• сабота, 06 декември 2025
МИА Општински пул

Куманово - Жител на кумановско село бил пријавен во полицијата дека извршил обљуба врз неговата малолетна ќерка, соопшти денеска СВР Куманово.

- Вчера, во 12:20 часот во СВР Куманово било пријавено дека З.В. од кумановско село извршил обљуба врз неговата малолетна ќерка, информираат од полицијата.

Оттаму велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Штип - Почна реконструкцијата на улиците „Цар Самоил“ и „Радански пат“. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов рече дека подготвителни активности за асфалтирање на двете улици почнаа од денеска, а во текот на наредните денови ќе бидат и асфалтирани.

-Денеска овде започнаа активности за припрема за асфалтирање. Освен улицата „Цар Самоил“ или некогашна „Косовска“ ќе биде асфалтирана и уредена главната сообраќајна улица „Радански пат“ која води од ООУ „Гоце Делчев“ кон улицата „Цар Самоил“. Двете улици во текот на денешниот ден ќе се подоготват, а во следните денови ќе се асфалтираат. Нешто повеќе од два милиони денари се издвоени, изјави Јорданов.

Тој на денешната прес-конференција рече дека секојдневно се работи со забрзана динамика на патната инфраструктура и се очекува да биде завршено се што е испланирано.

-Продолжуваме со активностите во секоја населба. Сега дојде ред и на ова населено место, врз основа на потребите на граѓаните. Верувам дека оваа година ќе успееме да го реализираме се она кое е предвидено, вели Јорданов.

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, заедно со својата сопруга и најблиските соработници, присуствуваше на забава организирана по повод крајот на учебната 2024/25 година за учениците од ОУРЦ „Д-р Златан Сремец“, Здружението на родители на деца со церебрална парализа и ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ од Скопје, информираат од Општина Кисела Вода.

Настанот се одржал во вила „Касијана“, која, како што истакнал Ѓорѓиевски, несебично ги отворила своите врати за овие дечиња да можат да се забавуваат и дружат.

-Овие дечиња, секогаш мои најверни пријателчиња, сакаат само љубов и внимание и да знаат дека не се сами. И додека јас сум гостин на овој свет – никогаш нема да бидат сами, порачал градоначалникот.

Тој нагласил дека неговата борба продолжува во насока на обезбедување еднакви можности за сите деца и дека тие секогаш ќе можат да сметаат на него – како човек и како градоначалник.

Куманово - Привршува реконструкцијата на детското одделение во Куманово, надлежните од здравствената установа очекуваат да почне реконструкцијата на кујната и на пералната, соопштија денеска од Општа болница Куманово.

-  Реконструкцијата на детското одделение привршува, преку донација на општествено одговорна компанија и здруженија. Наскоро целосно ќе биде функционално. Планирана е реконструкција на кујната и пералната, со помош од Министерството за здравство, што ние немаме средства за толкав голем зафат, изјави директорот на установата Сашо Стошевски.  

Јавната здравствена установа планира и реконструкција на неврологија, а ќе тече и проектот за реконструкција на целиот двор на установата во соработка со општина Куманово.

Куманово - Jавното претпријатие „Куманово паркинг“ привршува со проверките за техничката подготовка на отворениот градски базен Куманово, информираа денеска надлежните. Според проценките се очекува од идната недела да биде отворена летната сезона на отворениот градски базен.

Надлежните темелно ја проверуваат електричната и водоводната инсталација, се чистат филтрите и се тестираат пумпите за вода, санирани се оштетувања на дел од плочките.

- Очекуваме  интервенциите да завршат, да се наполни базенот и во зависност од временските услови кои засега се поволни да го отвориме за јавноста, изјави директорот на претпријатието Андреја Маџовски.

Од претпријатието кое менаџира со спортскиот комплекс базени информираат дека интересот за користење на отворениот базенот постојано расте, особено за време на викендите и во деновите со високи температури. Лани во текот на работните денови посетеноста се движеше од 100 до 200 лица, а за време на викендите од 400 до 500 лица.

Правилникот за користење предвидува да биде користен од пливачи и посетителите се должни да ги почитуваат хигиенските и безбедносните мерки. На базенот има вработено спасувачи.

- Во преговори сме со општината, очекуваме асфалтирање на површината, патеки, паркинг простор со излез на улицата „11 Ноември“ за се избегне тесното грло на уличката со ургентен центар. Проектот е на претходниот менаџер, изјави Стошевски.

Јавната здравствена установа очекува и набавка на апарати согласно потребите на одделенијата доставени кон крајот на 2024-та година.

Дебар - Свештената бигорска Обител предводена од  епископ Антаниски г. Партениј, му го честиташе изборот на новиот митрополит Дебарско-кичевска епархија Високопреподобниот игумен о. Георгиј.

Денешната редовна седница на целосниот состав на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, за нов митрополит на овдовената Дебарско-кичевска епархија беше избран Високопреподобниот игумен о. Георгиј.

-Почитувајќи ја одлуката на Светиот синод, нашето монашко братство, предводено од Старецот, Епископот Антаниски г. Партениј, му упатува срдечни честитки на новоизбраниот и молитвени благопожелби за богоблагословено архипастирско служење, исполнето со просветление, мудрост и пожртвувана љубов кон Христовото словесно стадо, стои во објавата на Бигорски манастир.

Во објавата се наведува дека изборот е извршен на денешната редовна седница на целосниот состав на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. 

Штип - Општина Штип оттуѓува четири градежни парцели за изградба на фабрики или стопански објекти со намена за лесна иднустрија во индустриската зона која се наоаѓа во непосредна близина на населбата Три Чешми.

Секретарот на Општина Штип Вишна Шорова-Ангелова на денешната прес-конференција информираше дека  на веб-страницата „градежно земјиште“ објавата е во тек. Градежните парцели се со различни површини, а идните сопственици можат да градат приземје и два ката. Бруто развиената површина е од 3.500 до 8.000 метри квадратни.

-Овие четири градежни парцели се со намена индустрија или три од нив се со намена Г2, а тоа е лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија. Една од нив е индустрија за склопување на финални производи, сервиси и слично. Се работи за градежни парцели кои се со различни површини, од 2.000 до 4.000 метри квадратни и тоа на овие градежни парцели потенцијалите купувачи би можеле да изградат приземје и два ката или бруто развиена површина од 3500 до некаде околу 8 000 метри квадратни, рече Шорова – Ангелова.

Куманово - Општина Куманово ги повика заинтересираните здруженија да се пријават за финансиска поддршка за организирање на превентивни мерки и активности од областа на социјалната и детската заштита, информираа денеска од општината. На повикот можат да конкурираат здруженија регистрирани во Централниот регистар, да имаат програма и активности насочени кон ранливите категории на граѓани од областа на социјалната и детската заштита, да функционираат најмалку три години и да функционираат во општина Куманово.

-Општина Куманово преку програмата за развој на социјалната заштита за 2025 година предвидува низа превентивни активности и мерки од областа на социјална и детска заштита, со цел намалување на социјалните ризици и социјалната исклученост, се распишува Јавен повик за финансиска поддршка за организирање на превентивни мерки и активности во областа на социјалната и детската заштита преку спроведување на кампањи, трибини, изготвување на стратегии, фокус групи и промотивен материјал. За распишување на овој Јавен повик обезбедени се финансиски средства од буџетот на Општина Куманово, наведуваат од општината. 

Остани поврзан