• среда, 08 јануари 2025

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 6 јануари 2025 (МИА) - На 05.01.2025 во 23.00 часот во Македонска Каменица, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Делчево го лишиле од слобода М.Ј.(43) од Македонска Каменица поради основано сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик. При контрола на возилото „пежо 106“ со штипски регистарски ознаки, кое го управувал, било констатирано дека регистарските таблички не се од возилото, туку дека припаѓаат на друго возило и дека возилото го нема во евиденцијата на МВР. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 05.01.2025 во 21.30 часот во СВР Охрид, С.В.(50) од Охрид пријавила дека пред нејзиниот дом на ул.„Париска комуна“ во Охрид било опожарено нејзиното патничко возило „бмв х3“ со охридски регистарски ознаки. Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид извршила екипа од СВР Охрид, а по наредба на јавен обвинител возилото било однесено во кругот на СВР Охрид. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.М.(54) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа повеќе куршуми со различен калибар кои неовластено ги поседувал.

На 05.01.2025 во 22.14 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Љубин, општина Сарај, настанал пожар во објект, сопственост на А.С.(31) од с.Љубин, од кој дел бил издаден под закуп на С.А.(51) од с.Сарај и бил користен како автосервис. Повредени лица нема, а во пожарот биле опожарени четири патнички возила кои биле во автосервисот. Од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат, а увид извршила увидна екипа од СВР Скопје.  

На 05.01.2025 во 10.07 часот во СВР Скопје, од Поликлиниката Драчево било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен малолетник од с.Студеничани, скопско. Според пријавеното, малолетникот заедно со негов малолетен другар влегле во двор на правен субјект во с.Студеничани, сопственост на К.С.(29), при што неговиот другар одврзал едно куче кое потоа го нападнало и каснало малолетникот и му ги нанело повредите. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Денеска (06.01.2025) во 01.00 часот во СВР Скопје, Н.М.(46) од Скопје пријавил дека на 05.01.2025 околу 23.30 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно машко лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.01.2025 во 13.00 часот во СВР Скопје, Г.С.(41) од с.Трубарево, општина Гази Баба, пријавил дека настанал пожар на оџакот од неговата куќа. Повредени лица нема, а екипа од Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.  

На 05.01.2025 во 09.55 часот во Полициското одделение Теарце, М.А.(45) од с.Теарце, тетовско, пријавил дека во селото бил каснат од куче скитник.

На 05.01.2025 во 20.00 часот во Полициското одделение Маврово, С.Д.(54) од Скопје пријавила дека нејзината ќерка М.Д. во с.Маврово била касната од куче скитник. вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан