• вторник, 14 мај 2024

Меѓународниот кривичен суд нема да  ги истражува наводните воени злосторства на САД во Авганистан

Меѓународниот кривичен суд нема да  ги истражува наводните воени злосторства на САД во Авганистан
Хаг, 28 септември 2021 (МИА) - Меѓународниот кривичен суд во Хаг нема да ги испитува наводните злосторства извршени од американската војска во Авганистан, изјави новиот главен обвинител Карим Хан. Тој додаде дека истрагата треба да се фокусира на акциите на борците од радикалното движење Талибан и терористичката група Исламска држава. Претходничката на Хан, Фату Бенсуда од 2017 година се обидува да започне формална истрага за акциите на талибанците, авганистанските војници и припадниците на американската армија во Авганистан. Таа тврди дека постојат основи за истрага за наводни воени злосторства во периодот од 2003 до 2014 година, вклучувајќи масовни убиства од страна на талибанците и мачење затвореници во авганистанските и затворите на ЦИА. Во 2020 година, Апелацискиот суд на Меѓународниот кривичен суд одобри покренување на истрага. Претседавачот, Пјотр Хофмански, тогаш истакна дека прелиминарната проверка на Бендуса дава доволна основа да се верува дека се извршени воени злосторства во Авганистан. Хан истакна дека по доаѓањето на власт на талибанците радикално е сменета и оти истрагата мора повторно да започне, бидејќи Трибуналот има ограничени ресурси, и мора да се фокусира на случаи што најверојатно ќе завршат со пресуда. Одлуката на Судот е поздравена од американската администрација, додека организациите за човекови права остро го критикуваа одбивањето на Трибуналот да ги испита акциите на американската војска. Нападот на американските беспилотни летала во Кабул кон крајот на август оваа година, во кој загинаа десет цивили, покажува дека Меѓународниот кривичен суд мора да ја преиспита таквата одлука и да ги изведе САД пред лицето на правдата, наведе Самира Хамиди од Амнести интернешенел. ми/

Остани поврзан