• сабота, 18 мај 2024

Медитеранските земји од ЕУ повикуваат на обединет одговор за миграцијата

Медитеранските земји од ЕУ повикуваат на обединет одговор за миграцијата

Ла Валета, 30 септември 2023 (МИА) - Медитеранските земји од Европската унија (ЕУ) вчера во Малта повикаа на „обединет“ одговор на миграциската криза, дури и откако италијанската премиерка Џорџа Мелони изрази резерва за улогата на невладините организации и за истоварувањето на мигрантите спасени од тие организации.

„Ја повторуваме потребата да се зголемат напорите на ЕУ со земјите на потекло или транзит на мигранти“, се наведува во завршната декларација од состанокот „Мед9“, на кој учествуваа Хрватска, Кипар, Шпанија, Франција, Грција, Италија, Малта, Португалија и Словенија.

Домаќинот на самитот, малтешкиот премиер Роберт Абела, оцени дека прашањето за мигрантите „мора да се реши во корен“, со „цврсти и глобални партнерства со сите партнери во јужниот дел на Медитеранот“.

-Вонредната ситуација многу јасно повикува на единствен европски одговор и нè наведува сите да покажеме солидарност со Италија, рече францускиот претседател Емануел Макрон.

Помеѓу јуни и август, најмалку 990 лица загинаа во централниот дел на Медитеранот. Мигрантите вообичаено заминуваат од Северна Африка и Турција за да стигнат до Италија и, во многу помала мера, до Малта.

Според податоците на ОН, во периодот од јануари до средината на септември со импровизирани чамци околу 11.600 „малолетници без придружба“ се обиделе да стигнат до Италија, што е за 60 отсто повеќе отколку во истиот период во 2022 година.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан