• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ-Абазовиќ: На патот кон ЕУ најважно е регионот да соработува

Маричиќ-Абазовиќ: На патот кон ЕУ најважно е регионот да соработува
Скопје, 30 мај 2022 (МИА) - Со соработка и заедничко делување многу побрзо и полесно ќе се надминат проблемите со кои цел регион се соочува, како последица на новата геополитичка ситуација, а врз граѓаните нема да се рефлектираат во голема мера последиците од војната, особено во економска смисла, се заклучоците од средбата на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и црногорскиот премиер, Дритан Абазовиќ.
Како што пренесуваат од кабинетот на Маричиќ, во рамки на билатералната средба од денешната еднодневна посета на Црна Гора, тој истакнал дека напредокот на една земја од Западен Балкан е напредок на сите и цел регион.
- Напредокот на една земја од Западен Балкан е напредок на сите и цел регион, тоа е важна лекција која мора да ја знаме и дека сè што правиме на регионално ниво, на темелите на европските вредности, ќе носи мир, стабилност и напредок, а тоа ќе значи благосостојбата на нашите граѓани, рече вицепремиерот Маричиќ.
Според Aбазовиќ, овој регион долго време трпи различни последици од неодговорните политики, кои, како што рече, биле во претходниот период.
- Нашата главна цел е полноправно членство во ЕУ на сите земји кои претендираат да бидат дел од едно големо европско семејство. На тој пат треба да си помагаме. Единствениот начин да го постигнеме тоа е со поголема соработка и зголемување на севкупната доверба, истакна Абазовиќ на средбата.
Од Кабинетот пренесуваат дека на состанокот се разговарало и за можноста за проширување на Иницијативата „Отворен Балкан“, со цел иницијативата да го добие полното значење на отвореност на цел Западен Балкан.
Билатералната средба се одржа на маргините на Самитот за демократија во Југоисточна Европа „Војна во Европа: Влијание врз Балканот“, организиран од Меѓународниот републикански институт (ИРИ). ар/лв/

Остани поврзан