МИА Општински пул
- 8 август 2025
8 август 2025
Струга - Со мастерклас на бардот на македонското и балканско глумиште, Никола Ристановски денеска продолжува вториот ден од фестивалот за краток филм „Drim Short 2025“.
Во рамките на програмата, како што соопшти организаторот, предвидени се проекции на филмови од Студентската програма во Јуроп Хаус Струга и работилница за филмска критика „Соочување со минатото“.
Деветтото издание на фестивалот „Drim Short 2025“ почна вчера, а ќе трае до 10 август, под мотото „Гледајте филмови, нема каде да се бега“. Главните проекции, како што соопшти тимот на Дрим шорт, се реализираат во Паркот на поезијата, а останатата програма на повеќе локации низ Струга.
Велес - Поетско-музички перформанс насловен „Поезијата за мојот град“ вчеравечер се одржа на отворено во еден од велешките паркови во рамки на „Велешко лето 2025“.
Како што посочуваат од Општина Велес, преку оваа манифестација велешани потврдија дека овој град секогаш бил и се уште е инспирација за творештво на творците од сите генерации.
Програмата продолжува вечерва со чествување на заштитникот на градот, Свети Пантелејмон, во Соборниот храм „Свети Пантелејмон“ дело на познатиот градител на цркви на Балканот Андреја Дамјанов кој и почива крај него. Вечерва со почеток во 18 часот по повод празникот ќе започне литургија на свештени лица и настап на Валерија Шојлевска Quartet.
Охрид - Расказот со наслов „Мизенабим” на авторот под шифра „Кибела”е избран за најдобар на годинашниот конкурс распишан во чест на охридскиот писател и раскажувач Живко Чинго.
На конкурсот што секоја година го распишува Општина Охрид биле доставени вкупно 69 раскази.
Жири-комисијата во состав Димитар Пандев, Бранко Цветкоски и Зоран Јаќимоски за победничкиот расказ „Мизенабим“ истакнува дека се одликува со извонредна техника на раскажување што се засновува врз едно очигледно длабоко и темелно познавање на високите врвови на светската проза и на теоријата на прозата и притоа не изостанува авторската умешност лесно да ги хармонизира пристапите на некои великани со неговото лично авторско проседе.
Скопје - Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје упати апел до граѓаните за рационално користење на водата за пиење, поради енормно зголемената потрошувачка која надминува 350.000 метри кубни дневно.
Од претпријатието нагласуваат дека ваквото зголемено и неконтролирано трошење на вода, особено во летниот период, сериозно ја нарушува стабилноста на водоснабдителниот систем. Како последица, системот работи со намален притисок, а делови од градот се соочуваат со повремени прекини во водоснабдувањето.
Граѓаните се замолуваат да избегнуваат полевање на тревници и дворови, разладување на улици, како и сите форми на непотребно трошење вода за време на топлите денови.
Скопје - Општина Центар започна со реконструкција на ООУ „11 Октомври“ во населбата Пролет и информира дека се заменуваат подовите во три кабинети и пет училници, се обновуваат подовите со стругање и лакирање во дополнителни три училници, гипсарски работи и предвидено е молерисување на целиот училиштен објект.
Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски информира дека градежно-занаетчките активности во ООУ „11 Октомври“ се „дел од континуираните заложби за подобрување на условите во сите општински училишта“.
Битола - Битолското културно лето „БитФест“ продолжува со нови културно забавни содржини организирани од Општина Битола. Вечер на платото пред градската Пошта ќе биде отворен дводневен „Стрит фуд фестивал“, а утре на плоштадот „Магнолија“ ќе се одржи традиционалната манифестација „Мото 2025“.
-На манифестацијата „Стрит фуд фестивал“ годинава домашни кулинарски производи ќе бидат изложени на шест посебни штандови. Ова поднебје е богато со оригинална македонската храна и рецепти кои веруваме ќе предизвикаат посебен интерес кај гостите од странство, како и кај иселениците од прекуокеанските земји и западна Европа, кои деновиве се во голем број во нашиот град, истакнаа од „БитФест“.
Скопје - Во општина Чаир денеска ќе биде отворен новиот објект „Бамби“ на детската градинка „Фидани“.
Како што соопшти општина Чаир, објектот „Бамби“ е со најголем капацитет за грижа и рано детско образование во цела држава.
- Преку овој настан го потврдуваме институционалниот ангажман за подобрување на условите за рано образование и унапредување на јавните инвестиции во раното детство, се наведува во соопштението.
На отворањето, како што е најавено, ќе присуствуваат првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу.
Охрид - Во рамки на музичкиот дел од програмата на годинешното 65 издание на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва концерт на професионалниот хор „Св. Серафим Саров“ од Србија.
Хорот „Св. Серафим Саров“ е формиран во 1995 година во Зрењанин, на инцијатива на Душан Сланкаменац. Со помош на првата диригентка на хорот, Камелија Ќириќ, тогашниот ансамбл кој брои околу 20 хористи започнува со работа. Потоа, од него се издвојуваат машките гласови кои го основаат ансамблот „Машки октет Св. Серафим Саров“ кој пак следната година добива благослов од тогашниот епископ Хризостом и започнува со дејствување во црковната сфера, со седиште во храмот на „Св. Меланија Римјанка“ во Зрењанин каде до денес активно учествува во богослужбите.
Охрид - Во Охрид викендов ќе се одржи Фестивал на пчелни производи „Пчели и мед“, организиран од локалните пчелари.
Пчеларите од охридскиот регион ќе ги изложат своите производи, а потрошувачите ќе можат да ги дегустираат различните вкусови и специфичности на охридскиот мед.
- Ги очекуваме сите љубители на пчелни производи, сите љубители на природата, дечињата и сите добронамерни посетители, посочуваат членовите на пчеларското здружение „Охрид“.
Скопје - Без електрична енергија денеска од 8:00 до 12:00 часот ќе останат корисниците од булеварот „Борис Трајковски“ – крак 4 во општина Кисела Вода.
Во периодот од 9:00 до 11:30 часот без струја ќе бидат дел од корисниците од улиците „Дамаска“ и „Виетнамска“ во општина Карпош.
Како што соопшти РЦУК - Скопје, прекинот е поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа во Скопје.
Скопје - Без вода денеска од 8:20 часот се дел од жителите од скопското село Студеничани, од улиците „1“ и „2“.
Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, прекинот е поради дефект на водоводна цевка Ф-100 милиметри на улица „2“ без број во село Студеничани.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности.
Скопје - Без вода денеска од 9:00 часот ќе останат дел од корисниците од населбата Маџир Маало.
Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, прекинот е поради дефект на приклучна водоводна цевка на улица „Кеј 13 Ноември“ број 64.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности.