МИА Општински пул
- МИА Општински пул
2 септември 2024
Скопје - Приватните превозници постигнале договор со ЈСП и повторно ќе возат, откако денеска им биле префрлени 80 проценти од долгот или 40 милиони денари за пакет 1. Според Оливер Петрушевски, приватен превозник од пакет 1, некои од колегите веќе се на линиите низ Град Скопје.
- Двата пакети, пакет 1 и пакет 3, кои сабајле возеа само по една тура, сега колегите се активираат од гаражите за да почнат да возат и да ги опслужуваме граѓаните на Град Скопје, изјави Петрушевски.
Петрушевски, исто така, посочи дека веќе има некои разговори и за цената на километарот и повика тоа да биде разговарано на следната седница на Советот на Град Скопје.
-Очекуваме на првата седница на Град Скопје да биде ставена како точка на дневен ред. Советниците на Град Скопје ќе мора да одлучат дали ќе ги прифатат нашите барања за километарот да биде рентабилен и да можеме во иднина да го обновиме возниот парк и да ги плаќаме шоферите со подобра плата за да не ни бегаат, посочи Петрушевски.
Прашан дали протестот е дело од политичките превирања во градската власт, Петрушевски рече дека, не се политички во ниту еден поглед и дека само си ги бараат своите пари.
- Два месеци досега возиме наизменично и прва и трета смена, но сега дојдовме во ситуација едногласно сите колеги, дека нема средства за да продолжат да возат. Немаше што да правиме и мораше да застанеме, изјави Петрушевски.
Дел од приватните автобуси претходно се заканија дека денеска ќе сообраќаат по само една смена, од пет часот, односно дека еден автобус ќе вози само една тура, на една линија и тоа на автобусите со број 45, 23, 63, 73, 61, 63, 22, 52, 54, 19 и 20.
Струга - Одложена е главната расправа во судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“, вреден 67 илјади евра. Таква одлука судот донесе на денешното рочиште по барањето на одбраната за изземање на судијката Надица Митреска, поради, според нив, кршење на правата на обвинетиот.
Јавниот обвинител во Основно јавно обвинителство Струга Никола Јолески изнесе докази со кои укажа дека делото не е застарено, на претходното барање на адвокатот на Мерко Игор Петкоски судот да го одбие обвинителниот предлог поради изминување на рокот за обвинение.
Јолески прикажа известување дека на 13 јануари 2021 година јавниот обвинител кој го работел предметот од ОЈО ГОКК Скопје доставено до МВР БЈБ во врска со проверка на наводите по иницијативата на Државната комисија за спречување корупција во делот за јавна набавка од каде произлегува и тоа обвинение. Со тој доказ, смета дека се утврдува прекин на застарувањето и обвинението не е застарено за кривично гонење.
Судијката Митреска го прифати приговорот на обвинителот и заклучи дека рокот на застареност е прекинат и оти застареноста не е никаква привилегија на сторителот на кривичното дело. Барањето за нејзино изземање од случајот, според неа, е законско право на одбраната за што треба да одлучи Претседателот на судот.
- Барањето за изземање и законско право, ако странката смета дека има простор. Јас сметам дека сум непристрасна и дека постапувам аполутно совесно и согласно закон. Ќе почекаме одлука и ќе видиме. Мојата одлука е одбивање на приговорот за релативна застареност, бидејќи настанал прекин, изјави Митреска.
Одбраната пак, предводена од адвокатот Петкоски, посочува дека судечкиот судија одлуката ја донел без приложување на доказите од обвинителот и можност да се произнесат по нив.
- Судијката во рок од една минута го проучи овој доказ, кој остана непознат за одбраната и донесе одлука судењето да продолжи со што го одби приговорот на одбраната за застареност на кривичното дело. Ваквото кршење на законски загарантираните права одбраната нема да дозволи и затоа побара изземање на судечкиот судија од овој предмет, истакна Петкоски.
Одбраната во рок од 24 часа до Претседателот на Основниот суд Струга треба да достави образложен предлог зошто бара изземање на судечкиот судија, по што ќе се знае дали предметот ќе остане кај истиот судија или ќе биде префрлен кај друг.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал го товари струшкиот градоначалник за злоупотреба на службената положба, за набавка на четири автомобили во вредност од околу 114.000 евра, меѓу кои и луксузен „Ауди А6“ во период кога Општината имала бликирана сметка.
Штип - Од денеска со почетокот на новата учебна година се враќа во функција јавниот превоз за учениците на територија на Општина Штип и Карбинци, изјави денеска директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Панче Стефановски.
Посочи дека од утрово, јавниот авобуски превоз се одвива во најдобар ред, без никакви проблеми и задоцнувања во однос на поаѓањето. Сите ученици се земени навреме и безбедно однесени до училиштата.
-Од одгговорните лица во оваа дејност имам информации дека ова утро, јавниот превоз се одвива во најдобар тек, сите линии на територија на Општина Штип и на Општина Карбинци функционираат нормално, без некакви задоцнувања и проблеми. Сите ученици се земани и безбедно однесени до училиштата и се надевам, дека ќе продолжиме понатаму да функционираме без никакви проблеми, како и во изминатата година, рече Стефановски.
Тој вели дека возните редови за јавниот превоз ќе бидат објавени на на социјаните мрежи, а со тоа граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со линиите.
Од денеска јавниот автобуски превоз во Штип добива уште две нови линии или какошто вели Стефановски се воведе и четврта зона која ја опфаќа и новата линија од Трговскиот центар, селата Лакавица, Софилари, Пенуш, Драгоево, Селце. Втората линија е во правец кон Општина Карбинци, кон селата Караорман и Долни Балван, а двете нови линии се достани за сите граѓани. Идејата на ваквиот линиски превоз е да има безбеден, но и поевтин превоз кој ќе биде достапен и за жителите од Општините Штип и Карбинци.
Штип - Новата учебна година не започна за помалиот син на штипјанецот Зоран Мијалков. Тој е родител на дете со посебни потреби и три години имал образовен асистент во Општинското основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“ во Штип. Но, денеска неговиот син Никола не беше пречекан од образовниот асистен, кој му помага во текот на наставниот процес. Мијалков денеска пред медиумите истакна дека помошта од образовниот асистент е голема за неговиот син.
-Оваа година асистентка на почетокот на година нема, што значи нашите деца две до три недели ќе останат без образование. За децата со посебни потреби асистентите се важни оти имаат потреба од помош, изјави Мијалков.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска изјави дека се ќе биде во ред и со настава редовно ќе започнат и децата со посебни потреби. Посочи дека над 800 образовани асистенти денеска ги потпишале договорите за работа, а уште 200 тоа ќе го сторат во наредниот период.
Министерката Јаневска додава дека конкурсот за овие асистенти ќе трае пет дена, потоа ќе следат обуки од две недели и ќе можат да почнат со работа. Но, порача дека училиштата не смеат да ги враќаат децата со посебни потреби кои немаат образовни асистенти, туку да ги прифаќаат, бидејќи секое училиште е обврзано да има инклузивни тимови.
Тетово - Околу 100 првачиња помалку има во тетовските училишта, оцени градоначалникот на Тетово, Биљал Касами по повод почетокот на новата учебна година. Во основното училиште „Лирија“ во Тетово, тој подели, како што рече, унифициран албански буквар за прво одделение.
- Трендот за жал, а продолжува и оваа година има околу 100 ученици помалку во основни и толку во средни училишта. Затоа ние сме посветени за да создадеме подобри услови за живот на нашите граѓани на подобри услови за учење на нашите ученици, за да овој негативен тренд кој продолжува да го запираме и нашите деца да останат тука, но тие ќе останат тука кога ќе им создадеме подобри услови за живеење, а ние сериозно инвестираме во тоа и во објекти, и во учебници во сè што е подобар живот, истакна Касами.
На новинарските прашања дали унифицираниот буквар за првачиња со мајчин албански јазик во Албанија и во другите држави, има одобрение од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, Касами тврди дека е така.
- Сигурно чим е пуштен во употреба, во Македонија има одобрение. Тој ќе биде поделен на сите училишта со образование на албански јазик и ќе биде користен како дополнителен материјал и сигурно ние ќе работиме во следниот период, тоа да се намали да биде и учебник кој ќе биде користен од сите ученици не само во Македонија, нели како што е и одлуката за сите Албанци. Тоа е учебник, унифициран за сите Албанци во Албанија, Косово, Македонија и секаде кај што живеат Албанците. Тоа е буквар со што Албанците првачиња ги учат буквите, рече Биљал Касами.
Градоначалникот истакна дека годинава ќе има учебници за сите ученици.
- Во текот на оваа недела ќе имаме подетална слика колку книги се распоредени по учениците и колку ќе треба дополнително да се распределат. Во делот на наставниот кадар, исто има потреба перманентна потреба за повеќе наставен кадар. Веќе работиме сериозно и во делото на целодневна настава. Значи тоа е процес за подобрување на условите во нашите основни и средни училишта, но ова е година прва со новата влада и веќе посериозно работиме во делот на подобрување на овие услови, но сигурно дека треба време и треба повеќе ресурси за тоа што не е направено со години на назад да направиме ние во следниот период.
Од ОУ „Лирија“, Касами најави дека се подготвува проект за изградба на нов училишен објект за тоа училиште.
Дебар - Општина Маврово и Ростуше за сите запишани ученици во прво одделение обезбеди училиштен прибор, а ќе им додели и еднократен износ од по 6000 денари.
Во оваа општина, во четирите општински и нивните подрачни училишта за првпат во ученичка клупа седнаа 40 првачиња или три повеќе од минатата учебна година.
- На првиот ден од новата учебна 2024/2025 година, градоначалникот Медат Куртовски ги посети основните училишта “Блаже Конески” во село Скудриње, “Хајан Селмани” во Ростуше и “Јосип Броз Тито” во село Жировница. Во текот на утрешниот ден ќе ги посети училиштата “Денче Дејаноски” во село Маврово и подрачното училиште во село Присојница, информираа од општината.
Градоначалникот на сите наставници, ученици и родители им посака успешен почеток на новата учебна година со желби за успешен воспитно-образовен процес.
-Притоа на сите првачиња им беше доделен училиштен прибор и материјали за успешно спроведување на наставата. Деновиве ќе им биде исплатена и еднократна финансиска помош во износ од по 6 илјади денари, наспроти три илјади колку што беа исплатени минатата учебна година, додаваат од општината.
Според истиот извор претходно во сите училишта во општината била извршена дезинфекција на објектите и реализирани сите активности за нормален образовно-воспитен процес.
Оваа општина од академската 2021/2022 година, почна да исплаќа финансиски надомест, во износ од по 6.000 денари на студенти кои се со адреса на живеење во општина Маврово и Ростуше, се запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија, а кои редовно ги полагаат испитите.
Исто така, од јануари 2018 година општината доделува по 5.000 денари за новороденчиња на семејства кои живеат постојано на територијата на оваа општина.
Штип - Пензионерите кои протестираа за линераното зголемување на пензиите го одложија утрешниот протест пред зградата на Здружението на пензионери во Скопје, преку кој сакаа да побараат оставка од актуелната претседателка на Здружението, Станка Трајковска.
Трајче Станојков пензионер од Свети Николе вели дека одлагањето на протестот е од различни причини.
-Причината е заради тоа што госпоѓата Станка Трајковска не сака да ги прими групата на пензионери кои се за кај неа да разговараат за линеарното покачување. Се држи на тоа процентуалното покачување е тоа што е и е најавено дека одредени групи на пензионери од разноразни причини го провоцираат протестот“,вели Станојков.
Но, и покрај одложувањето на протестот, сепак Станојков е дециден дека не се откажуваат од нивните барања, кои очекуваат во наредниот период да бидат исполнети. Додава дека надлежните институции се на терен и се работи на исполнување на нивните барања.
Скопје - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, денеска присуствуваше на почетокот на новата учебна година на во ООУ „Коле Неделковски“ во Општина Центар, каде беа пуштени во употреба нови училници и кабинети. Ова е нова инвестиција во училиштето Коле Неделковски по 66 години.
-Градоначалникот Горан Герасимовски и Општина Центар издвоија 43 милиони денари за изградба на 4 нови училници, 2 кабинети, една библиотека. Средства кои обезбедуваат инклузивност во образованието, со лифт и тоалет за учениците со потешкотии во движењето како и пристапна рампа за непречен пристап во училиштето, рече Филипче.
Додаде дека СДСМ обезбедува инклузивно образование за секое дете. Образование кое ги почитува и прифаќа различностите и кое овозможува и децата со попреченост да имаат еднакви шанси за достигнување на својот полн потенцијал и придонес во општеството.
-Преку проектот за унапредување на основното образование СДСМ во изминатите години реализираа реконструкции на санитарни јазли и изградба на рампи за ученици со попреченост во повеќе од 40 училишта. СДСМ набави и опреми кабинети по природни науки во повеќе од 260 основни училишта и опрема и нагледни средства за кабинети по природни науки во повеќе од 358 училишта. А, минатата 2023 година, сите основни училишта во државата комплетно беа опремени со нови нагледни средства и помагала во кабинетите по историја, географија и за другите предмети од групата општествени науки. И овие инвестиции не треба да престанат, затоа што без квалитетно образование нема силна држава, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека кога биле на власт секоја година наставниците ја почнувале со ново зголемување на платата, а ВМРО ДПМНЕ пред неколку месеци ветувала поголеми плати за 15 отсто од 1 септември за денеска да кажале „не сега“.
-Најстрашно е тоа дека ВМРО ДПМНЕ ги остави без образовни асистенти учениците со посебни образовни потреби. Денеска на првиот училишен ден ВМРО ДПМНЕ ги прекина договорите на 800 досегашни образовни асистенти, лица кои се прифатени и им се блиски на самите ученици. Тоа е навистина срамно и нечовечно. За среќа во Општина Центар градоначалникот Герасимовски имаше распишано јавен повик за лични образовни асистенти кои ќе ги придружуваат учениците и ќе им помагаат во секојдневното совладување на целиот образовен процес, истакнба Филипче.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека вложувањето во образованието не е само зграда или инфраструктура, туку вложување во иднината на децата.
-Со ова доградба училиштето доби 4 нови училници, два кабинети за психолог и педагог, како и нова библиотека. Особено сме горди што просториите се целосно инклузивни со лифт за ученици со потешкотии во движењето, специјализиран тоалет за ученици со посебни потреби и пристапна рампа за полесен пристап до училиштето, подвлече Герасимовски.
Додаде дека оваа инвестиција е направена со највисоки стандарди за енергетска ефикасност и квалитет. Инвестицијата вреди околу 43 милиони денари и е целосно финансирана од страна на Општината.
Битола - Општина Битола издвои 300.000 денари финансиска поддршка за развој на волонтерството и волонтерски акции.
Поддршката на граѓанските организации е со цел да се промовира и поттикне на активизмот на граѓаните и нивната поголема вклученост со активности во локалната заедница со волонтирање, информираа од Општина Битола.
-Волонтерските акции може да се реализираат на отворен или затворен јавен простор, училишта, градинки, детски игралишта, плоштади, паркови и вклучуваат граѓани од различни целни групи. Идеи за волонтерски акции расчистување, садење дрвја и зеленило, разубавување на јавни простори, цртање мурали, изработка на клупи/маси од палети, средување на училишни дворови, бојадисување на огради, вело паркинзи, канти за отпадоци, поправки и бојадисување на клупи, детски реквизити во паркови и други идеи кои треба да се реализираат до 15 декември 2024 година, соопштија од тамошната локална самоуправа.
Висината на финансиските средства кои ќе се доделат за организација за волонтерска акција изнесува најмногу до 30.000 денари.
Кавадарци - НР Кина донираше „паметни" табли за кавадаречките основни училишта, во работна посета на Кавадарци денеска беше Ксу Леи - вршител на должности од Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје.
Градоначалникот Митко Јанчев појасни дека секое основно училиште добива по една смарт табла, станува збор за донација од 400 илјади денари.
- Би сакал да изразам огромна благодарност до Амбасадата, Општина Кавадарци ќе продолжи и во иднина да ги негува односите со Амбасадата на Република Кина и секако со сите останати што имаат претставништва во Македонија, подвлече Јанчев.
Во оваа прилика градоначалникот информираше дека 307 првачиња започнуваат со настава, или вкупно 4.490 ученици.
Во изјава за медиумите, Ксу Леи рече дека задоволство е да се биде денеска во градот познат по винарството и големата репутација како носител на винскиот регион.
- Кавадарци има добар квалитет на вина, познати во Кина, истакна тој.
Осврнувајќи се на таблите финансирани од Амбасадата, тој нагласи дека кога едукацијата просперира, тогаш нацијата се издигнува.
- Длабоко сум почестен што Кинеската амбасада може да придонесе, кон развојот на образованието во општината Кавадарци, подвлече Ксу Леи, кој заедно со градоначалникот, присуствуваше и на училишна приредба изведена од ученици, во основното општинско училиште ,,Димката Ангелов Габерот’’.
Благодарност до локалната самоуправа и Амбасадата, упати директорот на училиштето Ѓорѓи Ѓорчев, од името на сите директори на основни училишта во Кавадарци.