• недела, 22 декември 2024

Меморандум за соработка меѓу Скопскиот универзитет и Министерството за одбрана 

Меморандум за соработка меѓу Скопскиот универзитет и Министерството за одбрана 

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје и Министерството за одбрана потпишаа Меморандум за соработка со кој на студентите им се овозможува практична настава, препораки за вработување на најдобрите во областите од интерес на одбраната, стипендирање студенти од критични специјалности и промоција на воената професија на студентите на Скопскиот универзитет. Меморандумот денеска го потпишаа министерката за одбрана Славјанка Петровска и ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова.

Петровска изјави дека се бројни придобивките за двете страни од потпишување на меморандумот и се радува, рече, што неговата имплементација ќе почне многу скоро. Нагласувајќи дека образованието е темелот врз кој се развива општеството во сите сфери, истакна дека меморандумот повеќе ќе ја зацврсти и интензивира досега добрата соработка помеѓу Министерството и различни факултети на УКИМ, но ќе биде и добра основа за нови облици на соработка кои досега не биле применувани.

-Меморандумот предвидува можност за стекнување практично искуство за студентите кои ќе може да ги посетуваат обуките на еден од регионалните центри за справување со дезинформации и односи со јавност кој наскоро очекуваме да ја добие и НАТО-акредитацијата. Покрај тоа, ги отвораме вратите и за практична настава на студентите, но и организирање различни облици на доедукација на вработените во Министерството за одбрана, изјави министерката Петровска по потпишување на меморандумот. 

Ректорката Ангелова изјави дека со меморандумот двете институции отвораат огромно поле на соработка што на УКИМ ќе му овозможи поголемо општествено влијание и можност да се докаже со најдобриот кадар и, како што рече, да докаже дека се грижи за вработливоста на своите студенти и им овозможува добра перспектива во земјава. 

-УКИМ како најстар и најголем во државава ги покрива сите научни подрачја. Капацитетите и ресурсите со кои располагаме може и тоа како да придонесат во развојот на одбраната и потребите на Министерството за одбрана, и обратно, она што ќе ни го пружи Министерството за одбрана со практикантство на нашите студенти и вработување на најдобрите студенти од различни научни подрачја, со оглед на ширината на активности што ги има ова Министерство, можноста да се учествува на научни конференции, семинари, центри за обука,  за наши вработени и за наши студенти, рече ректорката на Скопскиот универзитет. хс/ев/

Фото: МИА 

Остани поврзан