• четврток, 26 март 2026
МИА Општински пул

22 август 2025

Скопје - Дождот што заврна пред седум часот утрово и врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето „Јасен“, помогна пожарот што трае повеќе од десетина дена, да биде изгаснат, соопштија денеска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). 

- Но и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење, поради што по кревањето на маглата и чадот, ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери. Екипи на ЈП „Јасен“ продолжуваат со патролирање сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат, се наведува во соопштението.

Се апелира граѓаните да бидат внимателни со цел да не предизвикаат пожар, како и да го пријават секое сомнително однесување.

Скопје - Изминатото деноноќие, до седум часот утрово, на територија на државава има регистрирано вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, осум се активни, информираат денеска од Центарот за управување со кризи.

Активните пожари се на територија на општините Македонски Брод, Прилеп, Долнени, Росоман, Кичево, Студеничани, Велес, Сопиште. Во „Јасен“ гори мешана шума. На територија на село Беловодица, место викано „Ливада“ и село Лењиште, гори букова шума. Мешана шума гори и во подрачјето на селата Стровија и Долгаец. Ниска вегетација е опожарена во атар на село Дебреште. Ниска вегетација и ниска шума горат во село Душегубица. Мешана шума е опожарена во регионот на селата Горно Количани и Драчевица, планински врв „Китка“. Ниска вегетација гори во село Клуковец. Кај брана - езеро Козјак, пожар зафатил ниска вегетација и шума.

Струга - Со поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година, Андреј Ал-Асади, Јулијана Величковска, Гордана Михаилова Бошнакоска, Виолета Танчева-Златева и Бранко Цветкоски, како и портрет на минатогодишната добитничка Катица Ќулавкова, денеска во Струга продолжуваат 64-тите Струшки вечери на поезијата.

Во рамките на програмата предвидено е поетско кафе со добитникот на „Златен Венец“ на СВП за 2025 година, словачкиот поет Иван Штрпка, како и портрет на добитникот на „Мостови на Струга“ за 2025 година, Матеуш Шимчик од Полска.

Ќе бидат претставени и книгите објавени во едицијата Плејади на Антонела Анеда од Италија и тематската антологија „Дионис и Свети Треифун“. Вечерта е резервирана за поетски читања на поети од европската платформа Версополис и меѓународно поетско читање „Кругови“.

Според програмата, на летната сцена на Центарот за култура ќе биде врачена наградата „Млада Струга“ за 2025 година на поетот Андреј Анѓеловиќ. 

Скопје - Третата вечер на „Карпошовото културно лето 2025“, одбележана со бурни емоции, аплаузи, воздишки и воодушевувања од грандиозниот настап на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“, што наметна несовладлив интензитет и енергија, помеѓу изведувачите и присутната публика. Се чини дека плоштадот „Млечен“ со крајни напори ги рашири своите прегратки, за да ги прими сите љубители на фолклорот и традиционалниот народен мелос, се наведува во соопштението на Одделението за односи со јавноста на Општина Карпош.

- Посебен впечаток кај публиката оставија академскиот хор и играорната група на АКУД „Мирче Ацев“, кои со својот сценски настап и кореографија создадоа нераскинлива врска што ќе биде длабоко врежана во сеќавањата на карпошани. Вистинско освежување на сцената понудија и играорците од Романија и Мексико, кои со автентичниот мелос и народните носии што се карактеристични за земјите од кои доаѓаат, ги освоија срцата на нашата домашна публика. Комплименти за организаторот, настапувачите и секако за беспрекорната публика, која несомнено покажа капацитет за прифаќање на културни идентитети и естетски вредности, кои се различни од нашето изворно поднебје, потенцираат од локалната самоуправа.

Скопје - Во насока на подобрување на условите за живот и унапредување на јавниот простор, Општина Центар постави 100 нови урбани клупи и 100 нови канти за отпад на повеќе локации низ општината.

Како што информираат од општината, градоначалникот Герасимовски потенцира дека новите канти се дел од напорите за создавање почиста и поеколошка средина, со што се поттикнува совесно фрлање отпад и одржување на јавниот ред и хигиена. Ново поставените клупи од друга страна пак имаат придонес кон поквалитетно урбано живеење, овозможувајќи пријатен и функционален простор за одмор, дружење и секојдневно користење од страна на граѓаните.

-Ова не е само инвестиција во инфраструктура, туку и поттик за сите нас, да се грижиме за заедничкиот простор и да го чуваме она што ни припаѓа на сите, Општината сме сите ние. Поставувањето на новата опрема е дел од пошироката стратегија  на Општината за унапредување на јавната и комуналната инфраструктура. Упатувам јавен апел за совесно и одговорно користење на урбаната опрема, особено од страна на младите, кои се најчести корисници на овие простори, вели Герасимовски

Скопје - Поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат корисниците на неколку улици во Бутел, Центар и Аеродром. 

Како што соопшти Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД од 07:00 до 14:00 часот без стр8ија ќе бидат корисниците од дел од ул.Боца Иванова во близина на Јафа во општина Бутел.

Од 08:00 до 15:00 часот без електрична енергија ќе останат корисниците од дел од ул.Васил Стефановски во општина Центар, од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул. 9-ти Мај исто така во општина Центар, а од 08:00 до 15:00 часот  корисниците од ул.Тодор Чангов во општина Аеродром.

Скопје - Поради уличен дефект ф-300 мм во кругот на Охис, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од булевар „Борис Трајковски“ - крак 9 и 11, информира ЈП Водовод и канализација-Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до санирање на дефектот.

Скопје - Без вода денеска од 8:30 часот ќе останат дел од корисниците од Кеј „13 Ноември“.

Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради изведување водоводен приклучок ф-150 милиметри на плоштад „Македонија“ без број. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со работните активности.

Скопје - Без вода денеска од 10:20 часот се дел од корисниците од улиците „Кадињача“, „4 Јули“, „Гостиварска“, „Мијачка“ и дел од „Црногорска“.

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект ф-80 милиметри на улица „Кадињача“ 11. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирање на дефектот. 

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 27-годишниот Ф.М. од Скопје, осомничен за продолжено кривично дело – производство и дистрибуција на детска порнографија.

Според обвинителството, осомничениот во подолг временски период поседувал и разменувал фотографии и видеа со детска порнографија преку интернет апликации, веб-страници и форуми. Материјалите биле зачувани на неговиот мобилен телефон и таблет.

Истрагата е покрената по добиена информација од германската полиција, која идентификувала профил на апликацијата „Телеграм“ со телефонски број и ИП-адреса од Северна Македонија.

Остани поврзан