• петок, 22 ноември 2024

Медиуми: Кинескиот министер за одбрана под истрага, сменет од функцијата

Медиуми: Кинескиот министер за одбрана под истрага, сменет од функцијата

Пекинг, 15 септември 2023 (МИА) - Сомнежот за необјаснето повеќенеделно отсуство на кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу се продлабочи денеска откако медиуми објавија дека тој бил предмет на истрага, а американски дипломат се прашувал дали е во домашен притвор.

Според изворите, 65-годишниот Ли не присуствувал на закажаните состаноци со министрите за одбрана на Виетнам и Сингапур во последните недели. Последен пат беше виден во Пекинг на 29 август кога одржа предавање на безбедносен форум со африканските земји.

Американската влада верува дека Ли е под истрага, објави денеска „Фајненшл тајмс“, цитирајќи американски официјални претставници. „Волстрит џурнал“ објави дека тој бил приведен на сослушување минатата недела и сменет од неговата позиција.

Рам Емануел, американскиот амбасадор во Јапонија, во објава на X напиша: „1. Министерот за одбрана Ли Шангфу не е виден или слушнат веќе 3 недели; 2. Тој не се појави за време на неговото патување во Виетнам. Сега: Тој е отсутен од закажаната средба со командантот на морнарицата на Сингапур затоа што му е одреден домашен притвор???

На прашањето дали Ли е под истрага, портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг рече дека „не била запознаена со релевантните информации“.

Отсуството на Ли следи по необјаснетата смена на министерот за надворешни работи Чин Ганг во јули по долг период надвор од очите на јавноста и промена во раководството на елитните ракетни сили на Народноослободителната војска. паг/

Фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан