• понеделник, 23 декември 2024
МИА Флеш
13 јули 2021  Скопје – Владата на денешната седница донела одлука за законски измени на т.н. закон за стечајци, со кои ќе се овозможи уште 1.100 стечајци, кои имаат најмалку 14 години работен стаж во претпријатија со доминантна државна сопственост, да добијат право на месечен надоместок до вработување или пензионирање. Досега за право на надомест можеа да аплицираат граѓани кои имаа најмалку 15 години работен стаж. – Досега со неколку законски решенија обезбедивме финансиски надомест за невработени лица чиј работен однос престанал по ликвидација, стечај или технолошки вишок, а работеле во претпријатија со доминантна државна сопственост. Со овие законски решенија обезбедивме месечен надомест од 34 проценти од просечна нето плата за 11.420 граѓани, рече на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев. Скопје – СДСМ на вечерашната седница на Извршниот одбор ќе ги утврди дваесетината кандидати за градоначалници за локалните избори. Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев денеска изјави дека Извршниот одбор на партијата на ниво на држава, носи одлуки и им препорачува на општинските организации за кој кандидат да се изјаснат при донесувањето на нивните одлуки, а конечни се одлуките на општинските конференции на локално ниво коишто ги сочинуваат делегатите и се највисок орган на општинските организации на СДСМ на локално ниво. – Но, ние нашиот став вечерва ќе го изградиме за дваесетина градоначалници. Точно заради тоа што тука некаде се и поминати постапките. Вечерва ќе ги разгледаме анализите. Не можам однапред да кажам иако неколку имиња веќе и се знаат заради тоа што се недвојбени, се апсолутно фаворити, победници, околу нив е изградено единство не само на социјалдемократите, не само на коалиционите партнери, туку и на граѓаните и верувам дека ја заслужиле честа да добијат уште еден мандат за градоначалник на своите општини, но одлуките штом ќе бидат донесени ќе ги соопштиме јавно, рече Заев. Скопје – Законот за државјанство денеска помина на Влада и ќе биде со европско знаменце. Службите ќе го испратат до Парламентот, но го блокира Левица без разумно оправдување, рече денеска премиерот Зоран Заев. -Законот е согласно декларациите за државјанство усвоени во ЕУ. Последните промени беа со коресподентни табели – комплетно вградување на европските регулативи во нашето законодавство. Се прават пошироки критериумите за решавање на проблемот со државјанството. Генерално сме усогласени, власта и опозицијата. Законот е блокиран од мала политичка партија Левица која без разумно оправдување не дава одговор зошто тоа го прави, освен, според мене, да продуцира меѓуетнички проблеми и нетрпеливост што треба да го чуваме и негуваме, а не да го поттикнуваме и разгоруваме, рече Заев, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со министерката Јагода Шахпаска. Скопје – Се согласувам дека прашањата се решаваат билатерално во Скопје или во Софија, изјави премиерот Зоран Заев, коментирајќи ја изјавата на претседателот на Бугарија Румен Радев дека политиката на Бугарија кон Северна Македонија зависи од отворен и конструктивен дијалог меѓу двете земји. -Многу често претседателот Радев кажува дека тоа не се решава во Брисел или Вашингтон и јас се согласувам – тоа се решава во Скопје или во Софија, билатерално, а пријателите што нè храбрат да изнајдеме решенија се секојпат добредојдени. На работниот состанок на 17 јуни мислам дека ги адресиравме сите детали, важни за нашата страна, важни за бугарската страна. Надежта останува да се оформи бугарскиот парламент и, пред сè, да се оформи политичка влада која ќе раководи со извршната власт на Република Бугарија, затоа што прашањето во Брисел се адресира преку Владата и верувам дека на вака заокружени решенија многу брзо ќе почне имплементацијата на патоказот кој носи добробит на граѓаните на двете земји во различни области, истакна Заев на прес-конференција. Скопје - СДСМ ја поддржува Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и целосно стои зад заштитата на македонскиот јазик и идентитет, но Уставот во однос на името на државата мора да се почитува, рече денеска премиерот Зоран Заев. Заев напомена дека во документот, секаде каде што се наведува името на државата, треба да стои Република Северна Македонија. -Ако некој сака да го избегне уставното име, нека го прави тоа сам, ние тука нема да партиципираме. Нема да го кршиме Уставот. Уставното име на државата е Република Северна Македонија. Ја поддржуваме Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе застанеме зад неа, на сите да им биде јасно дека сме сите заедно застанати во заштита на македонскиот јазик и идентитет, но тоа не значи дека треба да го кршиме Уставот, напомена Заев. Први што треба да го почитуваат Уставот, дополни, се токму Парламентот, Владата, институциите и политичките партии. Скопје – Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека ниту една економија во текот на годинава нема да се врати на развојната патека како во преткризниот период. Очекувањата се дека тоа ќе се случи кон средината на 2022 година. Одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата, Бесими рече дека од средината на 2022 година со забрзана динамика би имале подобри економски перформанси во смисла на инвестиции, нови работни места, намалување на невработеноста…. Не се согласува и со констатацијата дека државата не инвестирала доволно, посочувајќи притоа дека се реализирани низа мерки за поддршка на стопанството и граѓаните во кризниот период и како резултат на тоа забележан е пад на БДП од 4,5 проценти наместо од 8,7 проценти. Скопје – Се додека Собранието не ги донесе потребните законски измени за намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто, домаќинствата ќе ги плаќаат сметките со постојната ставка на ДДВ од 18 отсто која е сега на сила, потврди денеска министерот за финансии Фатмир Бесими. -Се додека Предлог законот не помине на Собрание и не се објави во Службен весник важи постојното законско решение, а тоа е дека сметките ќе доаѓаат со ДДВ од 18 отсто што е сега на сила. Штом ќе помине законот во Собрание, од денот на неговото донесување ќе се пресметува 5 отсто ДДВ за домаќинствата за потрошена електрична енергија, прецизира Бесими во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата. Нагласи дека се разгледува можноста со пратенички амандман да се побара намаленото ДДВ да важи од 1 јули како што е првично определено во законското решение. Скопје – Изненаден сум што некој ги блокира овие закони, што ни се неопходни за да го решиме проблемот со отпадот, бидејќи е очигледно дека со постојаната регулатива имаме проблем со отпадот, вели министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини во изјава за МИА за блокадата на законите за екологија во Парламентот. Тој посочи дека тие што не успеале да ги прочитаат законите што се достапни на јавноста околу 12 месеци, треба да ги прочитаат. – Делот со РДФ отпадот што беше изработен согласно стандардите на ЕУ, но предизвика загриженост во јавноста, се согласивме со пратениците да го измениме и увозот на РДФ да биде забранет додека не се обезбедат капацитети за добри контроли, додава министерот. Скопје – Во рамките на Регионалната програма за јакнење на институционалните капацитети на централните банки на земјите од Западен Балкан заради нивна интеграција во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), во соработка со Банката на Португалија беше воведена втората, од двете билатерални мерки, за понатамошно усогласување и хармонизација со статистичките барања на Европскиот систем на централни банки.

Како што соопштија од кабинетот на гувернерот на НБ, основната цел на оваа билатерална мерка е размена на искуства со Банката на Португалија во процесот на спроведувањето на Проектот за интегриран систем на известување за банките (ИСИДОРА) за статистички и супервизорски цели.

Скопје  – Секој граѓанин е важен и може да даде придонес во борбата против корупцијата. Заедничка акција во борбата против корупцијата, јакнење на интегритетот на институциите, промоција на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и заштита на укажувачите се главните пораки на Кампањата за интегритет, која е дел од проектот за „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Република Северна Македонија“, чии корисници се Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Инаку, над 55 отсто од граѓаните сметаат дека институциите не се справуваат со корупцијата, а 53 отсто сметаат дека оваа појава е голем проблем во општеството, покажале резултатите од истражувањето на јавното мислење, спроведено во рамки на оваа информативна кампања. Испитаниците додале дека причината за ширењето на корупцијата во општеството се должи на отсуството на казни за сторителите. Скопје – Владата преку разни економски мерки во текот на 2021 година ќе ја продолжи таргетираната поддршка за стопанството и за ранливите категории на граѓани, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и нагласи дека таргетираната и привремена поддршка е една од препораките произлезени од годишниот дијалог за економски политики на земјите од Западен Балкан и Турција со земјите-членки на ЕУ и Европската централна банка што се одржа вчера. Препораките од  годишниот дијалог, како што кажа, се во насока да им помогнат на земјите опфатени со проширувањето на ЕУ да го зајакнат економскиот и социјалниот развој. Бесими денеска на прес-конференција во Владата посочи дека во услови на периодични бранови на пандемија, огромен предизвик за нашата и за економиите од регионот ќе биде да тргнат повторно по патот на закрепнување и раст.  Скопје  – Бојан Јовановски – Боки 13 и Фросина Ременски обвинети во предметот „Меѓународен сојуз“ денеска побараа изземање на обвинителката Вилма Русковска. Според образложението на Јовановски  барањето за изземање на обвинителката е поради новонастанати околности, односно по обработката на дел од податоците од неговиот мобилен телефон кој судот му го вратил. Според Боки 13 обработени се околу стотина илјади податоци од еден милион и двеста и четириесет илјади колку што имало во мобилниот или 286 фајлови. Тој му укажа на судот дека наишол на бришени податоци во неговиот мобилен но ќе направи напори преку ИТ алатки да ја врати содржината за што судот ќе добие целосно извештај како ќе се изврши тоа. Скопје – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска имаше работен состанок со претставници од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДКАФ). Како што соопшти МВР, на средбата присуствуваа и претставници од организациски единици во рамки на Министерството надлежни и активни во спроведување на проектите на ДКАФ. Скопје – Министерството за образование и наука заедно со Швајцарската амбасада и со швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија“(Е4Е@мк) на работилница ги планира активностите за следните пет години за вложување и развој на средното стручно образование во земјава. Како што соопшти МОН, министерката за образование и наука Мила Царовска на отворањето на работилницата истакна дека концептот на дуалното образование е привлечен за младите затоа што нуди квалитетно образование, а теоретските знаења од училиштето се надградуваат со знаења и вештини што учениците ги стекнуваат на конкретно работно место преку практична работа и за таа цел еден од главните приоритети на МОН е токму унапредувањето на средното стручно образование.
Скопје – Дваесет и еден нов случај на КОВИД-19 регистрира Институтот за јавно здравје во изминатите 24 часа од направени 3227 тестирања. Седуммина се оздравени и нема починати пациенти.  Од новодијагностицираните, 11 се во Тетово, по тројца во Скопје и Куманово, двајца во Струга и по еден нов случај во Гостивар и Штип.
Од седумтемина оздравени,  по двајца се во Скопје и Куманово и по еден оздравен имаат Битола, Тетово и Кичево.
Брисел – Судовите во Хрватска, Полска и Словачка според граѓаните, се најмалку независни во Европска Унија, главно поради политичко мешање во нивната работа, покажува истражувањето објавено од Европска комисија.
Повеќето учесници во истражувањето оценуваат дека независноста на судството е исто така прилично или многу слаба во Бугарија, Италија, Шпанија, Унгарија и во Словенија. Испитаниците како главни причини за недоверба во независноста на судовите и судиите ги наведоа мешањето или притисокот од владата или политиката, се наведува во годишниот извештај на ЕК за состојбата на судството, кој споредува анализи за ефикасноста, квалитетот и независноста на судските системи во сите земји-членки на ЕУ. Белград  – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти ќе се сртетнат на 19 јули во Брисел во рамките на новата рунда од Дијалогот Белград-Приштина, со учество на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел и медијаторот на ЕУ, Мирослав Лајчак, јави допсиникот на МИА од Белград. Ова денеска го изјави портпаролот на Борел, Петер Стано и оцени дека има напредок во последниот технички дијалог, како и на претходните состаноци. Стано истакна дека целта на дијалогот е „взаемно прифатлив консензус и компромис со цел да се постигне правно обврзувачки договор за нормализирање на односите“. Атина – Преку специјалната апликација „Covid free“, сопствениците на ноќните клубови, кафулињата и сл ќе ги проверуваат сертификатите за вакцинација или прележан Ковид-19 на гостите, кои ќе бидат задолжителни за внатрешните делови, каде што дозволено е само седење, согласно новите одлуки на грчката Влада што од петок 16 јули стапуваат во сила и ќе важат до 31 август, јави дописничката на МИА од Атина. Надлежните министри, денеска, на прес конференција детално ги објаснија мерките што вчера ги соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Париз – Францускиот производител на вино и жестоки пијалаци Моет Хенеси (Moët Hennessy) соопшти дека ќе основа заедничка компанија со италијанскиот „Кампари“ за да прерасне во водечка европска компанија за е-трговија со вина и алкохолни пијалаци. Моет Хенеси, член на гигантот за луксузни производи LVMH и „Кампари“ ќе имаат еднакви удели во новата компанија, основана со цел инвестирање во компании за продажба преку интернет, и ќе ја вклучува интернет платформата „Танико“. Трансакцијата ќе се изврши со тоа што Кампари ќе продаде 50 отсто од акциите на новата компанија на Моет Хенеси за 25,6 милиони евра и треба да се склучи откако компаниите ќе ги добијат потребните регулаторни дозволи. Каиро – Контејнерскиот брод „Евер Гивен“, што во март го блокираше Суецки Канал, утрово исплови од египетските води по извршената инспекцијата во пристаништето Порт Саид. Еден од најголемите бродови со контејнери во светот продолжува да плови кон Ротердам, 112 дена откако шест дена беше заглавен во Суецки Канал и ја прекина глобалната трговија. Бродот ја напушти локацијата каде што беше закотвен повеќе од три месеци на 7 јули откако сопственикот и осигурителната компанија постигнаа договор за компензација со властите на каналот.

Софија – „Има таков народ“ стана првата политичка сила на парламентарните избори во Бугарија на 11 јули. Со гласовите на Бугарите од Лондон, решен е спорот за тоа дали „Има таков народ“ или ГЕРБ ќе биде најголемата партија во 46. Национално Собрание на Бугарија, јави дописникот на МИА од Софија.

Според најновите резултати објавени од ЦИК на нејзината веб-страница, со гласовите кои пристигнаа во последен момент од Лондон, партијата на Слави Трифонов ќе има 65 пратеници од вкупно 240 пратеници, додека ГЕРБ на Бојко Борисов ќе има 63 места. Партијата на Трифонов веќе има 14.925 гласови повеќе од Борисов.

Атина – До 16 август 2021 година, сите работници во јавните и приватните домови за нега на стари лица, во центрите за рехабилитација, за грижа на лица со инвалидитет и попреченост, во домовите за деца без родители, во институциите за згрижување на хронично болни и слично, ќе треба да бидат целосно вакцинирани или да имаат примено барем една доза, во спротивно, тие што ќе одбијат, ќе бидат испратени на принуден неплатен одмор, соопшти денеска министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина. Вакцинацијата, како што вчера најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, ќе биде задолжителна за вработените во центрите за грижа и за здравствените работници, а надлежниот министер на прес конференција ги соопшти деталите. Задолжителната вакцинација се однесува на целиот персонал, на здравствениот и административниот, а за прием во центрите за кои важат одлуките, предуслов е завршената имунизација. Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон го извести својот кабинет дека денеска ќе биде покрената итна акција со социјално медиумските компании против злоупотреба на интернетот и повторно го осуди расистичкото насилство против англиските фудбалери. Тој истакна дека расистичкото насилство е крајно срамно и произлегува од мрачните простори на интернетот. Портпарол на Џонсон изјави пред новинарите дека денешниот состанок со социјално медиумските компании ќе се искористи за акција во пресрет на заострените закони кои ќе стапат во сила. Багдад – Најмалку 66 лица загинаа, а сто се повредени во пожар што зафати болница, во која се лекуваат заразени с Ковид-19 во ирачкиот град Насирија, јави ирачката државна новинска агенција ИНА. Причина за пожарот е дефект во електричната инсталација. Искри од инсталацијата запалил боца со кислород, што експлодирала. Претходно, ирачкиот премиер Мустафа ал Кадеми изјави дека е уапсен директорот на болницата.

Тагови

Остани поврзан