• четврток, 21 ноември 2024

Малите партии и нивната улога во Европскиот парламент 

Малите партии и нивната улога во Европскиот парламент 

Брисел, 23 јуни 2024 (МИА) - Пропорционалниот изборен модел за Евроизборите во Германија без цензус за учество во распределбата на 96-те мандати, овозможува места во Европскиот парламент да обезбедат и повеќе помали германски партии, кои немаат свои пратеници во Федералниот или покраинските парламенти во земјата. 

Така на последните Евроизбори осум германски партии кои освоија меѓу 0,6 и 2,7 отсто од гласовите обезбедија вкупно 15 пратенички места, што е повеќе од бројот на европратеници што ги даваат една третина од членките на ЕУ, како балтичките држави, Ирска, Кипар, Луксембург, Малта, Словенија и Хрватска. 

Меѓу овие партии се Левицата (ДЛ), либерално-конзервативната Слободни гласачи (ФВ) и социјал-либералната Волт, кои освоија по три европратеници, сатиричната Партија за труд, владеење на правото, заштита на животните, промоција на елити и изворна демократска иницијатива (Ди ПАРТЕИ), чија кратенка на германски значи „Партијата“ со два мандати и Партијата за заштита на животните (ТСП), Еколошката демократска партија (ОДП), социјал-конзервативната Семејна партија на Германија (ФД) и либералната Партија на прогресот (ПДФ) со по едно пратеничко место. 

ДЛ и ТСП се дел од групата Левица, ФВ од либералната група „Да ја обновиме Европа“, Волт и ОДП од блокот Зелени/Европска слободна алијанса (Зелени/ЕФА), а ФД од Европската народна партија (ЕПП). Ди ПАРТЕИ, кој е дел од Европскиот парламент од 2014 година, во периодот од 2019 до 2021 беше членка на блокот на Зелените, а сега не е и припаѓа на ниту една пратеничка група. ПДФ, кој е формирана во 2020 година, сега првпат освојува пратенички мандат и се уште не решила кон која група ќе се приклучи. 

Москва ги отфрла неоснованите обвинувања за вмешаност во кибер нападите врз германскиот Бундестаг во 2015 година и истите ги смета за обид за дискредитација на Русија, изјави претставникот на

Европратеникот на Слободните гласачи (ФВ), Енгин Ероглу вели дека и мала партија може да има солидно влијание доколку е членка на некоја пратеничка група. 

Просечната бројност на партиите членки на Европскиот парламент е околу 3,5 пратеници, па ФВ според Ероглу, спаѓа во „средните“ партии по големина.    

- Во моментов имаме 198 партии. Со тројца европратеници, Слободните гласачи не се мала партија, нагласува Ероглу. 

Поради непостоењето на законски изборен праг и во Шпанија, два европратеника доби левичарската популистичка партија Можеме (Подемос), а по еден каталонската сепаратистичка коалиција Заедно и слободни за Европа (Хунтс УЕ) и блокот на баскиски, канарски и балеарски регионалистички партии Коалиција за солидарна Европа (ЦЕУС). Подемос освои 3,28 отсто од гласовите, Хунтс УЕ 2,54, а ЦЕУС 1,61 проценти. 

Колкаво е значењето на малите партии покажа десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), која по приемот на три партии со по еден пратеник во средата, според бројот на мандати ги надмина либералите и стана трета по големина групација во Европарламентот. 

Имајќи го предвид ова, меѓу пратеничките групи се води жестока битка за привлекување на помалите партии, кои не и припаѓаат на ниту една европска партија или групација.  

Со цел да си ја повратат „бронзата“, либералите се обидуваа во своите редови да ја привлечат европската партија Волт, која покрај тројцата германски европратеници, освои уште два мандати во Холандија, па со пет пратеници претставува „солидна“ група.  

Досегашниот единствен пратеник на Волт беше дел од блокот на Зелените, но уште во текот на изборната ноќ, новоизбраната пратеничка на партијата од Холандија, Ана Строленберг изјави дека ја разгледуваат можноста за приклучување или на зелената или на либералната група. 

Иако, конечната одлука за ова прашање треба да се донесе на 25 јуни на заседание на раководството на партијата, сепак европратениците на Волт се изјаснија за останување во блокот на Зелените, нагласувајќи дека некои партии членки на групата на либералите имаат „премногу мек однос“ кон евроскептичната екстремна десница. 

Германскиот европратеник од редовите на Волт, Демијан Бозелагер изјави дека клучен фактор што ги натерал него и неговите колеги на ваквата одлука е фактот што либералната група не презема никакви мерки против своите членки како чешка партија Акција на незадоволните граѓани (АНО), која промовира популистички и екстремно десничарски вредности или холандската Народна партија за слобода и демократија (ВВД), која формира влада со екстремните десничари. Во меѓу време, АНО во петокот соопшти дека истапува од либералната група „Да ја обновиме Европа“

Проевропска федералистичка партија Волт беше формирана во 2017 година како реакција на истапувањето на Велика Британија од ЕУ и растечкиот популизам во блокот. Партијата, која себе си се опишува како движење, е организирана како „чадор“ на национални партии со истото име Волт во сите земји на ЕУ. На последните Евроизбори, листи на Волт, самостојно или во коалиција со други партии, имаше во 15 земји на ЕУ. Покрај ова, Волт има пратеници и во националните парламенти на Бугарија, Кипар и Холандија. 

Можноста малите партии да освојуваат места во Европскиот парламент, сепак е ограничена бидејќи освен во Германија и Шпанија во останатите земји кои даваат поголем број пратеници со што немаат висок природен изборен праг, постои законски утврден цензус, кој во Франција и Полска изнесува пет, а во Италија четири проценти.  

Сепак, овој мандат може да биде последен за малите германски и шпански партии, бидејќи се подготвуваат измени на изборното законодавство на ниво на ЕУ, со што би бил воведен задолжителен изборен праг веќе од следните Евроизбори во 2029 година, кој се очекува да се движи меѓу два и пет отсто. 

Според германската европратеничка Ансгар Хевелинг од Христијанско демократската унија (ЦДУ)/ЕПП, која е една од предлагачите на овие измени, воведувањето на изборниот праг е неопходно имајќи ја предвид „промената на партискиот пејзаж“. - Сметам дека е разумно да се спротивставиме на прекумерната фрагментација во Европскиот парламент и на тој начин да ја задржиме неговата функционалност, изјави Хевелинг. сп/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан