МВР Билтен (ДПЛ)
- На 20.03.2025 во 23.15 часот во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода С.Т.(54) од Кавадарци, со живеалиште во Гостивар. Тој се сомничи дека во периодот од 12.00 до 13.00 часот во помошна просторија од куќа на Р.Н.(71) од Гостивар извршил кражба, при што одзел околу 7.000 евра во разни апоени.

Скопје, 21 март 2025 (МИА) - СВР Струмица-ОВР Гевгелија до Основното јавно обвинителство Гевгелија, поднесе кривична пријава против П.П.Г.(30) од село Стојаково, општина Богданци, П.Р.(39) од Валандово и В.Ќ.(31) од село Стојаково поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик.
МВР денеска соопшти дека на 18.03.2025 околу 18.00 часот во Стар Дојран, полициски службеници од СВР Струмица и ОВР Гевгелија во близина на пријавените П.П.Г. и П.Р. пронашле торба во која имало две ќеси со марихуана со вкупна тежина од 2 килограми и 876 грама, како и пакување со бела грутчеста материја. Подоцна, по преземени мерки, во атар на Богданци била пронајдена и марихуана со маса од 478 грама, која, исто така, П.П.Г. ја подготвил за продажба. На 19.03.2025 во 03.30 часот од слобода бил лишен и пријавениот В.Ќ., кој посредувал при продажба и транспорт на дрогата, а било пронајдено и возилото со кое се превезувале лицата и во кое била транспортирана марихуаната. Врз основа на судски наредби биле извршени претреси во домови и други простории кои ги користат пријавените, од кои три во село Стојаково, два во Гевгелија и еден во Валандово. При претресите биле пронајдени и пакување со грутчеста материја, предмети со остатоци од бела прашкаста материја, дробилка, пиротехнички средства и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривичното дело. Лицата биле изведени пред судија од Основен суд Гевгелија, кој им определил мерка притвор во траење од по 30 дена.
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против правно лице од Струмица и Д.Ј.(37) од Кавадарци, управител на правното лице, поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик.
Пријавените, во периодот од 01.12.2023 до 31.12.2023, имале обврска како даночни обврзници да извршат уплата на данок од личен доход на добивка од игри на среќа во износ од 626.457 денари, а во периодот од 01.01.2024 до 30.04.2024 имале обврска да извршат уплата на данок на лични доходи по други основи во износ од 351.845 денари, но не ги уплатиле. Исто така, пријавените, за остварениот приход од приредување на игри на среќа во автомат клуб за периодот од 01.01.2024 до 30.04.2024 оствариле приход како разлика меѓу уплатите и исплатите за износ од 6.270.304 денари, на која пресметале а не уплатиле 20% посебна давачка во износ од 1.254.061 денари. Со ваквите дејствија, пријавените го оштетиле Буџетот на РСМ за вкупен износ од 2.232.363 денари.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.А.(53) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против Л.А.(42) од Струга, В.А.(59) од струшкото село Радолишта, А.М.(55) од Струга, В.П.(49) од Охрид и Ј.Б.(49) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Првопријавениот, во текот на 2023 година, во својство на в.д. директор на Јавното претпријатие „Колекторски систем“ - Скопје, подружница Охрид, по објавен оглас за вработување на неопределено време, потпишал одлуки за избор и вработување на двајца кандидати, иако знаел дека не ги исполнувале во целост законските услови наведени во огласот. Останатите пријавени, како членови на комисиите за спроведување на постапка за вработување на двајцата кандидати, иако знаеле дека условите од конкурсот не се целосно исполнети, се потпишале и ги одобриле конечните ранг листи.
На 20.03.2025 во 23.15 часот во Гостивар, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода С.Т.(54) од Кавадарци, со живеалиште во Гостивар. Тој се сомничи дека во периодот од 12.00 до 13.00 часот во помошна просторија од куќа на Р.Н.(71) од Гостивар извршил кражба, при што одзел околу 7.000 евра во разни апоени. Кај него биле пронајдени и одземени дел од парите. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Т.(61) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавениот, директор на Јавна здравствена установа Охрид, ангажирал лица со договор за дело за периодот од 2023 и 2024, без претходно да обезбеди финансиска согласност од Министерството за финансии и на тој начин ја оштетил установата за сума од 377.561 денари.
На 21.03.2025 околу 02.50 часот на регионалниот пат Неготино-Градско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово го лишиле од слобода Т.Ј.(44) од Република Турција. При контрола во возилото „рено клио“ со босански национални ознаки, кое го управувал, биле пронајдени пет лица мигранти од Египет. Возилото било одземено, а лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Б.Г.(24) и А.М.(25), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во употреба на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ и против А.А.(27) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непријавување кривично дело или сторител“. Првопријавениот и второпријавениот, земале амфетамин од Скопје, го ставиле во внатрешниот дел на хаубата на патничко возило „фолксваген голф“ сопственост на првопријавениот, по што ја земале третопријавената и се упатиле кон Гевгелија.
На 21.03.2025 во 01.50 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода М.Љ.(28) од Куманово затоа што кај него била пронајдена марихуана. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Л.Р.( 23) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори’’. На 23.06.2024 во Тетово, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.
На 20/21.03.2025 во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Н.Б.(30) и 30-годишната В.А. двајцата од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.М.(26) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,измама“. На 25.05.2024, едно лице од Тетово стапило во контакт со пријавениот преку социјална мрежа и се договориле да купи работна машина, при што парите му ги уплатил на трансакциска сметка во банка, на едно лице, за која пријавениот тврдел дека е негова сопруга. Откако парите биле уплатени, оштетениот не успеал да стапи во контакт со пријавениот.
На 20.03.2025 во 19.30 часот на улица „Мехмед Мехмеди“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода Б.С.(45) од кичевското село Зајас, кичевско, затоа што кај него била пронајдена и одземена бела прашкаста материја. По целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.М.(21) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување пари“. На 03.03.2024 во продажен објект во Охрид, пријавената за купените артикли приложила банкнота од 100 евра, за која од Народна банка, по извршена експертиза, било констатирано дека е фалсификат.
Денеска (21.03.2025) во 07.00 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправна установа Затвор Скопје било пријавено дека околу 06.30 часот во кругот на установата била пронајдена прашкаста материја. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против Љ.Џ.А.(33) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ и против правен субјект поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“ од небрежност. На 12.08.2022, првопријавениот, овластено лице во правното лице, од жиро сметката на правниот субјект подигнал 1.650.060 денари поради материјални трошоци кои не ги оправдал со соодветна документација и врз основа на тоа не го пријавил во УЈП и не платил персонален данок на доход во износ на истата сума и за тој износ го оштетил државниот буџет.
На 20.03.2025 околу 13.30 часот во СВР Скопје, И.Н.(45) од Скопје пријавил дека на плац во близина на стара Циглана билo пронајдено артилериско зрно. Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото, а инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување Скопје безбедно го подигнал зрното, при што било констатирано дека станува збор за едно артилериско зрно од 75 мм. кое потекнува од Првата светска војна.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ј.Р.(37) с.Пештани, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Пријавената, сопственик на парцела во Пештани, на објект за семејно домување и на објект со незапишани права, без да поседува Одобрение за реконструкција на постоечкиот објект извршила реконструкција, по што на 20.02.2025 година било донесено Решение со опомена градбата да биде отстранета.
На 21.03.2025 во 02.30 часот во ОВР Кавадарци, од Општа болница Кавадарци било пријавено дека кај нив со тешка телесна повреда бил донесен М.К.(33) од Велес. Според пријавеното, тој се здобил со повредата при извршување на работни задачи во фабрика во Кавадарци. За настанот биле известени јавен обвинител и трудова инспекција, а увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Кавадарци.
СВР Штип поднесе кривична пријава против М.Ц.(45), А.Ц.(19) и 16 – годишник, сите од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 14.03.2025 пријавените, во ходник од станбена зграда во Штип, физички нападнале едно лице, при што употребиле електрошок.
На 20.03.2025 во 14.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека на влез во с.Морани, скопско, било пукано со огнено оружје, при што А.Г. од с.Морани се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување помош. Полициски службеници од СВР Скопје извршиле увид и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.Ѓ.(54) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ при семејно насилство. На 09.10.2024 во хотел во Тетово, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга.
На 20.03.2025 во 20.23 часот во СВР Куманово било пријавено дека во куќа на улицата „Ѓорче Петров" во Куманово настанал пожар од експлозија на плинска боца. Притоа, од експлозијата починал сопственикот Л.Д.(60) од Куманово. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, а увид извршиле екипа од СВР Куманово, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.
На 20.03.2025 во 15.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 10.20 часот од менувачница на подрачјето на Центар, Г.М. од фиока одзел 10.100 евра. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (21.03.2025) во 06.10 часот во СВР Скопје, 26-годишна жена пријавила дека околу 04.30 часот во домот на подрачјето на Карпош со тврд предмет била нападната од нејзиниот партнер Т.В.(33) од Скопје, кој се обидел да ја нападне и со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 20.03.2025 околу 18.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Народни херои“ во Скопје се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Т.П.(34) од Скопје и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од И.Д.(22) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил И.Д., констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, додека со телесни повреди се здобил неговиот сопатник М.Ф.(22) од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Скопје.
На 20.03.2025 во 13.10 часот во СВР Тетово било пријавено дека на крстосница од улица „Благоја Тоска“ со улица „Киро Ристовски Дрнц“ во Тетово, товарно возило „пежо“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Б.С.(20) од с.Мала Речица, тетовско, удрило во пешакот Ф.Д.(43) од Тетово. Во несреќата со тешки повреди се здобила Ф.Д., констатирани во Клиничка болница Тетово. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР Тетово.
На 20.03.2025 во 10.44 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред автосервис на бул.„Борис Трајковски“ во Скопје, при заварување со апарат за заварување настанал пожар во товарно возило „фиат добло“ со гостиварски регистарски ознаки, сопственост на фирма од Маврово и Ростуше. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема.
На 20.03.2025 во 23.20 часот во Полициската станица Гази Баба, од СОС Детско село било пријавено дека од установата се оддалечиле нивните штитеници А.Д.(11) и Ч.Д.(13). Ч.Д. и претходно се оддалечувала од установата и била враќана. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата. цр/
Фото: МИА архива