• вторник, 19 ноември 2024
МИА Општински пул

15 ноември 2024

Скопје - В недела (17.11.2024 год) во период од од 16:00 до 18:00 часот или до ослободување на затворените улици, поради одржување на Атлетска трка, неколку сообраќајници ќе бидат затворени, па од тие причини дел од линиите од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот.

Во целост ќе бидат затворени улиците од пред ТЦ Палома Бјанка до Црвен крст (ул.Димитрие Чуповски и ул.11ти Октомври) и од Собранието до ГТЦ (ул.Филип Втори Македонски). Изменети траси ќе имаат линиите 4, 4А, 5, 7, 15, 21, 21А, 21Б, 22, 23, 24, 27, 50, 50А, 57 и 59.

Тетово - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, ја посетија општинската јавна установа за градинки „Младост“ по повод одобрувањата за вработувања во новиот објект „Рилиндја“. Министерот истакна дека дадени се вкупно 42 решенија во кои се вработувања на испразнети места поради пензионирање на вработени.

 Ме радува фактот што успеавме после две години закочен процес за вработувања во оваа Јавна установа, конечно да се реализираат потребите од кадар во истата. Задоволство ми е да соопштам дека обезбедени се и вработувањата за новиот објект „Рилиндја“, кој наскоро ќе биде и официјално отворен. Обезбедувањето на стручен кадар во детските градинки и инвестирањето во зајакнување на нивните компетенции придонесува за квалитетот на воспитно образовниот процес. Како и дека министерство ќе продолжи посветено да работи во насока на обезбедување на предучилишно воспитание и образование согласно предвидените стандарди, истакна министерот Лимани.

Дебар - Сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица, дебарско, традиционално и оваа година почнаа со изработка на божиќните пештери, кои ја внесуваат божиќната атмосфера во православните домови.

-Со благослов на нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј, и оваа година почнавме со изработка на божиќните пештери. Ќе се потрудиме благонаклоно да одговориме на сѐ поголемиот интерес и да изработиме пригодни Божикни традиционални украси во вид на некогашната Витлеемска пештера, изјави за МИА сестра Ефимија, додека сестрите со своите вредни раце привршуваа со изработката на божиќна пештера.

Битола -  НУ Центар за кулура-Битола, домаќин и организатор на фестивалот Музика од светот ја соопшти програмата на најновото издание на фестивалот на кој годинава освен македонски, ќе учествуваат уметници од Франција и Србија.

Фестивалот на Музика од светот ќе се одржува од 28 ноември до 1 декември, со предпрограма, поетската вртелешка со битолчанецот Бранислав Николов, член на групата „Фолтин“ и Тихомир Јанчовски кои ќе понудат поетско-музички интерпретации на најубавите љубовни песни од современата македонска поезија, истакна Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола.

Скопје - Општина Центар доби шест фотоволтаични сообраќајни знаци на неколку стратешки локации со цел зголемување на јавната свест за поголема безбедност во сообраќајот. Поставени се во близина на пет основни училишта „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Кочо Рацин“, „Коле Неделковски“, „11 Октомври“ и „Св. Кирил и Методиј“.

Општината информира дека сообраќајните знаци се донација од компанијата ОКТА во рамки на нејзината долгорочна платформа „Јас внимавам“. Според градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски,  ОКТА со оваа донација е партнер  во грижата за безбедноста во сообраќајот во Центар, особено на безбедноста на најмладите.

Битола - Средношколците и наставниците од СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ од Битола, денеска во просториите на училиштето имаа обука за тоа како да постапат во случај на земјотрес.

Предавање со симулација на евакуација во случај на земјотрес и со цел средношколците да научат како да се заштитат себеси во првите моменти во случај на земјотрес одржаа експерти од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), како и експерти од Албанија, Грција и Италија, кои се дел од на проектот Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици (ИСРА).

Куманово - Наредниот повик на Владата за поддршка на општините ќе биде објавен во февруари или март наредната година, во зависност од подготвеноста на општините изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по одржувањето на годишната конференција на граѓански организации: „Соработка меѓу Владата и граѓанското општество“ која се одржа во Скопје. За општините, олеснувања се и донесените измени на законот за градежно земјиште со што ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии при изградба на училишта и градинки.

- Донесовме закон во парламентот, измени во законот за градежно земјиште каде што сите оние јавни објекти како што се градинки, училишта кои се сопственост на државата ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии. Имаше случаи во Скопје, градот Скопје, знаете таму состојбата каква е да го издолжува периодот, да не ги ослободува општините во Скопје од комуналии, па тие не може да отпочнат со градба на градинки, училишта итн. и сега со овој закон и таа пречка е отстранета, изјави, премиерот.

Скопје - Општина Илинден информира дека продолжува реализацијата на проектот „Илинден-Светла Општина“, кој опфаќа проширување и модернизација на уличното осветлување, со поставување нови линии на улиците во сите населени места, поставување на електрични столбови, зголемување на бројот на електрични светилки и тековно одржување на јавното осветлување.

Во рамки на овој проект поставени се нови линии на улично осветлување во повеќе населени места на територија на општина Илинден со должина од околу 1660 метри. Поставена е нова линија во населено место Кадино на улица „8“ во должина од 300 метри, во Јака на улица „108“ во должина од 300 метри, во населено место Мршевци на улица „1“ во должина од 300 метри, во населено место Дељадровци на улица „1“ во должина од 180 мести, во Миладиновци на улица „1“ во должина од 100 метри, во Мралино кај кошаркарско игралиште во должина од 80 метри, како и во Марино на краци од улица „500“ и улица „540“ во должина од 400 метри.

Куманово - Четириесет и петгодишен маж од Куманово бил измамен за сума од 200.000 денари, измамникот го информирал дека има 14.500 долари од сметката на биткоини, соопшти денеска СВР Куманово. Кумановецот, откако зел брз кредит за да ги уплати парите, вчера во 14:30 го пријавил случајот во кумановската полиција.

- Според пријавеното, претставувајќи се дека е од „агенција за биткоини“, лицето му кажало дека на неговата сметка има биткоини во вредност од 14.500 долари и му побарало да му го даде бројот од неговата трансакциска сметка за да му ги префрли доспеаните парични средства. Како што е пријавено, за да може да му ги префрли парите требало да има 200.000 денари на сметката, а откако пријавителот подигнал брз кредит парите му биле повлечени од сметката, но не добил надомест за биткоините, соопшти полицијата.

Скопје - Во текот на изминатото деноноќие, ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје расчистила големи количества отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Гази Баба, Аеродром и Карпош.

Како што информира „Комунална хигиена“ - Скопје, на последната станица на автобусот 45 во населбата Ченто отстранета е обемна дива депонија составена од приближно 25 кубни метри непрописно одложен кабаст, градежен и органски отпад.

Куманово - Заврши изградбата на локалниот пат во село Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане, соопштија денеска надлежните.

- Завршена е изградбата на локалниот пат во маала Мариевци во село Младо Нагоричане. Очекуваме подобра поврзаност на жителите од ова село, како и поврзување со патните правци во нашата општина и со сосдените, изјави заменик градоначалникот на Старо Нагоричане, Бобан Цветановски.

Куманово - Нов директор на јавното претпријатие „Куманово план“ е Анета Шандева – Доневска, магистер по правни науки.

- Најважно е да се продолжи со успешно и позитивно финансиско работење и остварување на целта за кое е формирано ова јавното претпријатие. Да обезбедиме рамномерен просторен и одржлив развој на општината, заштита и унапредување на животна средина и природа, заштита на културно историски вредности за да создадеме услови за хумано живеење на нашите граѓани, изјави Шандева-Доневска.

 

Остани поврзан