• недела, 22 декември 2024

МЗ: За ѕидот зад Детска клиника, потребно е да се најде решение со Град Скопје и Општина Центар

МЗ: За ѕидот зад Детска клиника, потребно е да се најде решение со Град Скопје и Општина Центар

Скопје, 11 јуни 2024 (МИА) - Од Министерството за здравство (МЗ) денеска соопштија дека потребно е да се најде заедничко решение со Град Скопје и Општина Центар, околу урнатиот потпоред ѕид кај Детската клиника.

Како што појаснуваат од МЗ, паднатиот потпорен ѕид позади Клиниката за детски болести е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на земјиштето.

- Секој од објектите во Клиничкиот центар има право на користење на објектите, но, нема доделено право на трајно користење на земјиштето околу клиниките. Во интерес на граѓаните, потребно е да се изнајде итно решение во заеднички напори со надлежните институции Градот Скопје и Општина Центар, кои треба да бидат иницијатори за решавање на проблемот, поради тоа што се работи за улица, а надлежните инспекциски служби да дадат мислење за моменталната безбедност, се наведува во денешното соопштение.

Претходно денеска, од Општина Центар излегоа со соопштение, во кое остро ги демантираа „наводите и шпекулациите дека санацијата на потпорниот ѕид на Клинички центар и улица „Белградска“ се во надлежност на општината“.

- Овој проблем се провлекува со години и постојано одговорот е ист, безбедноста и функционалноста на „Белградска“ не е наша надлежност. ЦУК и пред две години алармираше за состојбата со потпорниот ѕид кај Универзитетската клиника за детски болести и безбедноста на улицата „Белградска“. На нивна иницијатива, Министерството за здравство посочи дека за санацијата е потребна координирана активност на јавните претпријатија на Град Скопје. И тогаш, Општина Центар, на 30.12.2022, децидно одговори дека безбедноста и одржувањето на „Белградска“ согласно Договорот од 05.08.2019, е обврска на Град Скопје. Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше, пишува во изјавата на градоначалникот Горан Герасимовски.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) вчера апелираше до надлежните институции, да се координираат и веднаш да се реши проблемот со потпорниот ѕид.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека со најлошо сценарио, може да дојде до рушење не само на ѕидот, туку и на дел од улицата по која минуваат возила.

- Може да дојде до поголема трагедија каде ќе бидат опфатени и возила. Во опасност се човечки животи, здравје, но и човечки имот, мислејќи на паркираните возила под ѕидот, појасни Ангелов. бд/са/

Фото: Принтскрин / Центар за управување со кризи

Остани поврзан