МИА Општински пул
- МИА Општински пул
2 јули 2025
Дебар - На подрачјето на кое интервенира дебарската територијална противпожарна единица, за изминатиот период од годинава регистрираани се повеќе интервенции, главно на отворен простор, споредено со истиот период минатата година.
-Во периодот јануари-јуни имавме 49 интервенции, што е за 10 повеќе споредено со истиот период лани. Поголемиот број од интервенциите се пожари на отворен простор или 30, на објекти се 10, на сообраќајни средства две и 7 се технички интервенции. И минатата година за овој период поголем број од пожарите се на отворен простор, изјави за МИА, Џетан Мифтароски, Командр на ТППЕ.
Поради високите температури и зголемениот ризик од пожари Мифтароски упатува апел до сите граѓани да се однесуваат одговорно.
-Упатувам апел за претпазливост, до граѓаните, земјоделците, сточарите, со цел спречување на појава на пожари на отворен простор. Сите треба да бидеме свесни дека со нашето совесно однесување придонесeуваме во заштитата на животна средина, имотите и заедниците во целина. Потсетувам дека од вчера па се до 31 август во сила е целосната забрана за движење во шумите, рече Мифтароски.
Куманово - Осумдесет и деветгодишен кумановец пријавил злоупотреба на службена положба од извршител од Куманово, соопшти денеска полицијата. Според информацијата на СВР Куманово, повозрасниот граѓанин пријавил дека бил оштетен за сума од нешто над 2, 5 илјади евра.
- Вчера во 10.00 часот во СВР Куманово С.Т. (89) од Куманово пријавил злоупотреба на службена положба од страна на извршител од Куманово при што го оштетил за сума од 158.534 денари, соопшти полицијата која презема мерки за расчистување на случајот.
Во друг случај, повозрасен кумановец бил нападнат и ограбен. Вчера во 19.00 часот полициски службеници ги лишиле од слобода М.И. (33) и еден малолетник, затоа што на улицата „Перо Тошев“ во Куманово го нападнале С.И. (85) и му одзеле пари. Тие биле приведени во полициска станица и по целосното документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.
Полициските службеници од СВР Куманово и социјални работници презедоа мерки за сузбивање на питачењето на подрачје на Куманово.
Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола го објави конкурсот за студенти бруцоши, односно за додипломските студии каде има места за 2.318 студенти, од нив 1.199 се за државна квота, 675 може да студираат со кофинансирање, а 444 места се за вонредни студенти.
Најмногу слободни места има на Технички факултет, вкупно 350 и на ФИКТ каде може да се запишат 300 бруцоши, а според објавениот конкурс на Техничко технолошки факултет во Велес објавени се 100 места, на Факултет за туризам и угостителство 256, на Економски факултет во Прилеп 217, потоа на Правен факултет-Кичево слободни се 215, на Педагошки факултет 230, а на Факултетот за безбедност во Скопје годинава ќе може да се запишат 270 студенти.
Најмалку студенти во прва година може да се запишат на Ветеринарен факултет во Битола каде место има за 45 студенти.
Како прва македонска високообразовна институција дел од Алијансата финансирана од Европската Комисија, УКЛО-Битола почитува европски вредности, нуди мобилности и избор на предмети, а наскоро и со можност за двојна диплома на деветте COLOURS универзитети.
Скопје - Во насока на унапредување на земјоделското производство, Општина Илинден и годинава ја реализираше акцијата за испитување на квалитетот на обработлива почва на територијата на општината. Земени се примероци од вкупно 20 локации, опфаќајќи ги сите населени места во општина Илинден.
Агрохемиските анализи се извршени во акредитирана лабораторија при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Целта на ова испитување е земјоделците навремено да добијат стручни информации за состојбата на почвата која ја обработуваат, што ќе им овозможи прецизно и рационално ѓубрење на културите, зголемување на приносот, подобрување на квалитетот на земјоделските производи, како и намалување на загадувањето на почвата. Резултатите од анализите се јавно достапни и можат да се прегледаат на официјалната веб-страница на Општина Илинден (ilinden.gov.mk).
Овој проект е дел од Стратешкиот план за развој на Општина Илинден 2022–2026 и ќе продолжи континуирано да се спроведува, со цел да се опфатат што е можно повеќе земјоделски површини и да се обезбедат подетални податоци за квалитетот на земјиштето на целата територија на општината.
Демир Капија - Реконструиран е патот што ги поврзува демиркаписките села Корешница и Челевец, информираше денеска градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров.
- Градежните активности за реконструкција на локалниот пат што ги поврзува селата Корешница и Челевец се завршени во предвидениот рок. Во оваа прва фаза беше предвидена реконструкција и рехабилитација на делницата со вкупна должина од 1.180 метри. Со подобрувањето на патната инфраструктура ги потврдуваме нашите заложби за развој на општина Демир Капија и населените места, бидејќи граѓаните на нашата општина заслужуваат политики што поврзуваат, соопшти тој.
Петров подвлече дека со овој локален пат значително ќе се зголемат безбедноста и удобноста во сообраќајот, особено за локалното население, како и за сите оние кои го користат овој патен правец.
- Им благодарам на моите сограѓани кои имаа верба, трпение и кои ни даваа поддршка целиот изминат период, за сите заедно да испишеме уште една успешна страница за развој на нашата општина. Нивните сугестии и барања за нас се предизвик, поттик за работа и многу реализирани проекти во иднина во интерес на сите нас, посочи градоначалникот на Демир Капија.
Скопје - Општина Аеродром и оваа година ќе доделува еднократна парична помош во висина од 3.500 денари за семејствата, чие дете е прваче во едно од основните училишта на територијата на општината. Рокот за пријавување е од денеска - 2 јули до 30 септември, информираат попладнево од локалната самоуправа.
- Потребно е до архивата на Општината да се поднесат потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2025/2026 година, заверена од основно училиште од територијата на општина Аеродром или основно училиште со ресурсен центар, фотокопија од извод од матичната книга на родените за првачето, како и на увид - лична карта или патна исправа на барателот, појаснуваат оттаму.
Образецот и изјавата за согласност за обработка на лични податоци, што треба да се пополнат, можат да се најдат на интернет.
Дебар - Во гимназиите „28 ноември“ во Дебар и „АТА“ во Центар Жупа, во првиот уписен рок, во прва година, за учебната 2025/2026 година, пополнети се само 128 од предвидените 272 ученички места.
-Во нашата образовна институција во двете пријавувања, од првиот уписен рок од предвидените 204 ученички места пополнети се 105. Гледано одделно по наставен јазик, на македонски се 23 од предвидените 68, додека на албански 82 од предвидените 136 ученички места, рече за МИА, Афрона Леши, професорка и одговорна за упис во гимназијата во Дебар.
Тоа значи дека за вториот, августовски рок, можност за упис имаат 99 завршени деветооделенци, 45 на македонски и 54 на албански наставен јазик.
Во гимназијата во Центар Жупа, предвидената квота е 68 ученици во две паралелки, односно по 34 ученици на двата наставни јазика.
- Во првиот уписен рок во нашата гимназија запишани се 23 ученици во прва година. Од нив четворица се за паралелката со настава на македонски и 19 за турски наставен јазик. Тоа значи дека слободни се 45 од кои 30 на македонски и 15 на турски наставен јазик, информираше за МИА, директорот на гимназијата Сабри Асан.
Tетово – Жена од тетовското село Синичане во Општина Боговиње била повредена од мечка, информираат од СВР Тетово откако за овој случај биле известени од тетовската Kлиничка болница. Станува збор за 41 годишна жена која се движела по шумски пат во место викано „Голем рид“.
-На 01.07.2025 околу 18 часот во СВР Тетово од Клиничка болница Тетово е пријавено дека кај нив била донесена Е.Х.(41) од сelo.Синичане, која според пријавеното, се здобила со повреди околу 16.30 часот кога на шумски пат на место викано „Голем рид“ во сelo Синичане била нападната од мечка, соопшти СВР Тетово.
Дебар - Поради интервенции во водоводна мрежа на улицата „Петрит Бомова" во Дебар, денеска и во следните неколку дена по пет часа без вода ќе биде стариот дел на градот, додека поради планирани интервенции во електромрежата денеска без струја шест часа е речиси целиот град и неколку населени места.
-Во рамки на целосната реконструкција на улицата „Петрит Бомова" вршиме замена на старите водоводни цевки. Поради тоа без вода се жителите на горниот дел од градот, (висока зона) поточно повеќе улици, населбата „Вакоф" и сите улици во близина на ООУ „Саид Најдени", како и патот до граничниот премин „Блато", информираа од ЈКП „Стандард".
Додаваат дека прекинот во снабдувањето е во период од 8 до 13 часот и ги замолуваат граѓаните за разбирање и трпение.
Од 8 до 14 часот денеска без напојување со електрична енергија е речиси цел Дебар, освен дел од населба „Венец" и околината на Дебарското Езеро. Без струја се и населеното место Бомово, Бањиште, бањскиот локалитет „Дебарско Бањи-Цапа", во истото село, како и граничниот премин „Блато".
Неготино - Вечерно ѕвездено набљудување, дел од неготинско научно лето, беше реализирано синоќа кај спомен костурницата во Неготино, од 20.30 часот до полноќ.
- Продолжуваме под отворено небо со телескопско набљудување на Месечината, планетите и ѕвезденото небо. Имаме поставени телескопи и водство од љубители на астрономијата. Локацијата кај споменикот нуди одлични услови за набљудување, рекоа организаторите на настанот, активистите од регионалното здружение за заштита на природата, ,,Ековита" од Неготино.
Оттаму потсетија дека на оваа но и други локации, досега се реализирани бројни вакви активности, на кои присуствуваат голем број на заинтересирани, да уживаат во набљудувањето и научните податоци, во едни магични вечери.
Кристина Тодорова од ,,Ековита" подвлече дека во рамките на неготинско научно лето, ќе има и други интересни настани.