• среда, 15 мај 2024

Македонски претставници на обука организирана од „Академијата за криминал против дивиот свет“ во Шпанија

Македонски претставници на обука организирана од „Академијата за криминал против дивиот свет“ во Шпанија

Скопје, 26 април 2023 (МИА) - Вкупно пет учесници од различни и релевантни владини институции и организации од земјава учествуваа на третата обука организирана од Академијата за криминал против дивиот свет, што се одржа минатата недела во Малага, Шпанија.

Како што информира Македонското еколошко друштво (МЕД), учесниците од нашата држава се обучуваа заедно со уште 39 учесници од девет европски земји и се здобија со квалификации во оваа високо напредна и специјализирана област.

-Обуката има за цел да им помогне на претставниците на релевантните институции при гонењето и осудувањето на криминалците кои му штетат на дивиот свет, да служи како пречка за потенцијалните престапници и на крајот да ги минимизира злосторствата против дивиот свет, а со тоа да се спаси животот на загрозените видови, се вели во соопштението од МЕД. 

Обуката беше организирана од „Фондацијата за заштита на мршојадците“ и „Junta de Andalucía“ како дел од проектите „BalkanDetox LIFE“ и „LIFE with Vultures“ финансирани од ЕУ. 

- Нашата земја се соочува со еколошки криминал за кој, за жал, нема ефективна истрага и соодветна надлежност. Оваа академија ни обезбеди низа алатки со кои ќе ги зајакнеме нашите национални капацитети во однос на ова прашање. Сепак, ова е само почеток и потребни се колективни напори и решителност за да се искорени криминалот со дивиот свет во Северна Македонија, изјави Арта Старова, проектен асистент во Македонско еколошко друштво и учесник на Академијата за криминал против дивиот свет.

За време на првата и втората обука учесниците беа едуцирани како да спроведуваат систематски прегледи и да собираат и да обезбедат докази. Дополнително, беше опфатено користење на кучешки единици и идентификација на измама преку говор на телото. Исто така форензиката беше вклучена како клучен дел од истрагата и се анализираа докази за да се развијат објективни наоди преку кои ќе може да се откријат причините за смртта на видовите, па дури и да помогнат во гонењето на сторителите. 

- Европа доби 44 нови експерти од девет земји, за истражување и анализа на криминалот во дивиот свет. Импресионирани сме од нивната непоколеблива посветеност во борбата против криминалот со дивиот свет и веруваме дека нивната експертиза ќе направи вистинска разлика во спречувањето на нелегалната смртност и во поддршката на напорите за зачувување на загрозените видови. Нашите учесници на Академијата за криминал во дивиот свет веќе ја добија првата пресуда за нелегално труење на диви видови во Кипар, изјави Јован Андевски, менаџер на програми во Фондацијата за заштита на мршојадците и координатор на Академијата за криминал против дивиот свет.

Според податоците на МЕД, во последните 20 години во земјава отруени се најмалку 80 единки од пет различни видови, при што најзасегнат е белоглавиот мршојадец. Од другите видови кои се многу подложни на оваа закана се египетскиот мршојадец (кања), царскиот орел и златниот орел.

-Користењето на отрови во минатото веќе доведе до исчезнување на два вида (брадестиот и црниот мршојадец), а сега пред таква закана се и белоглавиот и египетскиот мршојадец, наведува МЕД. мд/са/

Фото: МЕД 

Остани поврзан