• петок, 12 јули 2024

Макрон: Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина се додека е потребно

Макрон: Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина се додека е потребно

Франција, 12 јули 2024 (МИА) -  Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина се додека е потребно, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на прес-конференција по завршувањето на самитот на НАТО во Вашингтон, пренесоа француските медиуми. 

-Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно. Токму во овој дух беа донесени важните одлуки овде во Вашингтон за да се направи нашата поддршка трајна и да се унапреди членството на Украина во НАТО, рече францускиот претседател.

Тој додаде дека прашањето за директното учество на НАТО во конфликтот во Украина не е на дневен ред.

-Иако нема директно учество на Алијансата во конфликтот во Украина, од суштинско значење е сојузниците да продолжат да даваат ефикасна поддршка. Русија не смее да победи во војната. Не само иднината на Украина, туку и мирот и безбедноста се загрозени на сите на континентот, рече Макрон.

Францускиот претседател на прес-конференцијата увери дека Франција ќе продолжи да ги исполнува меѓународните обврски, но одби да коментира внатрешно-политички прашања. Тој рече дека исто така ги уверил сојузниците дека неговата земја ќе продолжи да се придржува до своите меѓународни обврски.

Макрон, исто така, рече дека е легитимно унгарскиот премиер Виктор Орбан да патува во Русија и Кина во својство на унгарски премиер, но не во име на ЕУ.

За Бајден, Макрон рече дека имал детален разговор со него. 

-Искусен човек, бидејќи тој несомнено е околу преговарачката маса овде, еден од оние кои имаат најголема длабочина на визија за овие меѓународни прашања и чија цврстина како сојузник, неговото знаење и неговата приврзаност кон Европа се достојни за пример. Франција, Европа, Украина имаат голема среќа што имаат таква администрација, претседател посветен како него, кажа Макрон, мислејќи на Бајден. мс/

фото: ДПА

 

Остани поврзан