МИА Општински пул
- МИА Општински пул
![МИА Општински пул](https://mia.mk/images/20250207140045_big_730x400_23.webp )
7 февруари 2025
Kрива Паланка – Во кривопаланечката населба Бавчал’к почнаа активностите за партерно уредување на паркот кај комплексот згради што ќе биде добие нов и урбан концепт, најави денес градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој ја посети локацијата на улицата „Херој Карпош“.
-Со буџетски средства од Развојната програма на општината во висина од 7.9 милиони денари со ДДВ, комплетно ќе го уредиме паркот во дворот на стамбените згради што ќе го промени ликот на целата населба. Драго ми што токму денес, кога се навршува 81 година од денот кога македонскиот херој Христијан Тодоровски - Карпош го положи животот за татковината, за жителите на улицата што го носи неговото име, најавуваме проект за ново, партерно, уредување на паркот на површина од околу 1900 метри квадратни. Уредувањето ќе опфати спортски содржини, реновирање на постојниот терен за мал фудбал со вештачка трева и изградба на ново баскет игралиште со тартан подлога. Двата терени ќе бидат оградени и уредени. Ќе се уреди нов детски парк со модерни реквизити за најмладите, а целиот простор ќе биде хортикултурно уреден, со фонтана и пристапни патеки, изјави Митовски.
Најави дека во рамки на проектот ќе биде поставена и урбана опрема и ќе се засади зеленило.
Кавадарци - Исплатени се три плати за вработените во поранешно ,,Фени", информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев на седница на Советот на Општината.
-Во интерес на 900 вработени, стечајни работници и во интерес на нивните семејства, ја информираме јавноста дека Еуроникел во стечај, во текот на вчерашниот ден ги исплати очекуваните плати за последните три месеци од отворањето на стечајната постапка, во вкупен износ од 101.261.445,00 денари. Дополнително се исплати регрес за годишен одмор и неисплатен годишен одмор во износ од 9.076.808,00 денари. Наша желба и очекување е оваа компанија наскоро да започне со производство, а вработените што побрзо да се вратат на работа, истакна Јанчев.
Тетово - На градскиот плоштад во Тетово денеска граѓаните имаа можност подетално да се запознаат со работата на полицијата во рамки на караванот „До вас, за вас“, чија цел е да се одржат едукативни интерактивни активности за населението на тема превенција на криминалот во државата, како и грижа на заедницата.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, нагласи дека целта е што повеќе да ја доближиме полицијата до граѓаните, граѓаните да знаат дека овде сме за нив.
- Ние сме нивниот сервис и дека заедно со една заедничка соработка со едно заедничко анимирање, можеме заедно да придонесеме кон повеќе сегменти, посебно во делот на и сузбивање на криминалот и во превенција што ја водиме и со сето тоа да придонесеме сите во општата, односно колективната безбедност во нашава земја, истакна Јанев.
Велес - Во Велес денеска беа отворени на користење 29 станови од 39 до 45 метри квадратни наменети за социјално ранливи семејства во новоизградената социјална зграда со вкупна површина од 1.843 метри квадратни на пет ката и приземје со подрумски простории, изградена во новиот дел на градот наспрема поранешната индустрија „Киро Ќучук“ веднаш до пругата Велес-Битола.
На свеченоста присуствуваа станарите кои ќе се вселат во зградата, премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски и други претставници од Владата, пратеници, градоначалникот Марко Колев, Нада Трајкова директорката на ЈУМ Центар за социјална работа Велес и други гости.
Струга - Над четири килограми марихуана и 153 грама опојна дрога кокаин се запленети во текот на минатата година на подрачјето на СВР Охрид во 126 акциски контроли на полицијата. Тоа, според, податоците на СВР Охрид е речиси двојно марихуана од претходната, 2023 година, кога во 111 акциски контроли пронајдени и одземени се 2.353 грама и речиси исто кокаин, односно 137 грама.
- Во текот на 2024 година, при извршени 126 акциски контроли, од кои 33 во Охрид, 45 во Струга, 42 во Кичево и шест во Дебар, пронајдени и одземени се 4.192, 78 грама опојна дрога марихуана (Охрид-329,80, Струга-188,18, Кичево-220,47, Дебар-3.454,33). Во истиот период, пронајдени и одземени се 153,85 грама опојна дрога кокаин: во Охрид-91,82, Струга-7,81 и Кичево -54,22. Претходината година пак, во 111 акциски контроли, во Охрид – 24, Струга – 35, Кичево – 49 и Дебар – три, пронајдени и одземени се 2.353,48 грама опојна дрога марихуана (Охрид-554, Струга-1.256,08, Кичево-535,09, Дебар-8,11). Во тој период пронајдени и одземени се 137,34 грама кокаин (Охрид-96,33,, Струга-5,21, Кичево- 35,74, Дебар-0,06), појасни портпаролот Стефан Димоски.
Тетово - Полицијата евидентирала над 240 дојави за поставени бомби во училиштата и за сите е утврдено дека се лажни, изјави денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев од Тетово. По шест часа од првата дојава и работа на терен тој оцени дека безбедноста низ целата држава е стабилна и солидна.
-Нема потреба за паника, граѓаните, и родители и сите наставници во училиштата треба да бидат спокојни. Се работи за лажни дојави, за бомби секаде кај што го направивме. Ова се работи и сите проверки укажаа дека се работи за лажни дојави за бомби. Се работи за повеќе од 240 дојави. Сите припадници на македонската полиција, реагираа совесно, брзо и сталожено без да се крева паника. Пристапија во училиштата, разговараа со директорите на училиштата, извршија проверки таму кај што требаше да извршат проверки. Имаме соодветен протокол и алгоритам по којшто ние постапуваме. Таму каде што параметрите беа позитивни, односно во зелена зона – наставата продолжи, таму каде што имаше одредени параметри во други зони се извршија дополнителни проверки и секаде се работи за лажни дојави, истакна Јанев.
Куманово - Во чест на 81-годишнината од загинувањето на народниот херој Христијан Тодоровски Карпош, делегации од Здружението на борци, од Армијата, здруженија на граѓани и политички партии денеска положија цвеќе пред бистата на херојот во куќата музеј во Куманово. Присутните му одадоа почит на кумановскиот херој и ја посетија поставката во спомен куќата.
-Денеска одбележуваме 81 година од смртта на нашиот народен херој Христијан Тодоровски Карпош кој го даде својот живот за слобода на македонскиот народ и слободата на Македонија. Тој е од еден од осумте народни херои на нашиот град првоборец во козјачкиот партизански одред, командант на козјачкиот партизанскиот 1943 година, командант на баталјонот „Јордан Николов Орце“ 1943 година. Водел познати битки, бил исклучителен командант. Загинува на денешен ден 1944-та во Биљача, прешевско, изјави директорката и историчар во НУ Музеј Куманово, Марија Живачки.
Крива Паланка – Општина Крива Паланка објави јавен повик за здруженија што со финансиска поддршка од општината ќе ја реализираат мерката за бесплатно летување на дечиња од социјален ризик што општината втора година по ред ќе ја спроведе во рамки на прграмата за социјална, детска и здравствена заштита за 2025 година.
-Право на учество на јавниот повик имаат здруженија на граѓани, фондации, како и други правни субјекти и организации што работат во областа на социјалната, детска и здравствена заштита. Целта на реализација на мерката е намалување на социјалната ранливост и исклученост на децата на возраст од 7 до 14 години од Општина Крива Паланка во социјален ризик, како и подобрување на културниот и социјалниот живот на децата кои потекнуваат од семејства во социјален ризик на возраст од 7 до 14 години, информираат од службата за комуникација со јавност на општината.
Според критериумите, заинтересираните апликанти треба да имаат најмалку две години искуство во областа на детска и социјална заштита, да достават конкретно разработен план на активности за реализација на мерката со капацитет за имплементација на истите, и да имаат стварено партнерства и соработки со други институции за спроведување на мерката.
Кавадарци - Пожарникарите од Кавадарци лани имале 389 интервенции. Од нив, во 28 случаи гаснеле пожари во внатрешен простор, а во 182, на отворено, имале 21 интервенции при запалени оџаци, 54 интервенции при запалени контејнери за ѓубре и 104 технички интервенции. Се интервенирало и надвор од општината. Овие податоци се дел од извештајот на Територијалната противпожарна единица, што беше едногласно усвоен на денешната седница на Советот на Општина Кавадарци.
- Генерална забелешка е дека работата на противпожарната единица во 2024 година е на високо професионално ниво, пишува во извештајот, потпишан од командирот Александар Чадамов.