• понеделник, 23 декември 2024

Меѓународната федерација на новинари ја осуди одлуката на судот против Истражувачка репортерска лабораторија

Меѓународната федерација на новинари ја осуди одлуката на судот против Истражувачка репортерска лабораторија

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) - Меѓународната федерација на новинари (МФН) ја осуди пресудата на Основниот Суд Скопје против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска во случајот за клевета кон бизнисменот Кочо Анѓушев, објавена денеска.

Цветковска и ИРЛ на 21 мај 2021 година објавија сторија со наслов „Заговор против воздухот“ во која беше споменат и поранешниот заменик-премиер Кочо Анѓушев. Тој поведе постапка во која пред судот тврдеше дека сторијата претставува навреда и клевета против него.

- За времетраење на процесот, членките на МФН, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) аргументираа дека новинарите не смеат да бидат третирани како јавно зло, затоа што тие вршат работа од јавен интерес, велат од ССНМ.

ЗНМ и ССНМ сметаат дека акцијата против Цветковска претставува СЛАП (стратешка тужба против јавно учество) – односно легално малтретирање на новинари со намера да бидат спречени да си ја извршуваат својата работа.

Новинарското здружение и синдикатот, сметаат дека пресудата претставува неуспех на судијата да го стави јавниот интерес, интересот на граѓаните над приватниот интерес на моќен бизнисмен.

- Новинарството е јавно добро и работа на секој новинар е да ги открива системските грешки. Одлуката на судот против ИРЛ е класичен пример на занемарување на јавниот интерес. Жалиме што судот ја прифати оваа класична СЛАП тужба која беше поведена токму за заплашување и демотивирање на новинарите, вели претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

Заменикот генерален секретар на МФН Тим Доусон потенцира дека задачата на новинарите е да откриваат малверзации, корупција и некомпетентност.

- За жал, оние чиишто активности се разоткриени го злоупотребуваат правниот систем за малтретирање и замолчување на нивните критичари. Случајот со Истражувачката репортерска лабораторија и нејзиниот главен уредник Сашка Цветковска е пример токму за ова, вели Доусон.

Од ССНМ и ЗНМ нагласуваат дека оваа судска одлука влегува во растечкиот глобален број на случаи каде што слободата на изразување е замолчена од неоправдано правно заплашување и финансиско исцрпување на новинарите. ир/нд/

Фото: МИА архива

Тагови

Остани поврзан