• вторник, 25 јуни 2024

Меѓународна летна школа за права на бегалци и миграција

Меѓународна летна школа за права на бегалци и миграција
Скопје, 26 август 2022 (МИА) - Центарот за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во партнерство со Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија и Меѓународниот институт за хуманитарно право во Санремо, оваа година организира трета летна школа за права на бегалци и миграција. Летната школа за 2022 година е посветена на темата: „Kонфликтите како причина за раселување“. Летната школа претставува можност за студенти од сите три циклуси на студирање да се стекнат со знаење од областа на право на бегалци и миграција. Програмата опфаќа 13 предавања и дополнителни попладневни сесии организирани во 5 дена и е дизајнирана да им помогне на студентите критички да размислуваат за прашања поврзани со правата на бегалците и миграцијата во интердисциплинарен и меѓународен контекст. Предавачите на оваа летна школа доаѓаат од целиот свет и се од редот на универзитетски професори, како и експерти и практичари од областа на правото за бегалци и миграцијата и пошироко. Оваа година летната школа се спроведе преку онлајн платформа за комуникација. Во текот на отворениот повик за летната школа аплицираа над 300 студенти од 80 земји од светот. Од вкупниот број на апликанти можност да присуствуваат на летната школа добија 80 студенти од 42 држави. Голема чест е што имаме студенти од целиот свет кои се заинтересирани и посветени на изучувањето на правата на бегалците и миграцијата. -Школата се покажа успешна во текот на изминатите неколку години и ние како универзитет со голема поддршка и задоволство сме дел од овој проект. Секоја година сме домаќини на студенти и професори од целиот свет за овој настан, па затоа е големо задоволство да посакам добредојде на новата генерација студенти на нашата летна школа. Преку учеството во оваа Школа, студентите се придружуваат на голема заедница алумни кои го стекнале своето образование на нашиот Универзитет и во исто време ќе се приклучат на ексклузивна група алумни на Летната школа организирана од трите институции, истакна ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски по повод отворањето на летната школа. Според Кристина Бунеа, која го предводи одделот за заштита при Агенцијата на ОН за бегалци УНХЦР, ова издание на летната школа се надградува врз успехот од претходните две. -Овогодишната тема на летната школа е уште порелевантна имајќи го на ум растечкиот број бегалци ширум светот како последица на конфликти. УНХЦР има глобална улога како водечка агенција којашто им помага на популациите погодени од конфликти и раселување. Летната школа има за цел да го промовира бегалското право кај студенти од светот и да ја продлабочува солидарноста со бегалците создавајќи разбирање за нивните страдања. Се надеваме дека прекуграничните пријателства помеѓу учесниците исто така ќе ги охрабрат младите да ја поддржуваат бегалската кауза насекаде низ светот, рече Бунеа. Германската амбасадорка Анке Холштајн подвлече дека земјава отсекогаш покажувала исклучително добар однос кон бегалци и мигранти. -Северна Македонија е добро ситуирана да биде домаќин на ваква школа. Таа е светски позната за својот однос кон бегалците земајќи ги предвид искуствата со босанските и косовските бегалци, рече Холштајн. Директорката на Летната школа, проф. д-р Ирена Рајчиновска Пандева најави дека на Школата ќе бидат дискутирани и состојбите предизвикани од здравствената, економската и енергетска криза, како и влијанијата на климатски промени. -Ова се интересни времиња во кои живееме – се чини како да сме среде совршена бура поттикната од неколку кризи кои се преклопуваат и се надополнуваат - здравствена криза, економска криза, енергетска криза, климатски промени, глад и конфликти, како највлијателни меѓу водечките. Нивните ефекти се глобални и неизбежни, имајќи ја предвид сложената меѓусебна поврзаност на светот денес и предизвиците кои се огромни. Совршената бура пред сè имплицира дека сите овие прашања се меѓусебно поврзани, така што директно или индиректно ќе бидат дискутирани во текот на летната школа, рече Рајчиновска Пандева. мч/са/ :

Остани поврзан