• четврток, 26 март 2026

МИА Општински пул

МИА Општински пул

2 јуни 2025

Крива Паланка - Читање, илустрирање, книжевна и јазична едукација низ интерпретација со толкување текстови и песни, беа дел од бројните активности на денешната работилница насловена "Руралната средина ризница на читачка култура".

Работилницата е дел од годишната програма за работа на библиотеката "Кочо Рацин" при Националната установа Центар за култура Крива Паланка, поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Работилницата се одржа под менторство на професорката и авторка, библиотекар, Маја Трајковиќ од Скопје и книжевникот и поетеса, Ирена Белешковска.

-Целта на работата на нашата установа е да ја доближи литературата и културата до сите, така што редовно програмските содржини ги дисперзираме и организираме, покрај во Центарот за култура, и во останатите делови од општината, во соработка со останатите институции, а во случајот во соработка со основното училиште "Св.Јоаким Крчовски", овозможивме достапност на литературата до дечињата од руралните средини, рече Сашко Додевски, директор на Националната установа Центар за култура Крива Паланка.

Кочани – По неколкумесечни активности санирани се сите недостатоци при градбата кај новиот објект „Детелинка“ на Детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани и со потпис од официјалниот надзор подготвен е да почне со работа.

Општина Кочани испрати известување до Министерството за финансии за новата состојба, а в.д. градоначалникот Венко Крстевски бара средба со министерката Гордана Димитриеска Кочоска, на која ќе се разговара за добивање согласности за вработувања во 2025 година во новоизграденaта градинка во кочанската населба Драчевик.

-Минатата година Министерството за социјална политика, демографија и млади одобри финансиски средства за блок дотации наменети за плати за вработените во новоизградената детска градинка, но до сега тие не беа реализирани. Во моментот на листата на чекање има над 200 деца, од кои дел би се згрижиле во новиот објект, истакнува в.д. градоначалникот Крстевски.

Во писменото барање за утврдување термин за работна средба е објаснета итноста за профункционирање на објектот „Детелинка“ и потребата за згрижување на 120 деца од Кочани, а со тоа и можноста нивните родители да бидат работно ангажирани.

Охрид - Четиристотини жардиниери со саксиско цвеќе ќе бидат поделени в среда и четврток на жителите од неколку охридски улици во рамките на проектот „Цветни балкони - цветен Охрид“.

Акцијата традиционално ја организира Општина Охрид во рамките на одбележувањето на 5 јуни – Светскиот ден на животната средина.

- Во рамките на овој проект ќе бидат поделени 400 жардиниери со саксиско цвеќе на жителите кои живеат на улиците: Кеј „Македонија“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, „Кузман Капидан“, „Христо Узунов“, „Климентов Универзитет“, „Нада Филева“, „Боро Шајн“, „Григор Прличев“, „Кочо Рацин“, „Св. Кирил и Методи“, „Браќа Миладиновци“, „Цар Самоил“, „Методи Патче“, „Петар Чауле“, „Аргир Маринчев“, „11 Октомври“, „Димче Маленко“, „Бранко Шотра“и „Охридска архиепископија“, соопшти Општина Охрид.

Заинтересираните граѓани од посочените улици жардинериите со цвеќе, според информацијата, ќе можат да ги подигнат во расадникот на ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид на 4 и 5 јуни од 9 до 13 часот. Треба да носат копија од лични документи (лична карта или пасош) за идентификација на кои ќе биде видлива адресата на живеење.

Охрид - Заврши реконструкцијата на дел од оградата и трибината на фудбалскиот терен со вештачка трева во спортскиот центар „Билјанини извори“.

Јавното претпријатие „Билјанини извори“ соопшти дека се поставени нови елементи за безбедност и комфор, а трибината е освежена со нови седишта и подобрена стабилност.

- Претходо беше поставено и ново теренско осветлување, овозможувајќи квалитетни услови за натпревари и тренинзи и во вечерни часови. Со овие активности, продолжуваме со реализација на нашата мисија за создавање современи и функционални спортски простори, достапни за сите спортисти и граѓани на Охрид, соопшти ЈП „Билјанини извори“.

Криволак - Ден за високи гости беше реализиран денеска на армискиот полигон Криволак,  во рамките на меѓународната воена вежба „Брз одговор 2025“. Учествуваат припадници од армиите на Република Северна Македонија, САД, Република Албанија, Грција, Италија, Црна Гора, ОК, Австрија и Косово. Меѓународната вежба е дел од најголемата НАТО - вежба оваа година на тлото на Европа, „Defender 25“.

Во вежбовната активност на армискиот полигон „Криволак“ учествуваат над 2.200 армиски припадници од земјите - учеснички. Во текот на денешниот ден, пред многубројни гости меѓу кои и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заменици претседатели на Влада, министри и други, пратеници, генерали од земји учеснички, амбасадори и воени аташеа, градоначалници и претставници на Министерството за одбрана и Генералштабот, беше изведена теренска тактичка вежба. 

Претседателката на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова рече дека мирот нема алтернатива, тој е избор на храбрите, завет на посветените и обврска на секој што ја носи униформата со чест. 

Велес - Две девојчиња, од Велес и село во Општина Чашка на возраст од 13 и 14 години, во ист ден, вчера, излегле од дома и не се вратиле, а по нив трага велешката полиција, информираат денеска од СВР Велес.

Тринаесетгодишното девојче го нема од вчера од 08:00 часот. Таткото, 39 годишниот Р.Ј. со привремен престој во село Стари Град, Општина Чашка, пријавил во Сектор за внатрешни работи дека од домот се оддалечила неговата 13-годишна  ќерка А.Ј. Тој се сомнева дека е со лицето А.К. од село Гостиражни, општина Долнени.

Исто така, попладнето, во 17:30 часот, пријава во СВР Велес стигнала и од 46-годишната А.Е.од Велес за оддалечување на нејзината 14-годишна ќерка ќерка М.Е. Мајката се сомневала дека девојчето е со лицето С.У.

Од СВР Велес информираат дека се превземени  мерки за пронаоѓањето на двете девојчиња. 

Вевчани - Општина Вевчани информира дека утре без струја ќе останат дел од центарот на селото, градинката, црквата Свети Никола, Јанков Камен и селото Горна Белица.

Прекинот во напојувањето со електрична енергија ќе биде во периодот од 8 часот и 30 минути до 16 часот и 30 минути, поради работа на трафостаница. 

Тетово – Медицинскиот персонал од Клиничка болница Тетово кои работат со договори на дело и денес протестираа собирајќи се пред Ургентниот центар. Велат дека секој ден ќе ја прекинуваат работата на кратко за јавно да го изразат својот револт од тоа што немаат нови договори и ветените решенија за вработување на неопределено време, како и две неисплатени плати.

Ивона Неделковска пред медиумите посочи дека како медицински персонал, и покрај овие услови се на работа ден и ноќ, даваат се за пациентите во најтешките одделенија во итни случаи и во секој агол на тетовската болница.

- Но денес немаме плати, немаме договори, немаме никакви одлуки, нема почит. Тетовската болница ја одржуваме во живот, но тие не заборавија. Не бараме подарок, ја бараме нашата задоцнета плата, го бараме договорот што ни недостасува, бараме заслужени и ветени одлуки. До кога ќе продолжи оваа неправда нема да молчиме и нема да застанеме затоа што без нас нема болница, без плати-има протест тетовската болница не познава пациентите, пациентите не ценат време и лидерите да дејствуваат. Платите ни се правични, нашиот власт не запира нашето достоинство, не преговара лекарите спасуваат луѓе, нашиот персонал ги спасува лекарите. Прашањето е, кој ќе нè спаси нас, истакна Неделковска.

Охрид - Во пештерата Свинска стрна забележана е дива мачка со редовниот мониторинг на пештери во Националниот парк Галичица, соопшти денеска Црвен крст Охрид.

Дивата мачка е загрозен вид, а редовниот мониторинг е во рамките на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица“.

-Редовниот мониторинг во пештерите и надвор од нив е одлична алатка за проучување на пештерските екосистеми во заштитеното подрачје. Камера поставена пред пештерата Свинска стрна регистрираше дива мачка што ја корисисти оваа пештера во Националниот парк Галичица како привремено живеалиште, информира Црвен крст Охрид.

Куманово - Продолжува уредувањето на индустриската зона Речица во кумановско, информираа денеска надлежните.

- Во индустриската зона Новини и Речица се спроведуваат активности за поставување дренажни цевки, што е дел од пошироката инфраструктурна инвестиција за подобрување на одводнувањето и стабилноста на теренот, соопшти кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Во индустриската зона финансирана од потпрограмата на Владата, тече изградбата на водоводна мрежа, фекална, атмосферска канализација, изградба на дел од внатрешни сообраќајници, осветлување на зоната. Вредноста на склучениот договор со избрана компанија на тендер е денари изнесува 208.554.681.86 денари со вклучен данок на додадена вредност.

Штип  – Почнаа подготвителни активности за изградба на улица низ населбата Суитлак, која ќе ги поврзе домаќинствата со село Љуботен преку месноста Струмина Чешма, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

До пред неколку години овој дел од градот беше викенд зона, но со изградбата на браната на река Отиња има експанзија на изградби на куќи за домување, а жителите немаат изградена патна инфраструктура.

-Во прва фаза наредните неколку денови ќе се работи на еден крак, асфалтирање на еден крак кој води до Струмина чешма, викенд населбата Суитлак. Инвестицијата е на Оптшина Штип, нешто повеќе од еден милион денари се одвоени за асфалтирање на оваа улица која опфаќа неколку викенд куќи, изјави Јорданов.

Дебар - Заради овозможување непречен природен мрест на рибите и зачувување на рибниот фонд, на Дебарско Езеро во тек е забрана за риболов на крап и црна мрена.

-Во согласност со одлуката на Федерацијата на рибари, на нашето езерото во тек е забрана за риболов и тоа на крап што ќе трае до 30 овој месец, до кога трае и забраната на риболов на црна мрена, што е воведена од 15. минатиот месец, изјавија од Спортското риболовно друштво „Трофта“ (пастрмка).

Додаваат дека забраната за вршење на рекреативен риболов во риболовните води е востановена секоја година во овој период, заради непречен природен мрест на овој вид риба.

-Нашата рибочуварска служба постојано е во обиколка на езерото. Наша цел како концесионер е да го заштитиме рибниот фонд на езерото, кое порано беше познато по богатиот и разновиден рибен фонд, кој што за жал во изминатите години беше опустошен, посочуваат од друштвото.

Во овој период дозволен е риболов на плашица и на пастрмка. Претходно имаше забрана за риболов на клен од први до 31 мај, како и на бојник од 15 април до 15 мај.

Гевгелија  - Манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ продолжува со организирање гостување на Друштвото на новосадски книжевници и промоција на Меѓународната антологија „Нов духовен мост“ и предфестивалски концерти на Детскиот фестивал „Калинка“, соопштија од локалната самоуправа.

Книжевниот настан ќе се одржи утревечер. На него ќе биде промовирана двојазична антологија, во којашто се застапени творби на 49 автори од Македонија и Нови Сад, а којашто во декември 2024 година беше претставена во седиштето на Друштвото. Во рамки на промоцијата, ќе допатуваат и ќе бидат претставени писателите и поетите Селимир Радуловиќ, Мирослав Алексиќ, Ѓорѓе Писарев, Сунчица Радуловиќ Торбица и Наташа Бундало Микиќ (Србија) и Христо Петрески (Македонија).

Како што се наведува во објавата на Општина Гевгелија, целта на оваа нова книжевна организација, покрај останатото е и книжевно-културна размена помеѓу Нови Сад како европска престолнина на културата за 2021 година и останатите европски градови, преку континуиран процес на промовирање културни содржини и соодветен систем на вредности.

Остани поврзан