• петок, 22 ноември 2024

„Мекдоналдс“ во Белорусија се преименува во „Мек.би“

„Мекдоналдс“ во Белорусија се преименува во „Мек.би“

Минск, 19 април 2023 (МИА) - Рестораните што претходно работеа под брендот „Мекдоналдс“ во Белорусија ќе бидат преименувани во „Мек.би“, соопшти тамошната компанија.

Инаку, белорускиот одгранок го задржува пристапот до рецептите, а со тоа и се оддалечува од новиот бренд во соседна Русија, коментираат познавачите. Имено, сите 25 ресторани на „Мекдоналдс“ во Белорусија, управувани од фирмата-носител на лиценцата, „КСБ Виктори ресторантс“, требаше да бидат преименувани во „Вкусно & точка“ - наследник на рестораните на „Мекдоналдс“ во Русија, но се чини дека тој договор пропадна. Во ноември, американската фирма објави дека веќе не е можно да продолжи да работи во Белорусија, пред сѐ - поради големи проблеми со снабдувањето.

„Како резултат на тоа, носителот на лиценцата ќе престане да работи како 'Мекдоналдс' и повеќе нема да го носи името на нашата марка или да служи на нашето мени“, соопшти „Мекдоналдс“.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко се приклучи на процесот на преименување со негови предлози во март, иако претходно изрази презир кон американскиот бренд, пренесуваат западните медиуми.

- Ние самите треба да го правиме она што го правеше 'Мекдоналдс', уште подобро, затоа што претпоставувам, имаме некој што може да пресече лепче на два дела и да стави парче месо, компири и салата?!, рече тој.

Од друга страна, со користењето на името „Мек.би“, белоруската компанија задржува одредено признание кон оригиналниот бренд. Во Русија не беше дозволено новиот синџир угостителски објекти да го користи зборот „Мек“.  си/

Остани поврзан