• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Мали и средни претпријатија од јуни проекти можат да поднесуваат за финансирање по трансграничната програма со Република Северна Македонија

Мали и средни претпријатија од јуни проекти можат да поднесуваат за финансирање по трансграничната програма со Република Северна Македонија

Софија, 27 март 2025 (МИА) - Околу пет милиони евра ќе бидат обезбедени за мали и средни претпријатија по Програма Interreg VI-A ИПП Бугарија – Република Северна Македонија, соопштија од Министерството за регионален развој и јавни работи. Целта на финансиската поддршка е да се придонесе за изградба на поконкурентна и одржлива бизнис средина во регионот преку стимулирање на економскиот раст и зголемување на можностите за инвестиции и соработка меѓу компаниите од Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Предвидено е повикот за аплицирање со инвестициски проекти да биде отворен во јуни оваа година. Средствата ќе бидат насочени кон: технолошка модернизација преку набавка на опрема и воведување на иновативни технологии; развој на иновации и примена на нови бизнис модели; подобрување на пристапот до пазари преку маркетинг, дигитализација и интернационализација. Тие ќе бидат насочени и кон стекнување на нови знаења и вештини за управување и развој на претпријатијата.

Проектите ќе имаат минимална инвестициска компонента од 65 проценти за опрема, вклучително во области како: развивање на технологии за циркуларна економија и рециклирање, воведување на еколошки иновации и чисти производствени технологии, соработка со истражувачки институции за трансфер на технологии, развој на пилот проекти за одржливи решенија, зелена интеграција на синџирите за снабдување и одржливо производство, користење на дигитални технологии за оптимизација на ресурсите, инвестиции во автоматизација и интелигентно производство.

Со дел од средствата ќе бидат поддржани и услуги за зелена трансформација, за сертифицирање и еколошко етикетирање, за спроведување на обуки за енергетска ефикасност и одржливост и др. Соодветни кандидати ќе бидат мали и средни фирми, со најмалку 51 процент приватен капитал, кои ги исполнуваат критериумите на Европската Унија. Поддршката ќе се обезбедува согласно режим на минимална помош, при 100 проценти неповратно финансирање на дозволените трошоци.

Максималниот износ на проектите е до 600 илјади евра, при што партнерството може да вклучува минимум двајца и максимум четворица партнери. Траењето на проектите ќе биде до 24 месеци. Вкупниот буџет на програмата е 31 152 400 евра, а целта ѝ е зајакнување на територијалното зближување во трансграничниот регион меѓу Бугарија и Република Северна Македонија (РСМ), се наведува на интернет страницата на Министерството.

Програмскиот регион ги опфаќа областите Благоевград и Ќустендил од бугарска страна и Североисточен, Источен и Југоисточен регион од страна на РСМ.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан