Мецола: Проширена ЕУ е најдобрата инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот
- Во новото геостратешко опкружување, проширена ЕУ базирана на јасни цели, критериуми и заслуги, секогаш ќе претставува наша најдобра инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот континент, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, по нејзиното учество на денешниот Самит на Унијата во Брисел.
Брисел, 21 март 2024 (МИА) - Во новото геостратешко опкружување, проширена ЕУ базирана на јасни цели, критериуми и заслуги, секогаш ќе претставува наша најдобра инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот континент, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, по нејзиното учество на денешниот Самит на Унијата во Брисел.
- Затоа време е да се отворат преговорите за членство на Босна и Херцеговина во ЕУ, порача Мецола.
Таа нагласи и дека ЕУ мора да продолжи да го прави сето она што е потребно за да и помогнеме на Украина да се одбрани.
- Имаме колективна одговорност да ги забрзаме и интензивираме нашите напори за да и ја доставиме опремата што и е потребна. Време да преминеме од зборови на дела, затоа што Украина дејствува како штит на Европа и наша одговорност е да дејствуваме како штит за Украина, рече Мецола.
Претседателката на ЕП нагласи дека ЕУ мора да ги зајакне санкциите за оние што ги поткопуваат интегритетот и суверенитетот на Украина, да ги преземе следните чекори во процесот на нејзината евроинтеграција и да ги искористи замрзнатите руски средства за поддршка на земјата.
- Мора да продолжиме и со мерките за автономна трговија, но во исто време и да ги заштитиме нашите земјоделци и нашиот внатрешен пазар. За ова прашање, времето е од суштинска важност, потенцира Мецола.
Според неа, во овој нов свет никој не може да успее сам и затоа е потребна соработка и да се преземат џиновски чекори во создавање на безбедносна рамка во која ќе бидат вклучени сите земји членки на ЕУ.
- Не може да зборуваме за мир, безбедност и стабилност, а да не се осврнеме на очајната состојбата на Блискиот Исток. Затоа Европскиот парламент ќе продолжи да притиска за итен прекин на огнот и да бара враќање на преостанатите заложници, како и дека Хамас не смее да продолжи да дејствува неказнето. Тоа мора да биде наша заедничка порака, рече Мецола.
Таа нагласи дека ЕУ мора да доставува хуманитарна помош за Газа, бидејќи тоа е единствениот начин да се спасат животи, но и да работи на мировно решение според моделот на две држави.
Потсетувајќи дека на 77 дена пред евроизборите денешниот е последен формален Самит на ЕУ, Мецола нагласи дека побарала од европските лидери да дадат свој придонес за усвојување преостанатите законски регулативи пред истекот на мандатот на сегашниот Европски парламент.
- Така ќе покажеме дека испорачуваме и ќе ги поттикнеме луѓето да излезат да гласаат, бидејќи секој глас е важен. Европа ќе оди напред само ако испорачува со реални и опипливи резултати, со што ќе можеме да се спротивстави на лажниот популистички наратив и на дезинформациите и пропагандата на актери кои очигледно се непријателски настроени кон европскиот проект, заклучи Мецола. сп/
Фото: ЕБС