МИА Општински пул
- МИА Општински пул
28 јули 2025
Берово – Состојбата со пожарот на планината Готен на беровската страна е критична, неповолна и зафаќа нови површини, изјави денеска за МИА градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.
-Заштитниот појас, кој претходно беше направен од општествено одговорната компанија „Би груп“ е пробиен. Побарана е поддршка и од повисоко ниво. Така да цениме дека во текот на денот, таа поддршка да делува и да влијае на скоро локализирање на истиот.Но, состојбата е навистина критична, вели Пекевски.
Посочува дека во моментов гори високостеблеста шума, пожарот е високо во планината. Но, какошто вели ќе има ризик по населени места, доколку се пробие заштитниот појас и да почне да се симнува кон населените места во беровскиот регион.
-Доколку е потребна евакуација на одредени земјоделски стопанства, или луѓе кои чуваат добиток на планината. Генерално населените места сега, засега се безбедни. Но, постои ризик доколку навреме не се делува да пожарот се спушти во нивна близина, вели Пекевски.
Штип – Советниците во Советот на Општина Штип денеска ја изгласаа Предлог одлуката за поставување на 146 камери на 54 локации на Општина Штип. Камерите во рамките на проектот „Безбеден град“ ќе се постават на објекти како што се училишта, градинки, паркови, пешачки зони, игралишта и сообраќајници. Центарот каде што ќе следат камерите ќе биде лоциран во Општина Штип, а видео надзорот ќе се користи и за потребите на СВР-Штип.
Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова Ангелова појаснува дека 136 камери ќе бидат со една техничка спецификација, а десет камери се со друга техничка спецификација. Тендерската постапка за набавка на камерите и нивно поставување почнува веднаш, по донесената одлука.
-Нашата цел со овој проект е да ги заштитеме површините и објектите, каде што ќе се постават. Но, не само овие површини, туку и да ги заштитиме граѓаните, вели Шорова Ангелова.
Дебар - Претседателот на друштвото „Преспа" и поранешен градоначалник на Општина Пустец во реакцијата по синоќешниот фолклорен фестивал „Преспа" оценува дека „присуството на македонскиот премиер Христијан Мицкоски е јасен сигнал дека Македонците во Албанија не се заборавени".
-Присуството на премиерот Христајан Мицкоски ни даде јасен сигнал – Македонците во Албанија не се заборавени. Им благодарам на сите учесници, гости и поддржувачи – ова беше празник што ќе се памети!“, напиша Темелко во објава на Фејсбук.
Горд сум, додава, што во соработка со Општина Пустец го организиравме Македонскиот фолклорен фестивал „Преспа", кој оваа година го собра најдоброто од нашата култура, традиција и љубов кон Македонија.
Реагираше и познатиот македонски активист Панди Јани, кој на Фејсбук напиша „Македонскиот фестивал во Пустец - ден за историја, гордост и единство".
Kуманово - Од утре, по неколкудневна пауза поради одржувањето на европските младински олимписки игри повторно почнува со работа отворениот и затворен градски базен Куманово, информираа денеска надлежните од спортско-рекреативниот центар базени Куманово.
- Ги информираме посетителите на градски базен Куманово дека од вторник, утре затворениот и отворениот базен ќе бидат отворени за посетители со редовно работно време. Денеска ќе се изврши филтрација на водата, изјави директорот на ЈП „Куманово-Паркинг“, Андреја Маџовски.
Од претпријатието кое менаџира со спортскиот комплекс базени информираат дека интересот за користење на отворениот базенот постојано расте, особено за време на викендите и во деновите со високи температури. Лани, во текот на работните денови посетеноста се движела од 100 до 200 лица, а за време на викендите од 400 до 500 лица.
Струга - Под мотото „Гледајте филмови, нема каде да се бега“ од 7 до 10 август во Струга ќе се одржи деветтото издание на фестивалот за краток филм „Drim Short 2025“.
Главните проекции, како што соопшти тимот на Дрим Шорт, ќе се реализираат во Паркот на поезијата, а останатата програма на повеќе локации низ Струга.
- Ценејќи ги и славејќи ги оние кои создаваат филмови на кои се проектираат отсечоци од минатото до иднината, веруваме дека вербата во убавото што го нуди уметноста, e борба против хаосот на светот. Кога во реалноста не постои утеха, филмот е портал кон срцето, каде сѐ уште владее силата на разумот. Во време на егзистенцијално неизвесни секојдневија, филмските уметници не престануваат да измислуваат есенцијално поубави светови. А, бидејќи секој филм се создава да биде виден и да допре, тогаш улогата напубликата е да гледа филмови и да дозволи да биде допрена, или во контекст на денешниот поредок, да дозволи да биде спасена, соопшти организаторот.
Најавуваат дека гостите и публиката ќе има уникатна можност за средба и разговори за филм со еден од најважните кинематографи во светот Флоријан Хофмајстер и со бардот на македонското и балканското глумиште, Никола Ристановски, кој ќе одржи мастерклас.
Битола - Центарот за култура од општина Сесвете во градот Загреб, во Битола промовира изложба на хрватски накит со акцент на стаклени мониста.
Во изјава за МИА, Вјекослава Дамјановиќ, директорка на Центар за култура-Сесвете истакна дека изложбата содржи хрватски рачно изработен накит од сите краишта на Хрватска.
-Изработуваме етно накит од сите краишта на Хрватска, но и етно накит кој го изработиле хрватски кои живеат во странство. Ние изработуваме накит од стаклено зрно и нижиме мониста. На нашите работилници учествуваа само жени особено кога се работи за мониста, додека на работилниците за текстил и ткаенини учествуваат и мажи. Материјалите за изработка на накит набавуваме и од Чешка и на тој начин ја следиме традицијата на нашите претходнички кои пред многу години набавувале материјал токму од Чешка. Изработуваме се, бројаници, бисери и друг накит, истакна Дамјановиќ.
Изложбата е во рамки на фестивалот „Илинденски денови“ и на покана на македонско-хрватското друштво „Марко Марулиќ“ од Битола.
Скопје - Учениците од основните училишта во општина Кисела Вода добија нов затворен базен. Станува збор за базен што е дел од ООУ „Невена Георгиева - Дуња“, а како што беше истакнато на денешното свечено отворање, ќе им биде на располагање и на основците од другите училишта во оваа општина.
Љубен Илиевски од „Енергоинвест трејд“ во изјава за медиуми појасни околу тоа со што располага базенот.
- Техничките карактеристики на базенот се должина 30 метри, ширина 20 метри, со габаритна површина од 600 квадратни метри, со димензија на коритото 9х25 метри и со длабочина на коритотот за пливање од 80 сантиметри до 120 сантиметри. Во склоп на базенот се уградени машински инсталации најнеопходни за функционирање и работа на затворен пливачки базен. Пратечки простории изведени во склоп на објектот се санитарии и гардероби поделени во два дела - машки и женски дел, рече Илиевски.
Премиерот Христијан Мицкоски посака да бидат завршени уште многу вакци проекти.
Скопје - Град Скопје информира за реконструкции во средното училиште „Кочо Рацин“ со кои, како што наведува, „училиштето има современ, функционален ентериер целосно прилагоден на потребите на учениците и наставниот кадар“.
-Како дел од заложбата за унапредување на инклузивноста во образованието, во училиштето е поставена и нова сензорна соба, посебно дизајнирана за средношколците со попреченост, која претставува мирно и безбедно катче, приспособено на специфичните потреби на учениците, со цел подобрување на нивното секојдневно функционирање во училишната средина, соопшти Град Скопје.
Сензорната соба е дел од проектот на Град Скопје за опремување на сите 23 средни училишта во градот со сензорни соби.
-Проектот континуирано се имплементира, со активности и адаптација на просторот во функција на поддршка на учениците со попреченост. Град Скопје продолжува со нови инвестиции во средните училишта, а до почетокот на новата учебна година се предвидени и дополнителни инвестиции со што ја потврдуваме нашата посветеност кон создавање квалитетна, инклузивна и модерна средина за сите наши средношколци, се наведува во соопштението.
Скопје - На прием кај градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски денеска беа младите танчери од балетското студио „Марбал“, кои неодамна се вратија од Атина, Грција, како светски шампиони на интернационалниот натпревар „WADF GREECE 2025“, под покровителство на Светската федерација за уметнички танц.
Како што информира Општина Илинден, тимот, составен од деца на возраст од осум до 12 години, се натпреваруваше во категоријата „show dance formation juniors“ и го освои првото место. Освен тоа, младите танчари постигнаа одлични резултати и во други соло категории, освојувајќи уште четири први места, две втори и две петти места.
Градоначалникот Георгиевски им честитал на децата и изразил голема гордост што токму младите таленти од Илинден се дел од светската ѕвезди во уметничкиот танц. Тој нагласил дека општина Илинден секогаш ќе стои зад младите надежни уметници и ќе ја продолжи својата поддршка за развој на детскиот и младинскиот потенцијал во сите области.