МВР Билтен (ДПЛ)
- На 09.03.2025 во 08.43 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 08.30 часот на подрачјето на општина Аеродром настанал пожар во стан, сопственост на Н.А.(50) од Скопје.
Скопје, 10 март 2025 (МИА) - На 09.03.2025 во 12.40 часот, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Кавадарци го лишиле од слобода М.И.(54) од Кавадарци поради сомнение за сторено кривично дело по член 297 - А од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“.
МВР денеска соопшти дека на улица „Страшо Пинџур“ во Кавадарци, каде се одвивала јавна манифестација „Кавадаречки полумаратон“, тој не испочитувал наредба на полициски службеник да запре со возилото и продолжил да се движи по улицата. М.И. бил задржан во Полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 09.03.2025 полициски службеници од ОВР Неготино ги лишиле од слобода Н.Н.(21), Ф.М.(21) и С.А.(25), сите од село Криволак, неготинско. Тие биле забележани како на воениот полигон Криволак со моторна пила сечеле дрва. Притоа, Ф.М. и С.А. побегнале, а Н.Н. бил фатен и од него биле одземени дрвата и моторна пила, по што бил приведен во полициска станица. Набргу, по преземени мерки, биле пронајдени и приведени Ф.М. и С.А. За настанот бил известен јавен обвинител и по негово целосно документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 09.03.2025 во 14.15 часот во атар на с.Алданци, крушевско, полициски службеници од ОВР Крушево го лишиле од слобода А.И.(38) од с.Норово, крушевско, поради основано сомнение за извршено кривично дело по член 288 од Кривичниот законик. Тој се сомничи дека во село Алданци, кај место викано „Кобел”, предизвикал пожар на сува трева и стрниште, по што била зафатена нискостеблеста дабова шума на поголема површина. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 08.03.2025 во 14.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода А.З.(45) од Куманово затоа што од приватен имот на улица „Лесковачка“ одзел пари. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 09.03.2025 во 19.10 часот во ОВР Гостивар било пријавено дека со употреба на сила, од резервоарот на механизацијата во ХЕЦ „Маврово“ била одземена нафта. По преземени мерки, во 19.20 часот на регионален пат во Маврови Анови, на место викано „Улазна“, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „форд“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од А.З.(56) од гостиварски Вруток, при што била пронајдена одземената нафтата и други предмети. А.З. бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 09.03.2025 во 21.50 часот полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода О.И.(34) од Велес затоа што кај него била пронајдена и одземена кафеава прашкаста материја. О.И. бил приведен во Полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 09.03.2025 во ОВР Неготино било пријавено дека околу 12.30 часот на локален пат село Дрен - село Чифлик, општина Демир Капија, мотоцикл со неготински регистарски ознаки, управуван од А.Б.(48) од Неготино, удрил во овци. Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во општа болница Кавадарци. По овластување на јавен обвинител, увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Неготино.
На 09.03.2025 во 08.43 часот во СВР Скопје било пријавено дека околу 08.30 часот на подрачјето на општина Аеродром настанал пожар во стан, сопственост на Н.А.(50) од Скопје. Повредени лица нема, а екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот. Увид бил извршен.
На 09.03.2025 во 23.00 часот во СВР Скопје, С.С.(27) од село Ново Село, скопско, пријавил дека пред неговиот дом во селото бил каснат од куче.
На 09.03.2025 во 23.40 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.А.(40) и Н.А.(21), двајцата од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 22.30 часот во двор од семејната куќа, сопственост на Р.Т., на подрачјето на Шуто Оризари, физички нападнале неколку членови на неговото семејство, при што фрлале остри предмети. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
Денеска (10.03.2025) во 01.05 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода во Скопје настанал пожар во патничко возило „рено меган“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Д.Р.(23) од Скопје. Во пожарот делумно биле зафатени и други седум патнички возила: „сузуки“ сопственост на Х.С., „опел“ сопственост на правен субјект , „шевролет“ сопственост на Т.А., „шевролет“ сопственост на А.Ш., „фиат“ сопственост на правен субјект, „шкода“ сопственост на Ј.Ј. и „хјундаи“ сопственост на П.Ш., сите со скопски регистарски ознаки. Од екипа на Брогадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. Увид бил извршен.
На 09.03.2025 во 09.30 часот во Полициската станица Свети Николе било пријавено дека во куќа во Свети Николе бил пронајден починат Д.В.(32) од Свети Николе. Смрет без траги на насилство констатирал лекар, а по наредба на јавен обвинител, телото било дадено на семејството. По преземени мерки во координација со јавен обвинител, било утврдено дека тој со А.П. неовластено се вселиле во куќата, чии сопственици биле од Скопје и Пробиштип, и дека претходно со А.Ј.(34) користеле дрога. Во врска со настанот од слобода бил лишен А.Ј., а А.П. била повикана во полициска станица и со неа бил извршен службен разговор. Се работи на расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 09.03.2025 во 23.20 часот во СВР Скопје, Д.С.(48) од Скопје пријавил дека околу 22.00 часот на паркинг простор на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (10.03.2025) во 02.00 часот во СВР Скопје, А.Ш.(43) – такси возач од Скопје, пријавил дека на подрачјето на општина Аеродром, додека чекал патник, бил физички нападнат од друг такси возач - М.Б. од Скопје, кој употребил и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 09.03.2025 во СВР Скопје, 46-годишна жена од скопско село пријавила дека околу 15.00 часот во семејниот дом, таа, 15-годишната ќерка и нејзината 66-годишна мајка биле физички нападнати од нејзиниот сопруг Г.П.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 09.03.2025 во 20.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека во периодот од 05.03. до 09.03.2025 на подрачјето на Кисела Вода со употреба на сила било влезено во магацински простор, сопственост на правно лице, и биле одземени три мотоцикли. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (10.03.2025) во 03.50 часот во СВР Скопје, Д.П.(47) од Прилеп пријавил дека околу 00.40 часот на подрачјето на Центар, едно лице со употреба на сила му одзело мобилен телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 09.03.2025 во 16.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Пандил Шишков“ во Скопје, патничко возило „мерцедес“ удрило во 15-годишна малолетничка од Скопје, по што возачот со возилото го напуштил местото на настанот. Во незгодата малолетничката се здобила со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 09.03.2025 во 10.41 часот во Полициската станица Аеродром било пријавено дека во трговски центар на подрачјето на општина Аеродром бил пронајден Н.С.(13) од Скопје, за кого претходно во Полициското одделение Шуто Оризари, неговиот згрижувач Р.Н.(58) од Скопје пријавил дека се оддалечил од домот.
Денеска (10.03.2025) во 03.00 часот во СВР Скопје, А.Х.(21) од Скопје пријавил дека во периодот од 01.00 до 02.30 часот на подрачјето на Бит Пазар му бил одземен мотоцикл „априлиа“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на С.Р.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Т.(22) и Д.Т.(22), двајцата од Куманово, поради постоење основи за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 26.02.2025 во Куманово, пријавените физички нападнале полициски службеници додека вршеле службени дејствија.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.Ј.(41) и С.З.(34), двајцата од Тетово, поради постоење основи за сторено кривично дело „насилство“. На 18.11.2024 во с.Брвеница, тетовско, пријавените физички ги нападнале Г.С. (24) и 21 - годишната Д.Н..
СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.С.(39) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,телесна повреда’’. На 24.02.2025 во Кратово, пријавениот физички ја нападнал неговата вонбрачна партнерка и ѝ нанел повреди.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против Е.Џ.(18) од Струга поради постоење основи за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 20.11.2024 во Струга, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ш.И.(38) од Тетово поради постоење основи за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 09.11.2024 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, кој управувал патничко возило со германски национални ознаки, при што пронашле и одзеле марихуана.
СВР Велес поднесе кривична пријава против М.Н. (24) од Неготино поради постоење основи за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи“. Полициски службеници извршиле претрес во домот и помошни простории на пријавената, при што пронашле и одзеле пиротехнички средства.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против В.Е.(20) од Струга поради постоење основи за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 28.12.2024 во Струга, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле пиштол „Екол Мајор“ 9мм, за кој не поседувал дозвола.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.М.(41) од Кратово поради постоење основи за сторено кривично дело ,,узурпација на недвижности“ и ,,бесправно градење“. Во периодот од март 2024 до јануари 2025 во Кратово, пријавениот узурпирал земјиште на катастарска парцела во државна сопственост, на тој начин што изградил објект од тврда градба за домување за кој не поседувал одобрение за градба и соодветна документација.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Џ.Ц.(43) од Косово поради постоење основи за сторено кривично дело ,,пустошење на шума’’. На 03.03.2025 на место викано „Карабунар“, атар на с.Јажинце, тетовско, пријавениот бил затекнат од вработени во Национален парк „Шар Планина“ како врши бесправна сеча на огревни дрва.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.А.(38) од гостиварско село поради постоење основи за сторено кривично дело „противправно лишување од слобода“. На 23.01.2025, пријавениот не им дозволувал на неговата сопруга со нивните две малолетни деца да излезат од семејниот дом. цр/
Фото: МИА архива