• петок, 22 ноември 2024

МАПАС: Вкупните средства во вториот и третиот столб со раст од 15 отсто во 2020 година

МАПАС: Вкупните средства во вториот и третиот столб со раст од 15 отсто во 2020 година
Скопје, 5 октомври 2021 (МИА) – Вкупните средства на задолжителните и доброволните пензиски фондови во 2020 година достигнаа 89,5 милијарди денари, односно скоро 13,5 отсто  од бруто-домашниот производ за 2020 година, соопштија од Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување - МАПАС посочувајќи дека пензиските фондови за релативно кратко време ја вратиле и надминале намалената вредност на средствата и постигнале раст од 15 отсто. - Иако, глобалната здравствена и економска криза краткотрајно ги измести трендовите на нагорно движење на параметрите на задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, така што се забележаа надолни поместувања на крајот на првиот квартал од 2020 година, пензиските фондови за релативно кратко време ја вратија и надминаа намалената вредност на средствата и постигнаа раст од 15 отсто, се вели во соопштението. За споредба, додаваат, согласно прелиминарните податоци на ОЕЦД средствата на пензиските фондови во земјите членки на ОЕЦД, во 2020 година пораснаа за 9 проценти, односно пораснаа за нешто повеќе од 1 посто во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Ова се нотира во Извештајот за состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување во 2020 година, што го изготвува МАПАС во рамките на предвидените активности кон стратегиската цел - Унапредување и одржување на стабилно и транспарентно капитално финансирано пензиско осигурување што ја има поддршката на членството и јавноста. Во 2020 година, посочуваат, се зголеми и опфатот на населението во вториот столб, односно 93 проценти од вкупниот број на осигуреници во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување или 56 посто од вкупното активно население се членови на вториот столб. - Иако бележеше раст, сепак учеството на населението во третиот столб е сè уште скромно, односно околу 2,7 посто од вкупното активно население се членови со доброволна индивидуална сметка и се учесници во пензиска шема со професионална сметка во доброволен пензиски фонд. Влијанието на неповолните движења на средствата на пензиските фондови во 2020 година за членовите во пензиски фондови со дефинирани придонеси зависи и од возраста на членот, но над 95 отсто од членовите во втор столб и над 91 проценти од членовите во трет столб се помлади од 50 години возраст, па се очекува овие краткорочни неповолни влијанија да бидат неутрализирани во годините кои членовите ги имаат до пензионирање, се вели во соопштението. Во текот на 2020 година во вториот столб се уплатени околу 9,3 милијарди денари, додека пак во третиот столб се уплатени вкупно околу 317 милиони денари, а во насока на обезбедување на ефикасен систем на капитално финансирано пензиско осигурување, од почетокот на 2020 година се намали и максимално дозволениот надоместок од придонеси што можат да го наплатуваат пензиските друштва во вториот столб од 2,25 на 2 отсто. - Пензиските друштва ги инвестираа уплатените придонеси и акумулираните средства придржувајќи се до регулаторната рамка и максималните инвестициски ограничувања, како и нивните интерни прописи и документи. Во споредба со минатата година немаше значајни промени во структурата на вкупното портфолио и на задолжителните и на доброволните пензиски фондови, додаваат од МАПАС. Во периодот од седум години, од 2014 до 2020 година, во задолжително капитално финансираното пензиско осигурување е остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 5,55 отсто во номинален износ односно 4,85 проценти во реален износ. На ниво на доброволно капитално финансираното пензиско осигурување, во седумгодишниот период 2014– 2020 година, како што посочуваат, е остварен просечен принос сведен на годишно ниво од 5,56 проценти во номинален износ односно 4,86 посто во реален износ. - Со цел да се пресретнат економските и демографските ризици и со цел обезбедување сигурна пензија за сегашните и идни генерации пензионери и долгорочна финансиска стабилност на пензискиот систем, пред 15 години, започна со работа комбинираниот пензиски систем од јавно, тековно финансирано и од приватно, капитално финансирано пензиско осигурување. Досегашните резултати од работењето на пензиските фондови потврдуваат дека капитално финансираното пензиско осигурување претставува особено значаен елемент во рамките на механизмите кои на граѓаните на Република Северна Македонија им придонесуваат во обезбедување на финансиска сигурност по нивното пензионирање. МАПАС низ годините обезбедува постојано функционирање, развој и унапредување на вториот и третиот столб, транспарентност и ефикасна супервизија на вториот по големина сегмент во финансискиот сектор во Република Северна Македонија. Во духот на нашата мисија, ги штитиме интересите на членовите на пензиските фондови и сме посветени на поттикнување на развојот на капитално финансираното пензиско осигурување. И понатаму ќе продолжиме да работиме на зајакнување на индивидуалните заштеди, со поттикнување на конкурентноста и флексибилното управување со портфолијата и проширување на покриеноста, истакна Максуд Али, претседател на Советот на експерти на МАПАС. По повеќе од една деценија од почетокот на работата на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, од март 2021 година започна со работа и третиот доброволен пензиски фонд - Триглав отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје, со што капитално финансираното пензиско осигурување брои вкупно шест пензиски фондови, три задолжителни и три доброволни пензиски фондови. мс/сст/

Остани поврзан