• петок, 05 декември 2025

Меморандум за соработка помеѓу министерствата за здравство, образование и социјална политика за рана интервенција во детството

Меморандум за соработка помеѓу министерствата за здравство, образование и социјална политика за рана интервенција во детството

Скопје, 16 мај 2025 (МИА) - Министерствата за здравство, за социјална политика, демографија и млади и за образование и наука денеска потпишале Меморандум за соработка за пилотирање и подготовка за имплементација на семејно-ориентиран систем за рана интервенција во детството (РИД).

Како што соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади, пилотирањето на новите услуги ќе го спроведуваат обучени професионалци од здравствени и рехабилитациски центри, градинки, училишни ресурсни центри и лиценцирани даватели на социјални услуги во Град Скопје, со цел да ги зајакнат семејствата и да ги поддржат децата кои се изложени на ризик од задоцнување во развојот и попреченост, преку пакет родителски совети и специјализирани услуги.

Во своето обраќање министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, го истакнал значењето на потпишувањето на меморандумот кој, според него, „претставува клучен чекор на патот кон поправедна и поинклузивна иднина за секое дете“.

-Вложувањето во раниот детски развој не е луксуз, ниту опција – туку нужност. Тоа е една од најпаметните, најефикасни и најдиректни интервенции за изградба на поеднакво општество. Секоја политика насочена кон поддршка на најмладите е инвестиција во подобро образование, поефикасно здравство, посилна економија и поодржливо општество. Оваа соработка меѓу институциите не треба да биде исклучок, туку модел што ќе го следиме постојано. Само со здружени сили – со знаење, политичка волја и меѓусебна доверба – можеме да изградиме систем што ги штити и ги поддржува нашите најмлади, порачал Лимани.

Нагласил и дека улогата на заедницата е „исто толку важна колку и онаа на институциите“, а како  клучна ја  посочил соработката со родителите, со наставниците, со здравствените и социјалните работници.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакнала дека со рано решавање на развојните проблеми, „децата имаат поголема веројатност да успеат во училиште и, како што растат, да им бидат потребни помалку посебни услуги“.

-И што е многу важно, со раната интервенција може значително да се подобри квалитетот на животот на овие деца, и тие во поголема мера да се вклучат во семејниот, училишниот и општествениот живот, рекла Јаневска. 

Информирала дека како поддршка на пилотирањето на новиот модел на рана интервенција во детството, Министерството за образование и наука ќе обезбеди вклучување на две училишта - основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, како и стручни лица од овие училишта кои успешно завршиле обука за давање на овој тип услуги.

Како што се наведува во соопштението, заменик-министерот за здравство Јовица Андовски смета дека потпишувањето на меморандумот е „ново поглавје со кое се потврдува и дополнително унапредува заложбата за подобар третман на лицата со попреченост“.

-Министерството за здравство е активно вклучено со цел обезбедување поддршка во пилотирањето на услугите за рана интервенција во детството во Скопје. За реализација на оваа активност ќе биде обезбеден зголемен број вработени стручни лица при ЈЗУ Здравствен дом Скопје и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација, како и на целата територијата на Македонија. Дополнително,  еден од следните чекори е организирање активно учество на професионалците од институциите под надлежност на министерството при давањето менторска поддршка од страна на национални и меѓународни консултанти, истакнал Андовски.

Како дополнителна новина, заменик-министерот за здравство го посочил воведувањето електронска евиденција за работа на Комисијата за функционална попреченост, како дел од националниот систем „Мој Термин“.

Во Северна Македонија се проценува дека над 17 000 деца под шестгодишна возраст може да имаат потреба од услуги за рана интервенција. Со цел надминување на недостатоците во системот, со поддршка од УНИЦЕФ беше изработена стратегија во партнерство со Здружението на специјални едукатори и рехабилитатори, за поддршка на секторите за здравство, образование и социјална заштита во воспоставувањето на системско решение кое ќе обезбеди сите деца на предучилишна возраст со ризик од развојни тешкотии и/или попреченост да добијат услуги за рана интервенција.

-Во првите пет години од животот, детето се развива побрзо отколку во кој било друг период од животот. УНИЦЕФ го поздравува овој нов пристап, преку кој семејствата ќе добијат насоки и специјализирани услуги што им се потребни за да се справат со секојдневните предизвици и да го поттикнат оптималниот развој на своите деца, изјави Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ, соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Оттаму додаваат дека мултисекторскиот договор вклучува обврска од Министерството за здравство да воспостави универзален скрининг за сите деца до шестгодишна возраст, со цел навремено откривање и интервенција на национално ниво. По завршувањето на пилот фазата, семејно-ориентираните услуги постепено ќе се прошируваат низ целата држава. хс/дма/

Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади

Остани поврзан