• петок, 09 август 2024

Македонско еколошко друштво: Во Македонија недостасува центар за рехабилитација на диви животни

Македонско еколошко друштво: Во Македонија недостасува центар за рехабилитација на диви животни

9 август 2024

Во Македонското еколошко друштво од граѓаните ширум државата често пристигнуваат дојави за пронајдени повредени диви животни. Нашиот тим многупати досега направил се што може за да им помогне, во рамките на нашите познавања и ресурси, иако тоа е многу поразлично од нашите редовни обврски. За жал, можеме да издвоиме ресурси само за единки кои припаѓаат на исклучително засегнати видови (со мала бројност во земјата). Во неколку наврати изминативе години МЕД и Зоолошката градина во Скопје помогнале да закрепнат единки на белоглави мршојадци, штркови и други видови, единки кои потоа биле успешно вратени во природата.

Како и во минатото, овој понеделник Македонското еколошко друштво доби дојава за повреден царски орел на локалитетот Пониква. Станувше збор за млада единка, најдена од доброволното пожарникарско друштво. МЕД ги упати пожарникарите во Зоолошката градина во Скопје, каде што орелот беше згрижен, но за жал набрзо почина. Самиот факт што пожарникарите доброволци успеале да го фатат орелот, зборува за тоа во колку лоша состојба се наоѓал. Резултатите од рентген снимките покажаа дека не бил жртва на огнено оружје, и немал скршеници.

Стапката на смртност на младите грабливи птици е многу голема во природата. Кај конкретниот вид, само 10-20% од сите пролетани млади птици ќе дочекаат возраст за репродукција (3-4 години старост). И покрај тоа, заради долговечноста на возрасните единки, доколку заканите се мали, популацијата се одржува стабилна, или расте, како што тоа беше случај во Македонија до пред неколки години. За жал, во последниве неколку години гледаме благо намалување на бројноста, што најверојатно се должи на промените во живеалиштата, намалувањето на изворите на храна, колизиите и струјните удари со енергетската инфраструктура, но првенствено на опасноста од отровни мамки поставени за труење на волци и кучиња. Непознати остануваат ризиците од пестицидите кои се користат во земјоделството, и од конзумирањето на оловни сачми останати во телата на животни кои биле цел на лов.

Во отсуство на центар за рехабилитација на центар за диви животни, Зоолошката градина во Скопје ги има најдобрите услови за закрепнување на ваквите животни, затоа ги поздравуваме нејзините напори за да помогне. Македонскиот систем не е подготвен соодветно да реагира на случаи во кои се повредени диви животни. За разлика од кај нас, во Бугарија и Грција постојат специјализирани центри за рехабилитација на диви животни. Кога на Шар Планина беше пронајдено повредено мече, нашиот тим најпрво го згрижи во Скопе, а потоа издејствува и транспорт на мечето во Грција, каде што тоа и покрај што беше со неподвижни задни екстремитети, со помош на специјализирана нега живееше уште шест години. Во 2017 година, кога добивме дојава за повредено младо од рис во Кичево, нашиот тим издејствува тоа да биде згрижено во Зоолошката градина во Скопје. И покрај големите напори, тоа беше во премногу лоша состојба и по само една недела угина.

Телото на орелот моментално е предадено на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ, каде што каде што ќе биде извршена обдукција, а резултатите ќе ги споделиме со јавноста и релевантите институции.

Односот меѓу Зоолошката градина во Скопје и Македонско еколошко друштво низ годините претставува пример за соработка меѓу државните институции и граѓанскиот сектор.

Македонско еколошко друштво

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан