МИА Општински пул
- МИА Општински пул
19 септември 2025
Охрид – Вештачката интелигенција (ВИ), како конкретна алатка што им стои на располагање на компаниите – не како експеримент, туку како суштински дел од процесите, беше во фокусот на дискусиите во рамки на 4 по ред регионална „Ingram & Vendors Networking“ конференција што се одржува во Охрид. На форумот на кој вообичаено се создаваат новите насоки во ИТ-индустријата на регионот беше истакнато дека ВИ претставува алатка што автоматизира, анализира, предвидува и реагира.
Околу 200 експерти од областа на информатичката технологија, бизнис-лидери, партнери и претставници на глобални и регионални компании, учесници на Форумот, ја искористија можноста да вкрстуваат визии, технологии и практики што ја дефинираат иднината на дигиталната трансформација.
- Ова не е само конференција. Ова е местото каде што најсилните умови од регионот во технологијата, бизнисот и иновациите се среќаваат за да го дефинираат она што следува… Ние го имаме знаењето, мрежата и моментот. Сега да го претвориме тоа во влијание“, посочи Филип Силјановски, генерален директор на „Инграм Микро“ за Македонија, Албанија и Косово, во своето обраќање пред присутните.
Заменик-министерот за дигитална трансформација на Република Северна Македонија, Радослав Настасијевиќ Варџиски, од своја страна посочи дека приватниот сектор е вистински катализатор на знаење, нови технологии и иновации.
Струга - Четири лица од Непал се пронајдени во возило на скопјанец во близина на граничниот премин Ќафасан, возачот приведен за криумчарење мигранти, соопшти денеска СВР Охрид.
Полициски службеници од полициската станица за граничен надзор во струшкото село Франгово, според информацијата, синоќа во 22 часот и 50 минути, од слобода го лишиле Џ.Б.(40) од Скопје, кај место викано „Борови“ на магистралниот пат Струга-Граничен премин Ќафасан.
- Тој се сомничи дека со неговото возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки врши криумчарење мигранти. Во близина на возилото забележани се четири женски лица кои се обиделе да избегаат, но веднаш се фатени и констатирано е дека станува збор за четири државјанки на Непал, од кои три на возраст од 22 и една на возараст од 34 години, појасни портпаролот Стефан Димоски.
Мигрантите и возачот се предадени во ОВР Струга за понатамошна постапка и по целосно документирање на настанот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Дебар - Жител на Дебар под неисправно патничко моторно возило пронашол оружје и муницијата, на улица во стариот, горен дел на градот, по што ја известил полицијата.
-Вчера во 16:30 часот во Одделението за внатрешни работи во Дебар е пријавено дека С.А.(52) од Дебар, под неисправно возило „опел астра“, паркирано на улица „Павле Џиковски“, пронашол автоматска пушка со дрвена рачка и со бајонет и една рамка за муниција со 29 куршуми за автоматска пушка калибар 7,62 милиметри, завиткана во ткаенина, информира Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Додаde дека увид на местото извршиле полициски екипи и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Виница - Винчини полека се консолидира и продолжува со работа, а целиот тим веќе е прилагоден во фабриките, соопштија од од Макпрогрес Груп.
На 6 септември во вечерните часови во пожар изгоре еден производен погон и два магацина на компанијата од Виница, еден од најголемите произведувачи на кондиторски производи.
- Целиот наш тим е вратен и целосно прилагоден во фабриките „Винчини“, „Сончева долина“, „Фантазија“, „Натура“, „Дони“, а и „Винчини чоколадна фабрика“. Навистина сме горди што ги преземаа сите предизвици како вистински шампиони, стои во официјалната изјава на Макпрогрес Груп.
Тие, како што наведуваат, искрено и од срце се благодарни за огромната поддршка што ја добиле.
- Ова е феномен, да се види како цела Македонија застана зад еден домашен бренд и зад еден мал град како Виница. Тоа од сега натаму ќе го дефинира нашиот бренд и нашата приказна, потенцираат во официјалната изјава за јавноста од Макпрогрес Груп.
Куманово - Колекционери на мали автомобилчиња од Куманово и од цела држава утре во паркот кај комплексот згради К4 и К5, во близина на Економското училиште ќе ги изложат своите модели во периодот од 12 до 18 часот, информираа денеска од Die-Cast Club „Автички бре“.
- Во организација на Die-Cast Club „Автички бре“ и локалните граѓани утре во Куманово ќе се одржи настан „И ја собирам автички, бре!“, кој оваа година се одржува по трет пат. Настанот ќе се одржи на 20-ти септември (сабота), со почеток од 12 до 18 часот, во паркот на „Октомвриска револуција“, помеѓу зградите „К4 и К5“. Организатор е Die-Cast Club „Автички бре“, кој подготви богата програма за сите возрасти, изјави Горан Стојанов, од здружението „Форма Куманово“.
На настанот ќе бидат претставени колекционери на минијатурни автомобили – „Hot wheels“ фанови. Гости на настанот ќе бидат „Бушава азбука“ и „Среќно детство“ со креативни детски работилници. За љубителите на уметноста и музиката, ќе бидат задолжени графити артисти од Здружението за ликовна уметност „Форма“ од Куманово, а воедно ќе бидат присутни и Q Rec-со изложба на винили, ДЈ Виктор, Пуца Череп, Никола НБК и 43ѕ.
- Паркот го уредивме самите-локално население, бидејќи има 20-тина згради. Тука сме постојано и е место за дружење, изјави Стојанов.
Настанот е отворен за сите, родители, деца и љубители на автомобилчиња, музика и уметност и како што најавија организаторите, денот ќе биде исполнет со дружење, радост, креативност и позитивна енергија. Паралелно ќе има и забавни игри за најмалите, а настанот ќе биде збоатен со исцртување графити на дел од станбените блокови.
Гевгелија - Во Гевгелија денеска и утре се одржува второто издание на „АРТ УМ“ Мултимедијален фестивал, во организација на ЗГ „АРТ УМ 023“- Гевгелија. Фестивалот е дел од програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ и ќе понуди уникатни едукативни содржини, креативни работилници, изложби и спектакуларни настапи на светски познати диџеи и уметници.
Како што соопштија од Општината, програмата за првиот ден е фокусирана на едукација и креативната индустрија.
-На платото пред Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, Vince Watson- британски продуцент и диџеј ќе одржи специјализирана работилница за музичка продукција и ќе сподели свои искуства и техники со младите уметници. За љубителите на музичката технологија, Ристо Раданлиев (Risto Inovates) ќе презентира нови модуларни уреди и техники за креирање музика. Исто така, во галерискиот простор на Театарот, љубителите на фотографијата ќе имаат можност да ја посетат Изложбата на Иван Калчев, гевгелиски фотограф чија работа нуди автентичен визуелен наратив. Активностите продолжуваат кафе-бар „У“ со диџеј сетовите на Томи Бојаџи и Самоил Радински, се наведува во соопштението од локалната самоуправа.
Утре фестивалската програма ќе се префрли во рекреативниот парк „Динќут“. Први на сцена ќе настапат локалните диџеи од „АРТ УМ“, по што ќе следуваат настапи на познатите домашни диџеи Herzel и Виктор Апостолски. Финалето ќе го означи настапот на британскиот продуцент и диџеј Vince Watson. Покрај музичката програма, публиката ќе има можност да ја доживее визуелната инсталација на Ице Капсаров, уметник чија работа комбинира светло, форма и движење во амбиентална композиција, создадена специјално за просторот на „Динќут“.
Програмата денеска почнува во 20:00 часот, а утре во 17:00 часот.
Скопје - На Школка во Градски парк вечер од 19 часот ќе се одржи централниот настан од годинашниот, 34. Меѓународен детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ кој, како и во минатите години, ќе почне со македонски ора што ќе ги изведат членовите на фолклорната секција од Детскиот културен центар „Карпош“ - организаторот на фестивалот.
Претходно, во 18.30 часот ќе се одржи дефиле на учесниците на фестивалот, кое ќе тргне од ДКЦ „Карпош“. Сите учесници ќе го формираат најголемото оро кое, како што наведува организаторот, „не познава граници и е симбол на пријателство меѓу децата“.
-„Оро без граници“ е симбол на пријателствo меѓу децата од државата и странство. Оваа година по 34-ти пат ќе се одржи овој спектакуларен детски фолклорен фестивал кој повеќе од 30 години ги соединува децата од повеќе вери и националности и со тоа го негува меѓуетничкото пријателство помеѓу децата особено преку раскошни костими и традиционални ора. „Оро без граници“ е празник на градот кој широко ги отвора вратите на Европа и на светот и е амбасадор на културата, соопшти Детскиот културен центар „Карпош“ за фестивалот кој го организира под покровителство на Град Скопје.