
5 март 2025
Штип - Со поставување на вториот слој на асфалт денеска заврши целосната реконструкција на улицата „Христијан Карпош“, која е и главна улица во населбата Леваци. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека со подобрување на временските прилики, асфалтните бази почнаа со работа, со што улиците кои чекаа втор асфалтен слој деновиве ќе бидат и комплетно завршени. За реконструкција на улицата „Христијан Карпош“ инвестирани се 3,5 милиони денари од буџетот на Општина Штип.
-Официјално почнува сезоната за асфалтирање. Во изминатиот период се работеше на неколку локации за припрема, коишто деновиве ќе бидат асфалтирани. Во моментов се наоѓаме во населба Леваци, овде се работи на вториот асфалтен слој на улица „Христијан Карпош“, ќе се асфалтираат и позициите во градот, каде што претходно се работеше на подготовки, какошто е конзолата на реката Отиња, вели Јорданов.
Крива Паланка - Учење преку работа, размена на искуства и спроведување пракса за младите медицинари и идни негуватели од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, е договорено со официјалната соработка воспоставена меѓу училиштето и еден од најголемите приватни домови за стари лица во државата, „Хантерс лајф“.
Директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Елена Ѓоргиевска и директорката на домот Сара Тодоровка, потпишаа договор за соработка со кој се овозможува кривопаланечките средношколци: медицинари и негуватели, да учат како на професионално и врвно ниво се пружа нега и грижа на возрасни стари лица.
Струмица - Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов денеска на прес-конфереција обвини дека заради блокада и опструкција од централната власт, односно од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), веќе една година доцни завршувањето на изградбата на булеварското решение од излезот на Струмица кон селото Дабиле, одосно кон границата со Бугарија.
Како што рече Костадинов, според потпишаната спогодба меѓу Општина Струмица и ЈПДП од 2022 година, обврска на Државни патишта била целосно да ги реши сите имотно-правни односи за експропријација на потребното земјиште на целиот опфат на трасата, која до денеска не е завршена.
Велес - Четири автобуски постојки се поставени на неколку локации во Велес. Смарт постојките се опремени со лед дисплеи на кои континуирано ќе се движат информативни содржини со фотографии и видеа, информират од Општина Велес.
Постојките се наоѓаат на улиците „8ми Септември“ (наспроти паркингот кај Основен суд Велес), на улицата „Алексо Демниевски Бауман“ (во непосредна близина на спортската сала),на улицата „Борис Трајковски“ (наспроти Пан Промет) и на улица „Благој Ѓорев“ (под Касарната).
Скопје - Без вода денеска од 14:15 часот ќе бидат дел од корисниците од улицата „Венијамин Мачуковски“ во Општина Аеродром.
Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, прекинот е поради изведување водоводен приклучок Ф-100 милиметри на улица „Венијамин Мачуковски“ број 5.
Битола - Директорот на НУ Народен театар-Битола Васко Мавровски и претседателката на Здружението на пензионери Даница Петличкова потпишаа Меморандум за соработка.
Со Меморандумот договорено е да се промовира и стимулира посетеноста на пензионерите на претставите на Народен театар-Битола, а здружението и установата ќе соработуваат и на други заеднички активности.
Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски денеска најави значајни инфраструктурни проекти со цел подобрување на сообраќајната поврзаност и животниот стандард на граѓаните.
Тој денеска беше домаќин на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински, кои во рамки на теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ во организација на Министерството за локална самоуправа, присуствуваа на отпочнување со реализација на проектите во оваа општина.
Неготино - Македонската специјална поштенска марка за поддршка на лицата со ретка болест „Душен мускулна дистрофија", беше официјално промовирана и претставена во Рим, во рамките на меѓународна конференција посветена на ретката болест „Душен мускулна дистрофија", информираше денеска Милица Пауновска, активист од Мускулна дистрофија асоцијација Македонија (МДАМ).
- Излезе од печат поштенска марка со поддршка за лицата со оваа ретка болеста ,,Душен мускулна дистрофија", убаво е кога луѓето си помагаат едни со други и си даваат поддршка. Работиме многу на терен, за да се подигне свеста за ретките болести. Во Рим бев како претставник на Мускулна дистрофија асоцијација Македонија (МДАМ), заедно со уште еден член од оваа асоцијација, Наќе Петридов, појасни таа.
Куманово - Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски денеска изврши увид во реализација на инфраструктрните зафати во индустриската зона Новини и Речица. Во моментов тече изградбата на водоводна мрежа, фекална, атмосферска канализација, изградба на дел од внатрени сообраќајнии, осветлување на зоната.
- Согласно реализацијата на проекти, финансирани од потпрограмата АА на Владата, во најголемата развојна зона е предвидена изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, изградба на дел од внатрешни сообраќајници, воспоставување на режим на сообраќај и осветлување на дел од внатрешни сообраќајници во зоната, информираше Димитриевски.
Куманово - Почна изградбата на детско катче во населбата „Перо Чичо“ во Куманово, соопштија денеска од локалната самоуправа. Ова е едно од петте детски катчиња кои ќе се изградат наредниот период како и едно спортско игралиште во близина на основно училиште во населбата „Карпош“. Од општинскиот буџет за оваа намена одвоени се речиси 15 милиони денари.
- Предвидена е изградба на пет детски катчиња и на едно спортско игралиште. Досега немало детски катчиња и простор за рекреација на овие локации, во населбите „Перо Чичо“, Зелен Рид“, на улицата „Тоде Думба“ и игралиште за младите во населбата Карпош, изјави претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.
Велес - Во втората половина на март Општина Велес треба да распише јавен повик за издавање на градскиот пливачки базен на пет години. Тоа ќе биде преку електронски систем за јавно надавање. Ваквата одлука беше донесена на последната седница на Советот на Општина Велес, која едногласно ја усвоија советниците.
Како што информираат за МИА од службите на Општина Велес, деновиве проценителите треба да направат репроценка на објектот, по што треба да ја направат почетната цена, а потоа посебна Комисија на Општина Велес ќе го изработи јавниот повик каде ќе се објави и почетната цена.
Штип - На Одделението за физикална терапија при Клиничка болница-Штип се намалени гужвите и тоа со помош на двата нови мултифинкционални апарати. Началникот на ова одделение, Никола Костадинов вели дека од средината на декември лани, кога беа ставени во функција до денеска се бележи значително олеснување, намалување на времето за терапија и намалува на редиците пациентите кои чекаа пред вратите на физикална.
На физикалното одделение при КБ Штип има пациенти од различни возрасни групи, а овде се работи и со деца.
Скопје - Општина Кисела Вода продолжува со својата заложба за подобрување на животниот стандард на своите повозрасни жители, воведувајќи за прв пат еднократна финансиска поддршка за најранливите категории пензионери. Со оваа мерка, финансиска помош ќе добијат сите пензионери кои примаат старосна, инвалидска, семејна или социјална пензија и се жители на општина Кисела Вода, а чии месечни примања не надминуваат 22.640 денари според јануарскиот чек за 2025 година. На секој од нив ќе му бидат доделени 2.500 денари како еднократна финансиска поддршка. Општината дополнително ќе го покрие и персоналниот данок, кој не е пресметан во овие средства. Оваа помош ќе се доделува се до исцрпување на предвидените средства, кои во буџетот на Општина Кисела Вода за оваа намена изнесуваат 7.000.000 денари.
-Со воведувањето на оваа финансиска поддршка, Општина Кисела Вода директно помага онаму каде што е најпотребно. Нашите највозрасни жители, пензионерите, заслужуваат сигурност и достоинствен живот, а ние како локална самоуправа правиме сè што е во наша моќ да им го олесниме секојдневието. Оваа мерка е уште еден чекор во континуираната грижа за повозрасните сограѓани, со која даваме конкретна финансиска помош, но и јасна порака дека тие не се заборавени- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски на средбата со повозрасните центарци во пензионерскиот клуб „Миле Арсовски“ информираше дека и годинава, општината ќе организира еднодневна екскурзија за пензионерите.
„Минатата година, заедно со членовите на Здружението на пензионери на Центар, бевме во посета на Крушево и на манастирот „Свети Преображение“, кадешто посадивме багреми. На оваа еднодневна пролетна прошетка си поминавме навистина многу убаво дружејќи се со нашите баби и дедовци коишто не израснале во одговорни индивидуи. На сите средби со нив изминатава година, потенцираат дека повторно сакаат оваа активност да се одржи. Денеска им ветив дека годинава повторно ќе се дружиме и заеднички ќе ја утврдиме локацијата, ќе посетиме познат македонски туристички центар со богата традиција. Општината ќе обезбеди превоз, доручек и убава дружба“, истакнува Герасимовски.
Скопје - Почна изградбата на трим-патека покрај коритото на река Серава. Денес е ден на голема радост за сите граѓани, бидејќи овој проект го чекаа повеќе од 40 години. Најголемиот капитален проект во општина Бутел - изградба на речно корито и трим-патека покрај реката Серава се реализира. Најголемото барање на граѓаните, денес е исполнето ветување на градоначалникот Дарко Костовски.
Трим-патеката покрај коритото на река Серава е во должина од 800 метри. На патеката ќе биде поставено смарт осветлување и нови клупи. Покрај тоа, ќе се изгради парк на површина од 5000 м2. Во првата фаза се уредува коритото на река Серава во должина од 1500 метри. Во втората фаза ќе се уреди површина во должина од 300 метри во населеното место Радишани. Локалната самоуправа уредува со камен речно корито во должина од 1800 метри. Општината вложува 65 милиони денари за уредување на речното корито и изградба на трим-патека. Изгледот на општина Бутел се менува. Сите граѓани заедно ќе спортуваат и ќе се рекреираат на кејот на реката Серава.
Кавадарци - Форумот на жени на СДСМ организира осмомартовски марш под слоганот „Исправени заедно, за еднаквост, правда и мир“. За ова денеска информираше претседателката на Форумот, Даниела Колева од Кавадарци.
- Форумот на жени на СДСМ поканува на традиционалниот осмомартовски марш, по повод Меѓународниот ден на жената. Овој марш е нашиот глас, со кој ја продолжуваме борбата за права и достоинство на секоја жена и девојка. Да покажеме што значи да бидеме заедно и обединети, соопшти Колева.