МИА Општински пул
- 2 септември 2025
Струмица - Триесет и третото издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кое традиционално почнува на 8 септември, на Денот на независноста, годинава на програмата има 13 остварувања од земјава, Бугарија, Србија и Италија, кои ги одбра селекторот Љупчо Ѓоргиевски.
Фестивалската завеса ќе ја кренат актерите од струмичкиот театар со претставата „Синот“ од Флоријан Зелер во режија на Благој Мицевски, а со камерни театарски остварувања ќе се претстават и актери на МНТ, Драмскиот театар од Скопје, Народниот тетар од Битола, Кумановскиот театар и Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, а на програмата се и две монодрами и копродукциски проекти.
Фестивалското жири, кое ќе одлучува за единствената награда на највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, кое се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, ќе го предводи ланскиот лауреат, Долорес Лео Поповиќ.
Кочани - Општина Кочани доби уште еден независен кандидат за градоначалник. После Венко Крстевски, актуелен в.д. на таа функција, кандидатура поднесе и Зоран Тодоров, чие име беше спомнувано како можен кандидат за градоначалник на една од двете најголеми партии во државата.
Сепак, Тодоров, реши сам да настапи на локалните избори закажани за 19 октомври и ја поднесе својата кандидатура како независен.
Тој е повеќегодишен граѓански активист. Еден од основачите е на неколку организации и здруженија, меѓу кои Ротари клубот „Кочани-Виница“, „Воскресение“ и Одбор ,,За здрав живот“. Во моментов го раководи Центарот за солидарност ,,Сакам живот во Кочани".
Зоран Тодоров е роден во 1978 година во Кочани, а по професија е економист.
Во Кочани поднесени се и две листи со независни кандидати за членови на идниот совет. Едната од Благица Сабовљевиќ Стојменова, другата од Аки Акиов, кој е дел од Советот на Општина Кочани во заминување.
Штип – Продолжен е притворот на 43 годишниот родител од Скопје, кој на 24 август на фудбалскиот натпревар на фудбалерите од генерација 2009-2010 година меѓу клубовите „Шкупи“ и „Брегалница“ на стадионот „Бело Брдо“ во Штип физички напдна двајца малолетни фудбалери. Судијата на претходна постапка и воедно и портпарол на Основниот суд во Штип, Сашко Георгиев денеска за МИА потврди дека на лицето А.А од Скопје веќе му е продолжен притворот од 30 дена, по што по скратена постапка ќе следи и судење. Закажано е и судското рочиште во штипскиот Основен суд на 18 септември.
Основното јавно обвинителство во Штип веднаш по настанот поведе и итна постапка против 43 годишниот родител за кривично дело – Насилство од член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик, а кој извршил грубо насилство на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на фудбалски натпревар меѓу младинските екипи на фудбалските клубови „Брегалница“ и „Шкупи“.
-Со дејствијата тој ја загрозил сигурноста на две деца родени 2010 година, играчи за тимот на „Брегалница“, нанесувајќи им телесни повреди. Освен тоа, кај оштетените, останатата присутна публика и во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв, информираше Обвинителство на 25 август.
Македонска Каменица – Општина Македонска Каменица ја распиша јавната набавка за изведба на првата целосна реконструкција на Здравствената станица во градот, информира градоначалникот Димчо Атанасовски.
Како што посочи тој, во првата фаза ќе се изврши замена на кровната конструкција, целосна замена на надворешната столарија од прозорци и врати, како и партерно уредување на влезовите.
– Ова е прва ваква интервенција од изградбата на Здравствената станица до денес. Со оваа инвестиција ќе се овозможат подобри услови за работа на здравствените работници и поквалитетна услуга за граѓаните, изјави Атанасовски.
Втората фаза од проектот предвидува поставување лифт за пациентите, енергетски ефикасна фасада и целосна замена на електричната, водоводната и канализационата мрежа. Со тоа, како што нагласи градоначалникот, објектот ќе биде целосно модернизиран.
Скопје – Основниот кривичен суд во Скопје денеска донесе пресуда со која Сулејман Љамалари е осуден на две години затвор за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Како што потврдија од судот, во изречената казна ќе се засмета и времето кое обвинетиот го поминал во притвор.
Случајот се однесува на инцидентот од 11 јули 2025 година, кога Арсовска била на терен со овластени службени лица по пријава за бесправна градба. Според обвинението, Јамалари пристигнал со електричен тротинет и ја нападнал градоначалничката физички и вербално, нанесувајќи ѝ телесни повреди и упатувајќи сериозни закани.
Во текот на судскиот процес, обвинетиот тврдеше дека не е напаѓач, туку жртва на настанот, и дека бил нападнат од Арсовска. Тој изјави дека само се обидувал да го тргне нејзиниот телефон за да спречи неовластено снимање, и дека бил удрен со нога од страна на оштетената.
Во сведочењето, пак, градоначалничката го опиша настанот како „агресивен и опасен“, при што таа се чувствувала „загрозено, несигурно и исплашено“. Според неа, нападот траел над 40 минути, а интервенцијата на полицијата била неопходна.
Струмица- Од СВР Струмица соопштија дека вчера 21:55 часот на автопат „Пријателство“, кај село Прдејци, гевгелиско, полициски службеници го уапсиле Д.Д.(25) од Кавадарци, кој, при контрола со радар, управувал автомобил „бмв“ со бугарски национални ознаки со брзина од 217 километри на час на место каде што максималната дозволена брзина е 120 километри.
Во соопштението се додава дека за настанот бил запознаен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија, а по документирање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“.
Куманово - Почна реконструкција на дел од малиот градски плоштад во Куманово, соопштија денеска надлежните.
-Во тек е реконструкција на дел од малиот плоштад кај НУЦК „Трајко Прокопиев“. Активностите опфаќаат набавка, транспорт и монтажа на окапници од гранит, како и ѕидни гранитни елементи, со што просторот ќе добие уреден и модерен изглед, информираше, денеска градоначалникот на општината, Максим Димитриевски.
За реконструкција на овој дел од плоштадот, од општинскиот буџет одвоени се 15, 2 милиони денари со вклучен данок на додадена вредност. Работите на терен ќе ги изведува компанија од Прилеп.
Струга - Пет независни кандидати за градоначалник и три независни советнички листи биле доставени до подрачното одделение на Државната изборна комисија во Струга, потврдија за МИА од ДИК-Струга.
Рокот за собирање потписи за независни кандидатури за Локалните избори 2025, кои се закажани за 19 октомври истече ноќеска.
Доставување кандидатури за градоначалничката трка и и листи поддржани од политичките партии е до 13 септември. По истекот на рокот јавно ќе бидат објавени сите потврдени листи.
Штип–На територија на Општина Штип од 1 јануари до 31 август 2025 година се заловени и третирани вкупно 59 бездомни кучиња, информира денеска комуналниот инспектор во Општина Штип, Борче Везенков. Тој посочува дека по пријави на граѓани на територија на Општина Штип се заловуваат бездомните кучиња, а кои по нивно соодветно третирање се враќаат на локациите, каде што биле заловени. Минатата недела се заловени седум кучиња скитници од страна на ветеринарниот оператор од Куманово.
-Во претходната недела се изврши заловување на кучиња скитници на територија на Општина Штип. Последниот пат од операторот од Куманово се заловени седум кучиња кои се однесени во ветеринарната станица во Куманово. При нивното кастрирање, вакцинирање, се враќаат на местото каде се заловени, согласно законот, изјави Везенков.
Тој посочи дека граѓаните може да пријават во општината доколку во нивното место на живеење има бездомни куќиња, па согласно пријавата се реагира. Посочува дека има и реакции од страна на граѓаните и за носење кучиња од други населени места и градови, но како што вели Везенков досега таков пример не е утврден на лице место.
Струмица - Хероите на Струмица нашите пожарникари спасители од септември ќе ја добијат заслужената награда за својата храброст и пожртвуваност. Со новите решенија тие ќе бидат најплатени во Македонија, со месечна плата од 80.000 денари, објави на неговиот фејсбук профил градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Според него, тоа е најмалку што можело да се направи за луѓето кои секојдневно го ризикуваат сопствениот живот за да спасат туѓ.
-Истовремено, потпишани се решенијата и за сите вработени во општинската администрација, кои согласно колективниот договор ќе добијат 20 отсто зголемување на платите. Тоа е порака дека трудот и посветеноста во служба на граѓаните не остануваат незабележани, додава во објавата Костадинов.
Крива Паланка - Преку нова мерна станица за проточност на водата, поставена на мост на Крива Река во централното градско подрачје, општината прави исчекор кон побезбедна Крива Паланка преку следење и соодветно управување со водните ресурси.
-Општина Крива Паланка о рамки на проектот "Урбани поплави" (UrbanFloods), кофинансиран од Европската Унија преку програмата ИПА АДРИОН, заедно со Центарот за управување со знаење постави современа мерна станица за проточност на вода на пилот-подрачјето на Крива Река. Оваа напредна технологија овозможува следење на проточноста во реално време, анализа на трендови и можни ризици и навремено предупредување и подобро управување со водните ресурси. Со новата станица, локалната заедница добива силна алатка за превенција и справување со ризикот од урбани поплави, кои претставуваат сериозна закана за инфраструктурата, животната средина и секојдневието на граѓаните, се наведува во соопштението од Општина Крива Паланка.
Демир Хисар - Општина Демир Хисар го одбележа празникот „Втори Септември“ ден на ослободувањето на градот, кој според градоначалникот Никола Најдовски, годинава се слави скромно и достоинствено.
Според востановената традиција, делегација на локалната самоуправа предводена од градоначалникот Никола Најдовски положи цвеќе пред Спомен обележјето на Стојан Лазаровски и споменикот на незнајниот борец во градскиот парк во Демир Хисар, а во Домот на културата „Илинден“ се одржа и свечена седница.
-Годинава празникот го славиме и одбележуваме скромно и достоинствено. Потсетивме на минатото и посочивме на иднината на нашиот град кој е во подем и развој. Втори септември е датум кој останува запишан во нашата историја како симбол на храброста, пожртвуваноста и љубовта кон слободата. Денес ние не само што се сеќаваме на минатото, туку и ја градиме иднината на нашите деца и идните генерации. Втори септември не е само датум на сеќавање. Тоа е потсетник на обврската што ја имаме пред нашите предци и пред сите борци, да го развиваме нашиот град чесно, одговорно и достоинствено. Тоа е завет кон минатото и патоказ за иднината, истакна градоначалникот Најдовски, на денешната свечена седница во Демир Хисар.
Охрид - Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска го прими младиот спортски херој Марко Пејчиновски, кој минатата недела успешно го совлада „Ironman“ предизвикот долг 107 километри.
Пецаков, како што соопшти Општина Охрид, му доделил плакета со лична посвета на Марко, при што истакнал дека со неговата упорност и истрајност е гордост за Охрид и инспирација за целата заедница.
- На средбата му беа посакани уште поголеми идни успеси, со верба дека неговата спортска приказна ќе биде поттик за многу други млади охриѓани да чекорат по патот на дисциплината, здравјето и спортските предизвици, стои во информацијата.
Марко Пејчиноски има 19 години и, според Општина Охрид, е најмладиот пливач кој го препливал Охридското Езеро од Охрид до Свети Наум во двата правци. Тој реализирал и 10 препливувања на разни релации на Охридското Езеро, во вкупна должина од 250 километри, што беше своевиден рекорд.