МВР: Санкционирани 809 сообраќајни прекршоци, 232 за брзо возење
- Во рамки на засилените сообраќајни контроли полицијата вчера санкцинирала 809 прекршоци, од кои 232 биле за брзо возење.
![МВР: Санкционирани 809 сообраќајни прекршоци, 232 за брзо возење](https://mia.mk/images/20250214111256_big_730x400_7.webp )
Скопје, 14 февруари 2025 (МИА) - Во рамки на засилените сообраќајни контроли полицијата вчера санкционирала 809 прекршоци, од кои 232 биле за брзо возење.
-Во текот на вчерашните активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР, во рамки на засилените сообраќајни контроли на патиштата низ државава, издадени беа 809 платни налози, додека пак наплатени беа 486 прекршочни платни налози. Притоа, забележлив е континуитет на актуелниот статистички тренд во поглед на сторените прекршоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, информираат денеска од МВР.
Од Министерството велат дека и натаму најбројни се случаите на непрописно паркирање (264) и прекршоците по основ на движење со брзина поголема од дозволената (232). Во шест случаи откриени се алкохолизирани возачи, 11 возачи минале на црвено светло, а прекршочни пријави заработиле 18 пешаци. Исто така, по основ на неносење сигурносен појас изречени се 46 казни, по основ на недозволено говорење на мобилен телефон при возење – 23 прекршоци, а во 56 случаи откриени се возачи што управувале возила без возачки дозволи.
-Инаку, за очекување е дека завршувањето на активностите на кои што Министерството работи изминативе месеци – законските измени што треба да овозможат оперативно функционирање на проектот, односно системот за автоматизирано регистрирање сообраќајни прекршоци, односно за нов дигитализиран и автоматизиран механизам во контролата на сообраќајните правила и прописи – „Безбедна држава“ во многу да допринесе за подигање на нивото на сообраќајна култура и сообраќајна безбедност низ патиштата во државата, велат од МВР.
Додаваат дека поставувањето на камерите се очекува да биде завршено во текот на оваа 2025 година, а системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци како што се минување на затворен сигнал (црвено светло), возење со брзина поголема од дозволената, непрописно паркирање и друго. сст/мд/
фото МИА архива