• недела, 22 декември 2024

МЗШВ: Со нашето искуство ќе помогнеме Азербејџан успешно да го реализира процесот на консолидација

МЗШВ: Со нашето искуство ќе помогнеме Азербејџан успешно да го реализира процесот на консолидација

Скопје, 9 ноември 2023 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со претставници на Министерството, претставници на државните институции во делот на земјоделството и претставници на ФАО, денеска пред делегацијата на Република Азербејџан ги презентираа позитивните искуства на нашата држава во спроведувањето на процесот за консолидација на земјоделското земјиште.

Како што информираат од МЗШВ, високата делегација на Република Азербејџан предводена од Шахмар Мовсумов, помошник на претседателот на државата и раководител на Одделот за економски прашања и иновативна развојна политика на претседателската администрација и азербејџанскиот министер за земјоделство Мајнун Мамедов, од денеска се во официјална посета на Северна Македонија со цел споделување на нашето позитивно искуство и директно запознавање со поволностите во земјоделството од процесот на консолидација.  

- Република Северна Македонија е земја лидер во реализирањето на процесот за консолидација, проект започнат уште во 2017 година кога заедно со поддршка на Европската Унија и ФАО започна спроведувањето на проектот МАИНЛАНД во вредност од 2.8 милиони евра. Проектот МАИНЛАНД успешно го завршивме со висока 99 отсто реализација и консолидирани земјишни парцели во девет подрачја, односно во Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево. Со поддршка од нашите партнери Европската Унија и ФАО, започнавме подготовка и на новата Национална стратегија за консолидација на земјиште 2022-2030 година. Новата стратегија ја одразува нашата определба да продолжиме да ја намалуваме расцепканоста на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделските стопанства, се наведува во соопштението.

Николовски изразил задоволство за честа Северна Македонија да биде пример, по кој Азербејџан ќе се води низ процесот на консолидација на земјоделското земјиште. бд/ир

Фото: МЗШВ

Остани поврзан