• петок, 22 ноември 2024

Макрон, Шолц и Камерон го повикаа Израел да избегнe натамошна ескалација во судирот со Иран

Макрон, Шолц и Камерон го повикаа Израел да избегнe натамошна ескалација во судирот со Иран

Париз, 15 април 2024 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон денеска го повикаа Израел да избегне натамошна ескалација на конфликтот со Иран, јавуваат светските агенции.

Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата вечерта, како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти. Израел ја отфрли одговорноста за нападот, кој се случи на 1 април.

„Сите сме загрижени за можна ескалација. Ситуацијата денес е многу нестабилна“, изјави Макрон за ТВ BФМ и радио РMЦ. 

Тој додаде дека ќе се обиде да преговара за прекин на огнот за време на Летните олимписки игри во Париз, во согласност со целта на Игрите за промовирање мир преку спортот.

„Начинот на кој Израел успеа со меѓународните партнери и оние на местото на случувањата да го одбие тој напад е навистина импресивен... Тоа е успех што не смее да се прокоцка и затоа ги советуваме да придонесат за деескалација“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц за време на посетата на Кина.

За време на вчерашната видеоконференција на лидерите на земјите од Г7, „можам да ви кажам дека нашата оценка за ситуацијата беше идентична. И нашиот апел е многу јасен: Иран мора да ја спречи оваа агресија“, рече Шолц, кој вчера ја почна тридневната посета на Кина.

Камерон го повика Израел да не возраќа на иранскиот напад и да не ги ескалира тензиите на Блискиот Исток. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан