• понеделник, 25 ноември 2024

Маричиќ и Шукова за туризмот и животната средина пред охриѓани во рамки на кампањата „Ние сме Европа“

Маричиќ и Шукова за туризмот и животната средина пред охриѓани во рамки на кампањата „Ние сме Европа“

Охрид, 18 октомври 2023 (МИА) – Европа го препозна Охрид како едно од најатрактивните туристички одредишта и оттаму градот оваа година ќе ја запише како една од најуспешните, ако не и рекордна туристичка сезона. Како еден од најдинамичните економски сектори, туризмот е на врвот на приоритетите на Европската Унија, ЕУ на туризмот гледа како на исклучително значајна економска активност, со широко влијание врз економскиот раст, вработувањето и целиот општествен развој. Тоа меѓу другото го посочи заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ на трибината за промоција на туризмот и животната средина што во рамки на кампањата „Ние сме Европа“ вечерва се одржа во Охрид.

Маричиќ истакна дека туристичкиот промет во земјата забележа раст и во вториот квартал на оваа година, и тоа за 28 проценти споредбено со лани. Двата квартали во 2023 година се со раст за 24 проценти споредбено со минатата година и остварени приходи од 229 милиони долари од туризмот.

-          Овие бројки со сигурност најавуваат дека оваа година ќе биде рекордна во приходите од турзмот, со остварување на проектираните 520 милиони долари, што е највисоко остварување девизни приливи во дејноста од 2019 година, рече тој.

Вицепремиерот посочи дека последните десет години со 80 милиони евра од фондовите на ЕУ се поддржани голем број проекти, околу 700 меѓу кои и во туристичкиот сектор и прекуграничната соработка.

-          Со секој чекор во претпристапниот процес кон ЕУ ќе се отвараат нови и уште поголеми можности за фондови и поддршка од Брисел, но и за развој на туристички капацитети и за нови туристички понуди. Заедно со соседна Албанија не чека многу работа во чување на  овој скапоцен регион кој има повеќе прекугранични проекти за заштита и унапредување на туризмот, оттаму поддршката од ЕУ е исклучително добредојдена, рече тој.

Вицепремиерот рече дека земјата има поднесено многу жртви за евроинтегративниот пат, но и пропуштени шанси што денес скапо не чинат.

-          Патот го имаме започнато заедно со Хрватска во 2005 година. Таа е веќе десет години членка на ЕУ, има повлечено 25 милијарди евра од европските фондови, своите туристички дестинации ги има развиено до перфекција и денес е една од најпосакуваните туристички адреси. Ние сакаме да бидеме успешна европска приказна, Охрид да биде на мапата исто како што е Дубровник, Истра... Ние не вредиме ништо помалку, ни како граѓани, како народ, како луѓе, Охрид ништо помалку како дестинација, само треба да ја зграпчиме шансата и да влеземе во ЕУ до 2030 година, а тоа сигурен сум дека е можно доколку ги донесеме важните одлуки и успешно го завршиме преговарачкиот процес, рече меѓу другото Маричиќ.

Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, од своја страна посочи на потребата од насочување на земјата кон поурамнотежен развој, преку превенција и воведување на концептот на одржливост.  

-          Има принципи за животната средина кои сите мораме да ги почитуваме, имаме обврски што сите мора да ги исполниме, имаме одговорност на сите нивоа на власта и кај поединците во почитување на законите во кои е пренесено европското законодавство. Сега само од нас зависи колку истите ќе ги спроведеме, рече таа.

Исполнувањето на обврските од директивите на ЕУ, особено онаа „Натура 2000“, што значат развој на државата водејќи сметка на природата и животната средина, Шукова очекува да бидат остварени во соработка на Министерството, научната фела, на бизнис-секторот, цивилното општество и секој граѓанин поединечно, со очекување младите да бидат движечки партнер во процесот на унапредување и заштитата на животната средина.

-          ЕУ ни помага во тоа институционално, финансиски, поставувајќи високи стандарди, за што е потребно многу работа, многу средства и здрави човечки капацитети. На последниот скрининг во Брисел за животната средина ни беше посочено дека сме на добар пат, но тој треба да се изоди. Предизвикот е голем, бара многу напор, енергија, мнаогу средства... Но, членството во ЕУ ќе ни отвори нови фондови што сега не ги користиме, а верувајте знаеме за што ни се потребни, рече таа.

Свое обраќање пред присутните на трибината имаше и Амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, кој пренесе дел од искуствата на Словенија од нејзиниот пат кон членство во ЕУ и какви предности има членството во Унијата за националната економија и словенечкото општество во целина, со акценти врз стопанството, процесот на приближување кон ЕУ и туризмот и одржлив развој.

Кампањата „Ние сме Европа“ ја организираат заеднички Секретаријатот за европски прашања и Владата на Република Северна Македонија, со цел афирмирање и промовирање на европските вредности, како што е посочено од организаторите „во време на важни одлуки за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, кои не’ засегаат сите нас, граѓаните и тоа во духот на демократијата, мултикултурализмот, владеењето на правото, почитувањето на фундаменталните и човековите права...“

Кампањата „Ние сме Европа“ се реализира во осум градови низ земјата, и тоа Битола, Куманово, Штип, Скопје, Струмица, Тетово, Прилеп и Охрид, во рамки на што се организирааат трибини и средби со граѓани кои соодветно обезбедуваат информации и отвараат точки за дискусија на теми инфраструктура, култура, енергетика, туризам, економија, млади, земјоделство, социјала. aб/аа/

фото/МИА

Остани поврзан