• вторник, 11 јуни 2024

Матурантите се натпреваруваа во примена на микропроцесорски системи на Факултетот за електроника и информациски технологии

Матурантите  се натпреваруваа во примена на микропроцесорски системи на Факултетот за електроника и информациски технологии

Скопје 16 мај 2024 (МИА) - Средношколци од десет средни училишта за техничко образование од земјава, на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје се натпреваруваа во практична примена на знаењата преку употреба на развојни микропроцесорски системи.

Натпреварот беше во рамките на проектот „Технологија за тебе“ организиран од ФЕИТ-ФАБЛАБ и Логинг Електроникс, кој вклучи и работилници, каде средношколците претставуваа проекти на кои работеле во текот на училишна година, додека нивните професорите следеа обуки и предавања организирани од ФЕИТ. Целта е промоција на електротехниката преку обезбедувањетехничка и професионална поддршка на учениците и професорите, информираат  од ФЕИТ.

„Технологија за тебе“ годинава се одржа по петти пат. Оваа традицијата ги спојува потенцијалните студенти со Факултетот и со бизнис заедницата и успешно ги промовира условите за студирање на ФЕИТ.

Деканот на ФЕИТ проф. д-р Владимир Атанасовски на настанот гледа како можност да ги мотивираат матурантите да одберат студии на ФЕИТ. Атанасовски информира  дека преку промоција на овие активности Факултетот ги презентира лабораториските капацитети и можностите за практична работа пред заинтересираните матуранти.

-Со учество на  „Технологијата за тебе“ младите се запознаваат со современата опрема во ФЕИТ-ФАБЛАБ и практично преку интердисциплинарен пристап нивната идеја да ја развиваат во прототип.Имаме одлична соработка со стопанството, а со настанот и практично ги спојуваме наставата, науката и нејзината апликација во развојот на прототипови, појаснува  Атанасовски.

Директорот на Логинг електроникс Златко Крстевски, кој е партнер на проектот од неговото основање пред 7 години потенцираше дека проектот е отворен за нови партнери кои ќе сакаат да вложат во знаењето на средношколците кои покажуваат големи знаења и разбирање за технологијата.

-Верував во знаењето што го имаат учениците и знаев дека нема да биде проблем да ја совладаат технологијата, која последните години стана лесно достапна. Ако претходно ја имаа само на факултетот, сега оваа технологија овозможивме да е достапна и во средните училишта. Во соработка со ФЕИТ обезбедивме и поддршка за наставниците, и еве седум години подоцна, денес имавме презентација на ученици кои развиле проекти од паметен град,паметен автомобил, паметна градина. Целта ни е да ги задржиме овие деца тука, да дознаат дека тука има услови да ги творат идеите и да ги реализираат во корист на сите. На нас е да им обезбедиме достапност на опрема, а на професорите да ги заинтересираат да одат на вежбите, и гледаме дека тоа дава резултати, вели  Крстевски.

За натпреварувачкиот тим Андреј Даневски и Матеј Стојчески од СЕТУ на ГС „Михаило Пупин“ натпреварот отвора нови видици за нивните идни можности.

-Натпреварот ми овозможува да ги употребам моите вештини и знаења за забава и натпревар во категории за кои немаме многу можности во нашата држава. Ми овозможи и предвреме да го искусам студентскиот живот на овој кампус и ме убедува сериозно да ја размислам шансата за продолжување на моето образование на овој факултет,потенцира  Матеј Стојчески.

Тимовите работеа на развој на протипови на автономни возила кои сами се движат и распознаваат бои.

-Работите кои ни се дел од натпреварот веќе ги имаме совладано во нашето училиште и од тој аспект ние сме подготвени за ФЕИТ или друг сличен факултет,  додава Андреј Даневски.

ФЕИТ е единствен факултет во земјава со германска акредитација на додипломските студии и најголем број на научно истражувачки проекти во државата.ад/са/

Фото: ФЕИТ

Остани поврзан