Мал диносаурус пронајден во Шпанија, научно „го пренапишува“ еволутивното дрво
- Истражувањето го сместува видот „Фоскеја“ близу до европската тревопасна лоза „рабдодонтиди“...
Кордоба, 4 февруари 2026 (МИА) - Фосили од мал новооткриен диносаурус ги тераат палеонтолозите да го преиспитаат обликот на еволутивните дрвја. Од муцката до врвот на долгата опашка, новите наоди во врска со скелетите од видот „Фоскеја пелендонум“ (Foskeia pelendonum), којшто одел на две нозе и се хранел со растенија - покажуваат дека овој тн. „рабдодонтид“ бил долг нешто повеќе од половина метар. Во исправена положба, ова суштество денес би достигнало во висина на коленото на човекот.
Палеонтолозите анализирале нови елементи на черепот од најмалку пет единки, откриени во Салас де лос Инфантес во северна Шпанија. Наодите говорат дека черепот на диносаурусот е „чуден и хипер-развиен“, ќе рече Маркос Бесера од Националниот универзитет во Кордоба.
- Минијатуризацијата не подразбира еволутивна едноставност, истакна проф. Бесера.
Истражувањето, објавено викендов во списанието „Трудови на палеонтологијата“, го сместува видот „Фоскеја“ близу до европската тревопасна лоза „рабдодонтиди“ (Rhabdodontidae). Пенелопе Крузадо-Кабалеро од Универзитетот де Ла Лагуна дополнува:
- Ова не е „мини-игуанодон“, туку е нешто фундаментално различно... Неговата анатомија е чудна токму на начин што ги пренапишува еволутивните дрвја.
Раководителот на истражувањето, Пол-Емил Диедон, од Националниот универзитет Рио Негро во Аргентина, се согласува.
- Од првиот миг кога секој ќе го види ова животно, се воодушевува од неговата екстремно мала величина... А сепак, зачувува високо развиен череп со неочекувани анатомски новитети, додаде Диедон.
Тјери Тортоза од природниот резерват Сан Виктор во јужна Франција рече дека диносаурусот „помага да се пополни празнина од 70 милиони години“, како „мал клуч што отклучува огромно исчезнато поглавје“. си/јт/
Фото: „Икс“