• петок, 22 ноември 2024

Македонско-словенечки бизнис форум за влијанието на климатските промени и геополитиката врз управувањето со ризици и бизнисот

Македонско-словенечки бизнис форум за влијанието на климатските промени и геополитиката врз управувањето со ризици и бизнисот

Скопје, 7 февруари 2024 (МИА) - Разгледување на влијанието на словенечките компании кои се веќе присутни во земјава, изнаоѓање на синергии за идна соработка, како и на кој начин да се сврти вниманието кон сите постоечки и очекувани локални и глобални предизвици е целта на бизнис форумот насловен: „The water is rising: Running a Business while Managing Crises“ што денеска се одржува во Скопје со повеќе од 150 учесници.

На настанот, организиран од Амбасадата на Република Словенија заедно со Здружението на словенечки и македонски претприемачи, Стопанската комора, Институтот за стратешки решенија и Спирит Словенија, се разгледува влијанието на климатските промени и геополитиката врз управувањето со ризици и бизнисот, како може да се дешифрира динамиката на ризикот што брзо се развива во денешниот свет и како глобалните настани влијаат на нашата локална средина и регион.

-Ова е првиот бизнис настан откако сум тука во Македонија како амбасадор на Словенија. Го организираме заедно со Бизнис клубот на словенечките и македонските бизнисмени со Комората на Северна Македонија со Спирит Словенија. Целта на настанот е да се разговара за можностите за проширување на бизнисот помеѓу Северна Македонија и Словенија кој и сега е прилично голем, изјави словенечкиот амбасадор Грегор Прескер пред почетокот на настанот. 

Нагласи дека соработката на полето на стопанството помеѓу Словенија и Северна Македонија е голема и додаде дека токму преку вакви настани се бараат и други можности за продлабочување на соработката.

-Овде имаме многу компании кои се уште се присутни на вашиот пазар и имаме нови компании кои сакаат да се присутни на вашиот пазар. Тие бараат нови можности да се развива бизнисот, да се проширува соработката и да се зголемува инвестицискиот тренд помеѓу нашите држави. Повеќето од учесниците на настанот се од оние коишто се уште се присутни на вашиот пазар, но има 10-ина кои се дојдени од Словенија. Ова е прв настан откако сум овде како амбасадор и се надевам дека ќе имаме повеќе вакви настани, потенцира Прескер.

Војдан Јорданов, извршен директор во Триглав осигурување и претседател на Управниот одбор на Здружението на словенечки и македонски стопанственици во Македонија, односно Македонско-словенечки бизнис клуб вели дека секогаш има заинтересирани потенцијални инвеститори од Словенија и додава дека само ни се потребни добри проекти за да ги привлечеме.

-Најмногу од гостите на настанот доаѓаат од Македонија, меѓутоа имаме и гости од Словенија со коишто ќе разговараме за потенцијали за економска соработка, особено поврзано со темата на глобалните кризи со коишто сега се соочуваме, односно промената на глобалните синџири на достава, на глобалните начини на работење, на војните коишто ни се случуваат, меѓутоа најголем фокус ќе биде ставен на природните непогоди. Заедно со нашите пријатели од Словенија ќе разговараме за можностите за регионална соработка коишто ќе ни помогнат ние како регион да станеме поконкурентни во периодот во којшто се соочуваме со оваа глобална криза, изјави Јорданов.

Посочи дека секогаш, па и на денешниот настан има заинтересирани инвеститори за добри проекти. 

-Словенија како земја е во 10-те најголеми инвеститори во Македонија од осамостојувањето до денес, така што секако има континуиран интерес. Поединечна инвестиција не би можел да одвојам сега како податок, меѓутоа секако дека постои интерес за инвестиции од Словенија. На бизнис форумот има претставници или на истражувачки институти или компании коишто ги разгледуваат своите опции за инвестиции. Лани бевме сведоци на една голема енергетска инвестиција од Словенија, така што верувам дека наскоро ќе следува и нешто друго, порача Јорданов.вј/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан