• сабота, 27 јули 2024

Меџити за борбата со Ковид-19 на 78. Генерално собрание на ОН

Меџити за борбата со Ковид-19 на 78. Генерално собрание на ОН

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Пандемијата со Ковид-19 го истакна значењето на здравите и силни здравствени системи, беспрекорната координација и ефективни механизми за одговор. Северна Македонија не беше изземена од нејзините разорни влијанија. Нашата здравствена инфраструктура е под тежок притисок, а ранливите заедници понесоа непропорционален товар. Нашиот одговор мора да биде брз, со еднаков пристап кон сите и напреден. Еднаквиот пристап е во срцето на нашата стратегија. Ја зајакнуваме јавната здравствена инфраструктура, ги подобруваме системите за надзор и даваме приоритет на недоволно опслужените заедници.

Ова го нагласил министерот за здравство Фатмир Меџити, во рамки на 78. Генерално собрание на Обединетите Нации, обраќајќи се на седницата од висок ранг на тема „Превенција на пандемии, подготвеност и одговор на истите”.

Како што информираат од Министерството за здравство, Меџити во своето обраќање говорел за предизвиците со кои здравствените системи се соочија насекаде во светот во екот на корона-кризата, како и за товарот што здравствениот систем во Северна Македонија го носеше во борба со Ковид-19.

- Министерот се осврна и на заложбата за инвестиции во критичните недостатоци во однос на подготвеност за пандемии и градење отпорен здравствен систем. Тој потенцираше дека од клучна важност е модернизирање на здравствените системи како и современа и навремена испорака на услуги за ефикасна и ефективна грижа за пациентите, потенцирајќи дека овие долготрајни предизвици во земјите од регионот треба што побрзо да се надминат, пишува во соопштението.

Министерот подвлекол дека предизвиците како пандемии не познаваат граници и „затоа потребна е солидарност меѓу земјите и колективен одговор, како во размена на искуства и експертизи, така и во размена на информации и спречување на дезинформации“.

- Гледајќи напред, ние се обврзуваме на натамошно градење на отпорност на здравствениот систем. Северна Македонија е отворена за меѓународна соработка и партнерство за постигнување на овие цели. Само со заеднички одговор во време на пандемии и здравствени кризи може да ги заштитиме нашите граѓани, да го зајакнеме нашиот здравствен систем и подобро да се подготвиме за идни предизвици, се наведува во писмената изјава на Меџити. бд/ац/

Фото: Министерство за здравство

Остани поврзан