МВР Билтен (ДПЛ)
- На 18.12.2024 во 08 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Љ.Р.(30) од Куманово. Тој бил баран по потерница за издржување казна затвор од три години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанци и прекурзори“
Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - На 18.12.2024 во 08 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Љ.Р.(30) од Куманово. Тој бил баран по потерница за издржување казна затвор од три години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик. Љ.Р. бил спроведен во Казнено - поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Р.А. од Скопје поради постоење основи за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“ по член 353 од Кривичниот законик. Пријавениот, вработен како началник на Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, во периодот од октомври 2022 година до јуни 2024 година, во месечни интервали и континуирано, две вработени со статус на овластено службено лице на работно место виш документарист во единицата, со кој што раководи, ги предвидувал и одобрувал во плановите и групите за домашно дежурство како извршители. Пријавениот, постапувајќи спротивно на одредбите од Колективниот договор на МВР за домашно дежурство, на вишите документаристи кои немаат статус на полициски службеници им овозможил да бидат ангажирани за домашно дежурство, со што се стекнале со противправна имотна корист од 79.804 денари и за тој износ го оштетил буџетот на Министерството за внатрешни работи. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, согласно своите надлежности и овластувања, ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и полицискиот службеник ќе биде суспендиран од своето работно место.
На 16.12.2024 во Радовиш полициски службеници од СВР Струмица - ОВР Радовиш ги лишиле од слобода В.Ј.(29), С.А.(28), С.Р.(32) и Т.М.(24), сите од Радовиш, поради сомнение дека во декември 2024 година извршиле четири кривични дела „тешка кражба“ во продажни објекти, од кои три на подрачје на Радовиш и една на подрачје на Струмица. Лицата биле задржани во полициските станици во Радовиш и Струмица, а врз основа на судски наредби биле извршени претреси во нивните домови, при што биле пронајдени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делата. На 16.12.2024 во Полициската станица Радовиш бил повикан и И.М.(27) од Радовиш. Тој и Т.М. во службен разговор ги признале делата. Запознаен е јавен обвинител и по целосно документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.К.(42) с.Џепчиште, тетовско, Р.И.(62) од Кичево и Љ.Т.(62) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување на исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Во oктомври 2016 година, првопријавениот увезол патничко возило со намера да го регистрира, а потоа заедно со третопријавениот направиле фиктивен странски купопродажен договор со невистинита содржина и датум, во кој го прикажале второпријавениот како купувач на возилото. Откако извршиле царинење на возилото, на 25.10.2016 во Бирото за метрологија при Министерство за економија го употребиле странскиот фиктивен купопродажен договор, и искористувајќи го статусот на второпријавениот, ја употребиле и потврдата издадена од МВР за престој на второпријавениот во странство подолго од три месеци согласно законскиот исклучок од Закон за возила, според кој македонски државјани кои престојуваат во странство минимум една година, можат да извршат регистрација на моторно возило во државата, иако не ги исполнувало нормите и стандардите.
На 18.12.2024 во 00.55 часот на улица „Едвард Кардељ“ во Струга, полициски службеници од ОВР Струга го лишиле од слобода К.Т.(42) од Струга, кој претходно извршил тешка кражба во продажен објект во Струга. Кај него биле пронајдени одземените производи и биле вратени на сопственикот на објектот. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 17.12.2024 во 22 часот на булевар „Туристичка“ во Охрид, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид и од Полициската станица Охрид од слобода го лишиле Д.Г.(38), а на службен разговор го повикале А.Ф.(32), двајцата од Охрид. Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, во кое се превезувале двајцата, при што го забележале Д.Г. како исфрла пакување со прашкаста материја, кое било пронајдено и одземено. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 17.12.2024 во 19 часот, полициски службеници од ОВР Дебар ги привеле А.А.(37) и Б.Н.(40), двајцата од Тетово и Б.Ш.(34) и Е.Б.(37), двајцата од Гостивар. При извршена контрола, полициски службеници констатирале дека тие во две патнички возила „фолксавен голф“ со тетовски и гостиварски регистарски ознаки, превезуваат разновидна текстилна роба за која немале соодветна документација. По целосно расчистување на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 17.12.2024 во 14.00 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода В.С.(48) и И.И.(39), двајцата од Скопје, затоа што околу 13.25 часот со употреба на сила одзеле производи од вработена во продажен објект. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 18.12.2024 во 00.05 часот во СВР Штип било пријавено дека на паркинг пред зграда во Штип било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген голф“ со штипски регистарски ознаки, сопственост на М.Г.(19) од Штип. Од екипа на Територијалната противпожарна единица Штип пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 17.12.2024 во 23.00 часот во СВР Скопје, Б.Л.(28) од Скопје пријавил дека околу 22.00 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно нарушени меѓусебни односи, бил физички нападнат од А.А.(26) од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 17.12.2024 во 20.30 часот во СВР Скопје, Д.К.(44) од с.Бардовци, скопско, пријавил дека околу 16.00 часот пред основно училиште на подрачјето на Кисела Вода, неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 17.12.2024 во 16.20 часот во СВР Скопје, Т.П.(23) од Струмица, со престој во Скопје, пријавил дека околу 15.40 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно недоразбирање во сообраќајот, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 17.12.2024 во 21.30 часот во СВР Скопје, 52-годишна жена од с.Бојане, скопско, пријавила дека на 15.12.2024 околу 20.30 часот на автобуска постојка во с.Сарај, скопско, нејзината малолетна ќерка била физички нападната со остар предмет од нејзиното поранешно момче Б.П. од с.Грчец, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 18.12.2024 во 00.51 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Финска“ во Скопје настанал пожар во куќа, сопственост на М.А.(71). При гаснење на пожарот, од екипа на Бригадата за противпожарна единица Скопје бил пронајден починат сопственикот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Додека, неговата сопруга А.В.(68) со симптоми на гушење била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Пожарот бил изгаснат, а увид извршила екипа на СВР Скопје.
На 17.12.2024 околу 12.30 часот во Полициската станица Гази Баба, Л.К.(82) од Скопје пријавила дека од домот се оддалечила нејзината ќерка С.Н.(53) од Штип. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
На 17.12.2024 во 16.05 часот во ОВР Кичево, Д.П. (54) од кичевското село Речани пријавил дека на улица „Мира Угринова Гина“ во Кичево бил каснат од куче скитник. вг/
Фото: МИА Архива