• четврток, 26 март 2026
МИА Општински пул

13 јуни 2025

Дебар - Полициски службеници од дебарското одделение за безбедност на патниот сообраќај Дебар лишиле од слобода жител на село Џепиште, кој управувал патничко моторно возило со 2,69 промили алкохол во крвта.

-Вчера во 12:40 часот лишен од слобода е Џ.Е.(54) од с.Џепиште, Дебарско. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „форд“ со дебарски регистарски ознаки, кое го управувал и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 2,69 промили алкохол во крвта, информираа од Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, приредил прием за учениците од општинските основни училишта кои освоиле високи места на државните натпревари и им доделил признанија за постигнатите резултати.

-Градоначалникот им ги честиташе успесите на учениците и нивните ментори и истакна дека е горд што има голем број наградени ученици од општина Илинден. Тој додаде дека локалната самоуправа посветено цели да ги промовира и поттикнува постигнатите успеси и достигнувања на учениците од општината, соопшти Општина Илинден. 

Прилеп - Со доделување на наградите и со претставата „Вистината“ на Театар Комедија“ во чест на наградените, вечер во Прилеп ќе заврши 59. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој почна на 6 јуни.

Жири-комисијата во состав Нела Оташевиќ од Црна Гора, Лилија Абаџиева од Бугарија и Иван Меденица од Србија денеска напладне ќе соопшти која од претставите на македонските театри е најдобра на годинашново фестивалско издание. Во трката за награди се девет претстави. Публиката ги виде: „12“ на МНТ, „Црно семе“ на Битолскиот театар, „Сите прекрасни нешта“ на Штипскиот, претставата „Ричард Трети“ на Албанскиот театар-Скопје, „Парови“ на Драмски театар-Скопје, „Бура“ на Прилепскиот театар, претставата „Рацин“ на Велешкиот театар, „Пар распар“ на Театар Комедија и претставата „Слепци“ на Турски театар-Скопје.

Крива Паланка - Општина Крива Паланка го најавува почетокот на „Кривопаланечко културно лето“ 2025, опсежна културна програма со над 60 настани и содржини наменети за сите генерации, што има за цел да ја плени публиката од целата држава и поширокиот регион, дополнително поттикнувајќи го културниот туризам во градот, се наведува во соопштението од Општина Крива Паланка.

Културната програма во Крива Паланка за ова лето со над 60 настани започнува на 19 јуни. -Програмата ќе биде отворена на 19 јуни со атрактивното стенд-ап шоу на неповторливиот Сашко Коцев, што ќе се одржи во Националната установа Центар за култура, Крива Паланка, а предвидената летна културна програма нуди атрактивни содржини за сите генерации: концерти, изложби, литература, уметност, џез, поп-рок музика, фолклор, гастрономија, понуда, за која, веруваме, ќе се бара место повеќе за присуство и ќе приреди незаборавно уживање за публиката од државата и регионот, велат од општината.

Кочани - Општествено одговорните компании „Амфенол Технолоџи Македонија“ и „Еко оил“ од Кочани обезбедија донација за ново сообраќајно поврзување на индустриската зона во месноста Цацков Бунар со постоечкиот алтернативен пат кон селото Тркање.

Со договорот што двете компании неодамна го потпишаа со Општина Кочани, наскоро ќе почнат и градежните работи со што ќе се овозможи безбеден пристап за неколку илјади вработени во стопанските субјекти кои гравитираат во овој дел на Кочани.

Скопје - Општина Бутел по повод 20 години од своето формирање додели 250 стипендии на најуспешните спортисти од општината, кои вчера им ги врачил градоначалникот Дарко Костовски.

-Беа доделени рекорден број стипендии, во транспарентна постапка, со објавен Јавен повик. Стипендиите се поделени во шест категории: прва категорија – во времетраење од една година, во износ од 12.000 денари месечно; втора категорија - во времетраење од една година, во износ од 8.000 денари месечно; трета категорија - во времетраење од една година, во износ од 5.000 денери месечно; четврта категорија - еднократно, во износ од 24.000 денари; петта категорија - еднократно, во износ од 10.000 денари; шеста категорија - еднократно, во износ од 6.000 денари, информира Општина Бутел. 

Скопје - Корисниците од улиците „Боро Петрушевски“ и „Ѓорги Абаџиев“ во Општина Центар ќе немаат вода поради поставување водоводен приклучок на ул „Боро Петрушевски“ бр 14.

ЈП Водовод и канализација-Скопје соопшти дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 11 часот и ќе трае до завршување на интервенцијата.

Тетово - Во ОСУ „Ѓоце Стојчески“ во Тетово денеска ќе се одржи промоција на муралот на Недим Бајрами, како посебна благодарност за достигнувањата и достојното претставување на нашата земја.

Од Општина Тетово најавија дека по промоцијата на муралот на Бајрами, изјави за медиумите ќе дадат градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами и Недим Бајрами. 

Битола - Во рамки на активностите за промоција на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, денеска во салата на кино „Манаки“ во Битола ќе се одржи информативен ден.

На информативниот ден во Битола ќе бидат присутни претставници од Министерството за економија и труд, Агенцијата за вработување и Агенцијата за поддршка на претприемништвото, како и претставници од општините Битола, Могила, Новаци, Ресен и Демир Хисар.

 

Остани поврзан