• петок, 20 декември 2024

Маричиќ: Правната држава победи, помилувањата немаат законска основа

Маричиќ: Правната  држава победи, помилувањата немаат законска основа
Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања и поранешен министер за правда, Бојан Маричиќ, во однос на одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, којшто утрово ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година, оцени дека правната држава победи, а помилувањата немаат законска основа.
 
-Ја поздравувам денешната одлука на Европскиот суд за човекови права која е во полза на државата, според која жалбите на апликантите во целост со наводните помилувања се недозволени. Со одлуката, Судот смета дека жалбите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови и дека нема прекршување на човековите права, објави Маричиќ на својата официјална Фејсбук страница.
 
Вицепремиерот додава дека постапките продолжуваат пред домашните судови, бидејќи е нелегитимно да се прескокнуваат македонските судови.
 
-Можеби Европскиот суд е искористен во овој случај како алатка за одолговлекување на постапките, но сепак владеење на правото е неприкосновен принцип, смета Маричиќ.
 
Исклучително важно е, подвлекува тој, да има спроведена правда која граѓаните ја очекуваат, а која ќе се нотира позитивно во извештаите на Европската комисија во делот почитување на владеење на правото во Северна Македонија.
 
Тој изразува благодарност до стручноста и посветеноста на правниот тим за успехот во застапувањето пред Европскиот суд за човекови права.
 
Европскиот суд за човекови права во Стразбур утрово ја отфрли како недопуштена, жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за транспорт и врски во неговата влада Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УЈП Сашо Мијалков и други тогашни државни функционери. 
 
ЕСЧП одлучуваше по жалбата поднесена од осуммина граѓани на Република Северна Македонија од 2020 година. Одлуката на Судот е достапна на следниот линк. Станува збор за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од април 2016 година. Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување. нд/аа/

Остани поврзан