„Месечев смешко“: Ретка небесна појава во април
- Во раните утрински часови дента, имено, тенката полумесечина во залез ќе се усогласи со Венера и Сатурн - во облик на насмеано лице.
![„Месечев смешко“: Ретка небесна појава во април](https://mia.mk/images/20250210140051_big_730x400_60.webp )
Хјустон, 10 февруари 2025 (МИА) - Оваа, 2025 година носи спектакуларни астрономски настани што ќе ги воодушеват љубителите на Вселената и ноќното небо - затемнувања, поклопувања на вселенските тела, метеорски дождови... Како и специјалниот небесен „Месечев смешко“.
Така, еден од најубавите астрономски феномени годинава се очекува на 25 април. Во раните утрински часови дента, имено, тенката полумесечина во залез ќе се усогласи со Венера и Сатурн - во облик на насмеано лице. Оваа глетка ќе биде видлива со голо око, а најдобриот поглед на неа ќе биде 20-на минути пред зори, кон хоризонтот исток-југоисток.
Претходно, нѐ очекуваат две затемнувања - целосно покривање на Месечината ноќта меѓу 13. и 14 март и делумно помрачување на Сонцето на 29 март, коешто ќе се гледа во делови од Европа, Северна Америка и Африка.
Во март и ноември се случува уште еден редок феномен - „исчезнувањето“ на прстените на Сатурн. Поради специфичното навалување на планетата, нејзините прстени привремено ќе бидат невидливи од местоположбата на Земјата.
Налето, Земјаните ќе може да го набљудуваат спојувањето на Венера и Јупитер на 11. и 12 август, а токму тие денови се случува и метеорскиот дожд Персеиди што ќе го достигне својот врв - на 12. и 13 август.
Есента ќе ја одбележи уште едно целосно затемнување на Месечината, на 7. - 8 септември, и делумно затемнување на Сонцето на 21 септември. Потоа, трите последователни месеци - октомври, ноември и декември, ќе има супермесечина. Тоа е она кога Месечината изгледа поголема и посветла од вообичаеното.
За крајот на годината, забележете го метеорскиот дожд Геминиди, којшто на 14 декември ќе донесе до 160 метеори во еден час.
За секој што сака да биде сведок на овие вселенски спектакли и реткости, се препорачуваат места со минимално светлосно загадување, како и користење на астрономските апликации што го следат времето и текот на овие настани. си/рп/
Фото: Фрипик