓу кои петте најважни се изградба на старечки дом, изградба на кружни текови во Делчево, изработка на техничка документација на нов објект-куќа на културата за „Копачката“, Локалниот музеј на Делчево и библиотеката, пристапност со лифтови за ученици со инвалидитет во сите училиште и изградба на тротоар и осветлување од потегот на бензиската пумпа „Дади-компани“ до новиот градски пазар, истакна Стоименовски.

Останатите предложени 51 проект, како што додаде, ќе бидат земени предвид и нивната реализација нема да зависи од ранг-листата, туку од техничката изводливост и финансиските капацитети на Општината.

-Со одржувањето на третата форумска сесија заврши форумскиот процес за креирање на буџетот за 2024 година на Општина Делчево во кој активно учествуваа граѓаните. Целта на организација на форумите е граѓанско учество во процесот на донесување на одлуки, во случајот, приоритетните проекти за реализација за наредната година, додаде Стоименовски.

Форумите се во организација на Регионалниот центар за застапување и Општина Делчево.

Делчево - Во Делчево беа доделени наградите од натпреварот по изразно литературно читање што за првпат го организираше библиотеката „Илинден“ - Делчево, во соработка со двете основни училишта во градот.

- Право на учество на натпреварот имаа учениците од осмо и деветто одделение. Селекцијата ја направија наставниците по македонски јазик од двете основни училишта во градот. Од ООУ „Ванчо Прке“ се натпреваруваа пет ученици, а од ООУ „Свети Климент Охридски“- четири ученици. Сите читаа прекрасен текст изваден од читанка издадена 1984 година, информираше директорката на Библиотеката Биљана Петровска.

Најдобрите на натпреварот биле избрани од комисија составена од наставници по македонски јазик и претставник на Библиотеката.

- Комисијата ја сочинуваа Билјана Стоиловска, наставник по македонски јазик, Валентина Даневска, библиотекар и наставник по македонски јазик и Биљана Петровска, директор на ЈЛБ „Илинден“. Третопласирана беше Ива Велкова, второто место ѝ припадна на Ања Даневска, додека првото место го освои Клаудија Иванова, информираа од Библиотеката.

Следниот натпревар што заедно со двете основни училишта во градот ќе го организира ЈЛБ  „Илинден“ по Нова година, ќе биде за најдобра рецитација. 

Скопје - Без вода денеска од 10 часот се дел од корисниците лоцирани на улиците „Вуковарска“, „Струмичка“ и „Дижонска“ во општина Чаир.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на улицата „Вуковарска“ 15/1. 

Корисниците ќе бидат без вода се до санирање на дефектот. 

Скопје - Без струја денеска од 09 до 15 часот ќе бидат делови од Кисела Вода, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

Повикувајќи се на информација од ЕВН Македонија, РЦУК Скопје информира дека без струја ќе бидат дел од улицата „Антон Попов“, дел од улицата „Доситеј Обрадовиќ“, улицата „Дичо Петров“, дел од улицата „Димо Хаџидимов“ (кај „Шампионче“) и дел од улицата „Мишко Михајловски“ во општина Кисела Вода. 

Остани поврзан