• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ-Габриел: Со почетокот на преговорите ја унапредуваме координацијата со Европската инвестициска банка

Маричиќ-Габриел: Со почетокот на преговорите ја унапредуваме координацијата со Европската инвестициска банка
Скопје, 30 септември 2022 (МИА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска оствари средба со директорот на канцеларијата на Европската инвестициска банка во Скопје, Бјорн Габриел, на која беше разговарано за тековната соработка и за унапредување на координацијата, со посебен фокус на инфраструктурата и проектите од сферата на транспортот, енергетиката и животната средина, области значајни за одржливиот развој на Северна Македонија и за постигнување на европските стандарди и напредок во реформите. - Европската инвестициска банка е наш традиционален партнер и поддржувач на проектите кои се од конкретна важност за развојот на државата и кои придонесуваат во напредокот на евроинтеграцискиот процес. Сега, со присуството на ЕИБ кај нас дополнително ќе ја подобри нашата комуникација и соработка на големите инфраструктурни проекти, рече Маричиќ. Од Кабинетот на вицепремиерот наведоа дека Маричиќ и Габриел на состанокот потенцирале дека соработката меѓу ЕИБ и Секретаријатот за европски прашања во иднина ќе биде уште подобро координирана и ќе биде од конкретна корист за развојот на Северна Македонија. - Ќе работиме на подобрување на управувањето со инвестициите и аплицирање за проекти од Инвестициската рамка за Западен Балкан, како главно средство за спроведување на нашата инвестициска агенда. Посветени сме на спроведувањето на Економскиот и инвестицискиот план како и на обврските од Зелената агенда за Западен Балкан, социјалната и дигиталната агенда, истакна Маричиќ. Маричиќ на состанокот додаде дека како Национален ИПА координатор останува фокусиран на максимално усогласување на средствата на регионалните инфраструктурни проекти и можноста ЕИБ да ги кофинансира или финансиски да ги поддржува. Во таа насока, вицепремиерот Маричиќ особено ја истакнал важноста од реализацијата на тековните проекти, ставајќи фосук на изградбата на третата делница од железничкиот коридор 8 меѓу Северна Македонија и Бугарија, со вредност на инвестицијата од 404 милиони евра, како и изградбата на гасниот интерконектор Северна Македонија-Грција. Директорот на канцеларијата на Европската инвестициска банка во Скопје, Бјорн Габриел на состанокот нагласи дека нашата земја е доверлив партнер на ЕИБ, и е добар пример за ефикасно користење на наменските средства и додаде дека останува поддршката од банката во остварувањето на нашите цели и европската реформска агенда. см/аа/  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан