• среда, 15 јануари 2025

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 7 август 2024 (МИА) - Денеска (07.08.2024) во 10.20 часот во близина на Граничен премин Табановце, во правец кон Куманово, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции  запреле и извршиле контрола на возило комби „мерцедес спринтер“ со струмички регистарски ознаки, управувано од А.С. од с.Босилово, струмичко, а сопственост на Н.Т.. Притоа, било констатирано дека со возилото се врши јавен превоз на патници без лиценца издадена од надлежен орган. За настанот е известен Државниот инспекторат за транспорт и врски, од чија страна на возачот му е издаден записник за извршен инспекциски надзор, одземена е сообраќајната дозвола, издадено е решение за исклучување од сообраќај и издаден е прекршочен платен налог. 

СВР Велес поднесе кривична пријава против Г.Н.(26) од Неготино поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба наркотични дроги“. На 05.05.2024 во Демир Капија, полициски службеници извршиле преглед над патничко возило „ауди“, во кое бил пријавениот со уште две лица од Неготино, при што кај него била пронајдена и одземена марихуана.  

Денеска (07.08.2024) во 00.40 часот, полициски службеници од Полициската станица Виница го лишиле од слобода А.Ц.(41) од Виница затоа што на 06.08.2024 околу 23.00 часот во семејниот дом во Виница упатувал закани кон неговата 44-годишна сопруга и оштетил дел од покуќнината. За настанот бил известен јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

Денеска (07.08.2024) во 00.40 часот во СВР Скопје, А.Т.Б.(47) од Скопје пријавила дека на 06.08.2024 околу 23.10 часот во трговски центар на подрачјето на Центар, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Денеска (07.08.2024) во 00.53 часот во СВР Скопје, Г.Р.(47) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Шуто Оризари, по претходно недоразбирање, нејзиниот син Р.Р.(19) бил физички нападнат од А.М.(25), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 06.08.2024 во 15.00 часот во СВР Скопје, Д.А.(24) од Скопје пријавил дека околу 14.00 часот на пазар на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Д.Н., кој му оштетил и дел од стоката на тезгата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 06.08.2024 во 14.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во с.Раштак, скопско. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека неколку лица градежни работници, кои биле ангажирани преку градежна фирма да работат на еден плац, исекле кабел за електрична енергија и од искрите настанал пожар при што биле опожарени сува трева, нискостеблеста шума и една бандера на ЕВН, која паднала и предизвикала пожар во дворовите од викенд куќите на Б.П.(69) и И.А.(56), двајцата од Скопје. Пожарот бил изгаснат, а повредени лица нема. Увид бил извршен. 

На 06.08.2024 во 20.45 часот во СВР Штип, И.Л.(43) од Штип пријавил дека околу 20.00 часот во Штип со тврд предмет бил физички нападнат од Т.А.(78) од Штип. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 06.08.2024 во 15.40 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Ч.С.(17) од Скопје, кој и претходно се оддалечувал и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. 

На 06.08.2024 во СВР Битола, А.Н.(20) од Битола пријавил дека на ул.„Генерал Васко Карангелевски“ во Битола бил каснат од куче скитник. 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Б.Ј.(36) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“. На 03.07.2023 на подрачјето на Гази Баба, пријавениот од автоматска пушка испукал 11 куршуми кон возило „бмв“ во кое бил Б.И. со неговата сопруга, при што го оштетил возилото.  

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Х.Е.(24) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на стока“. На 03.08.2024 во атар на с.Злокуќани, скопско, полициски службеници извршиле контрола на возило комбе „ивеко“, управувано од пријавениот, при што биле пронајдени и одземени повеќе различни производи и стока за кои не поседувал соодветна документација. Исто така, при контролата било констатирано дека возилото илегално влегло во државата.  

Остани поврзан